What's in your case?

Не сум човек по теркови

Изминаа повеќе години откако го гледавме квизот „Tko želi biti milijunaš“ на хрватската телевизија. Да, имаше супер интересен концепт, можност да се научат многу работи, но едногласно да си признаеме –  тој немаше ни отприлика да биде толку возбудлив и популарен без водителот, а глумец по професија, Тарик Филиповиќ. Можеби и вие сте се запрашале, која е тајната на зачудувачкиот спој на емотивност, духовитост, неверојатен шарм, но во исто време и човечност и топлина? Успехот со леснотија да се соживее со секој учесник во квизот, давајќи му динамика и наративна целина, а истовремено и да го одмора гледачот, да вдахне толку убава енергија во просторот, едноставно да плени! И додека ги следев емисиите, не можев а гласно да не извикам: „Ах колку би сакала да го запознаам овој човек!“.

Беше голема радост кога дознав дека ќе гостува со неговата монодрама за легендарниот фудбалски селектор Ќиро Блажевиќ во МНТ во Скопје, со чија изведба и неоспорен талент нè воодушеви. Ми беше чест и задоволство што ќе го интервјуирам и лично ќе го запознаам. Тој зрачи со посебна енергија и се чувствувате дека го знаете веќе со години. Дознав што е она што го инспирира, повеќе за неговиот стил, што секогаш пакува во неговиот куфер, за начинот на живот и карактер, сублимирано во една, би рекла, лична приказна. Тој ужива во малите нешта. Сè што прави во животот, и како се однесува и што носи, не го прави за некому да се допадне, туку за себе. Ми кажа дека зад себе има толку плодна професионална историја која бележи околу 4000 изведби и претстави, замислете! Но, токму заради тоа постојат големите, а сепак толку „едноставни“ луѓе – да остават трага.

Уживајте во интервјуто подолу.

Спомени од детството, што прво ви паѓа на памет?

Па, јас сум дете кое порасна во Босна, во Зеница, и имав убаво, весело детство, со многу изринати колена, качувања по дрва, играње фудбал. Така што сеќавањата ми се навистина убави, па би сакал и моите деца да ги имаат истите доживувања, а не само да комуницираат по друштвените мрежи. Иако, Зеница беше доста немилосрден град но, како и отслужување воен рок, те прави посилен за она што те чека во животот.

Кој беше пресудниот момент да се бавите со глума?

Јас сонував да бидам фудбалер, бев супер талентиран, но бев спор, моториката не ми беше баш јака страна. Па бидејќи не успеав како фудбалер, потоа пробав да се бавам со кошарка. Во тоа време мојата постара сестра веќе беше ,,мала“ ѕвезда на детската сцена во театарот, играше главни улоги и за една аудиција ме посочи мене баш со овие зборови: „Имам јас еден луд брат дома. Нè забавува, кажува вицови, имитира“. Потоа ме донесоа таму на една проба и тогаш го почувствував мирисот на театарот и се заљубив во сето тоа. На 11 години бев сосема уверен дека ќе бидам глумец, а на 13-14 дека ќе студирам во Загреб. И навистина така и беше. Јас сум човек од збор. :) На жената на еден мој роднина, кога имав 10-11 години, толку ми се допадна, живееше во Швајцарија, ѝ реков дека ако некогаш се женам, таа ќе ми биде кума. И не заборавив. Имам многу пријатели кои плачеа бидејќи не ми беа кумови но им реков: „Ветив, и тоа е тоа“. А таа беше во шок како на тоа воопшто се сеќавам.

Во што наоѓате најголема инспирација?

Знаете што, јас мислам дека сум од оние прилично едноставите луѓе и мене повеќе ме веселат малите работи. На пример, еве, повеќе се радувам на една добра шоља кафе отколку да купам нов автомобил, да речеме. Така, имам некои чудни канали на емоција. А инспирација наоѓаш во сè кога се бавиш со некој вид уметност и кога Бог ти дава можност за нешто такво. Тогаш навистина црпиш…Мене луѓето ми се инспирација, ликовите кои ги глумам во театар, црпам од вас, од оние кои ме опружуваат…Од сечии очи пробувам да ја впијам енергијата, да ја почувствувам…тоа е основно. Учиш и од децата. Она што се вели, човек учи додека е жив. Секогаш, секаде и од секого. Е сега, ако знаеш да препознаеш што треба да „земеш“ од некој, е тогаш си „на коњ“.

А со што се бавите кога немате работни обврски, како ви проаѓа денот?

Со секојдневни работи, како одење на пазар, играње со децата, малку фитнес, играм бадмингтом со пријателите, сакам добра вечера, гледање спортски натпревар, уживање во добро вино заедно со жена ми. Сè уште такви хедонистички работи ме интересираат. :)

Koj професионален ангажман досега најмногу ве исполнил?

Имам одиграно навистина голем број претстави. Во едно ток-шоу луѓето се шокираа кога слушнаа, имам околу 4000 изведби и претстави. Сум имал претстави кои сум ги играл по 200 пати, по 300 пати. Сум играл во големи дела од книжевноста, на пример, во „Хамлет“, „Јулиј Цезар“, имам направено 3 авторски претстави, две со Рене Биторајац, една сам. И секако, на луѓето кои не ме гледаат преку театарот, перцепцијата им е преку квизот „Tko želi biti milijunaš“ или преку некоја серија. Но јас велам подобро да те знаат по нешто отколку по ништо. Сакам претстави со кои некого ќе насмеете. Но, не такви во кои само ќе има „зезање“ туку да раскажеш приказна, да дадеш емоција, да допреш до срцето и душата, го сакам тој сплет на работите во една претстава. Со „Ќиро“ тоа ми беше целта и мислам дека успеав.

Кога сме кај претставата, кој ви беше мотивот да припремите монодрама баш за легендарниот Ќиро Блажевиќ?

Кога хрватската фудбалска репрезентација во 1998 година беше трета во светот, тој ја донесе во „мојот“ театар „Керемпух“ во Загреб, и тогаш се запознавме: „Мали, од каде си ти? – Од Зеница, „Јас сум од Травник“. Тоа е на 20 минути од Зеница. И така, „кликнавме“. Како што го запознавав сè повеќе, неговиот живот ме интригираше. Прво си викав, „Уф што добар филм би се направил од неговата животна приказна“. Но, потоа си реков „Па зошто да не направам претстава“. Не сум сонувал да направам монодрама бидејќи за секој глумец е поубаво да игра со партнер, да се потпреш ти на него и тој на тебе, има игра, но во исто време монодрамата е и голем предизвик. Да бидеш сам на сцената еден час и половина, отприлика, не е лесно. Но, прво требаше да добијам согласност од Ќиро. Имав идеја која ми беше во глава со години. Меѓутоа тој не беше баш за тоа и мислеше дека ќе биде „проштална песна“. Ако издадеме за него книга, ако направиме претстава или филм, дека после тоа ќе си отиде од овој свет. Потоа како што се дружевме повеќе и откривав повеќе детали, го наговорив дека никој немал претстава за сопствениот живот (книга, да, па и филм). И некако попушти. И потоа пола година со драматургот Антонио Габелиќ го работевме текстот и ете излезе претставата со која сум баш задоволен.  Видовте дека во неа пробав да го прикажам она најинтересното од неговите случки, а да не изоставам нешто и од приватниот живот.

Која е вашата мисла-водилка?

Не сум човек по теркови. Немам омилено јадење, боја или тип на жена. Но секогаш сум го помнел она познатото „Не го прави она што не сакаш тебе да ти го прават“. А моја мисла-водилка, онаа како што ја имаат на Инстаграм во описот, како знак на распознавање :), за мене е еден стих од Енес Кишевиќ, глумец и писател: „Птиците не пејат за некој да ги слушне, туку си пејат за самите себе“. Така што сè што правам во животот, и како се однесувам и што носам, не го правам за да се допаднам некому, туку за себе. Не ме интересира што ќе рече „чаршијата“. Секако, освен претставите, кои ги правам за луѓето. Навистина не сум човек кој прави нешто само затоа што така треба да биде. Мислам дека тоа е рецепт за човек да биде колку-толку среќен во животот. Да не си во грч, да си опуштен.

Имате ли можеби некое парче облека кое има емотивна вредност за вас?

Па сè она што имаше емотивна вредност, повеќе не го носам. Во времето кога беше потешко да се дојде до кожни панталони или чевли или автомобил, повеќе ги ценевме тие работи. Како што си го сакав и првиот автомобил, буба, 71 годиште, автоматик, така си сакав и едни кожни панталони и чевли. А сега, да речеме, кога ќе купиш автомобил кој е поскап, немаш некоја посебна емоција туку го гледаш само како превозно средство. Јас таа буба ја гледав од прозор, за некој случајно да не ми ја украде, постојано ја имав „на око“.

Дали сметате дека луѓето можат да ги изразат своите карактерни црти преку начинот на кој се облекуваат?

Мислам дека облеката во добар дел го чини човекот. Можеш да препознаеш дали некој се грижи за тоа или не. Некоја девојка да речеме која и не е толку згодна, кога има стил, привлекува внимание. Не сакам крајности, ни во облекување, не сакам и кога некој премногу внимава. Тешко е да го изразиш стилот. Еве мојата жена е повеќе модно и стилски освестена. Кога и да облечам нешто и ќе ја погледнам во очи, а мислам дека имам вкус за облекување, таа малку чудно ќе ме погледне. Таа би сакала малку повеќе некои работи да ги носам во склад со своите години и да не експериментирам, а јас сè уште некогаш знам да склопам „помладалачка“ комбинација.

 

Кој е вашиот личен печат во облекувањето? Што секогаш носите со вас кога патувате?

Сакам сакоа, но обожавам кошули. Баш ги сакам. Црна и бела. Би носел цел живот црни и бели кошули. И долу со фармерки или панталони. И не го доживувам како класична комбинација, туку како Мики Рурк момент во оној филм кога имаше исти одела и кошули. Сакам и бои, посебно пастелни. Но, црна, добра кошула, и бела, тоа е задолжително. Мора да ги имам, испеглани. На тоа можеш секакви комбинации да направиш.

Низ кои модни фази минувавте низ годините?

Јас бев дете кое израсна на рок и панк музика. Па, имаше периоди кога носев кожни панталони и куп прстени по рацете. Сум купувал и во „second hand“ продавници, нешто што мојата сопруга никогаш не би го направила. Ќе го однесеш на хемиско чистење и потоа го носиш. Баш уживав. Наоѓав најнеобични работи таму. И не гледав на тоа дека носиш нечија енергија, тоа ми се глупости. Додуша и тоа беше фаза кога човек и не може да си дозволи баш многу работи, но знаев да живеам и без куна во џебот, па би рекол дека не сум баш зависен од тие работи.

Што прво приметувате кога ќе запознаете некој човек? Со што успева да ви го задржи вниманието?

Очите. Тие многу „кажуваат“. По нив се водам. Во моите може да се „прочита“ многу, многу.

Која е најлудата работа која досега сте ја направиле?

Доста лудости имам направено во животот. Но, не за некој да ми рече „Леле колку си луд“, туку навистина сум „таков“. :) Не баш лудости… не знам, добро дете бев, но палаво, што се вели „шејтан“. Еве неодамна, не е лудо, но, на сопругата и напишав песна, поезија, и ја снимив во студио со музичка поткрепа.

Најдобрата работа која ви се случила досега?

Дефинитивно раѓањето на моите синови, Арманд и Дино. Тоа фрли сенка на сè останато.  Таа љубов е нешто посебно.

На кого најмногу се восхитувате во филмскиот свет?

Никогаш не сум имал идоли во тој свет. Моите идоли беа фудбалери. Но отсекогаш сум ги ценел, Роберт Де Ниро, Ал Пачино, Марлон Брандо, Џек Николсон. Еве сега Шон Пен ми е еден од омилените.

Имате ли некоја „мантра“ пред да се појавите на сцена?

Имам, да. Секој глумец сака да се опушти, дали физички или психички. Јас имам свои 15 минути концентрација, кои тешко би можел да ви ги опишам. Јас сакам да бидам сам пред претставата на кратко за да соберам енергија, да се „ресетирам“. Не сакам и прерано да дојдам во театар, на пример 2 часа пред претставата, тогаш па ме фаќа  нервоза, не знам што со себе. Доаѓам половина час пред преставата и тогаш имам време за сè.

Кој е најдобриот совет кој некогаш сте го примиле, а кој пак вие би го дале?

Хм…па мислам дека најважно е да не правиш никому зло. Ако не можам да ти помогнам, нема да ти одмогнам сигурно. Така што кога ќе налетам на некого кого и не го познавам и има лоша енергија спрема мене, а со ништо не сум ја заслужил, отсекогаш сум се прашувал зошто е тоа така. Голем емотивец сум, па никогаш не сум ја сфаќал човечката злоба во права смисла. Никогаш не сум бил ни љубоморен па да кажам „Леле зошто некој има нешто, а јас не“, туку тоа ми дава мотив за и јас да работам во правец да го постигнам. Мислам дека треба да бидеме, како што велат во сите религии, браќа и сестри. Кога би било така тогаш нема ни да има проблеми, војни…но ете, „Никогаш немало повеќе верници, а помалку вера меѓу луѓето“.

Кој е вашиот најголем страв?

Кога ќе добиете деца, сите стравови паѓаат во вода. Порано се грижев за себе, а сега би се дал себеси за своите деца. Ми беше непријатно да се возам со авион, а често патувам…страв од смрт, но ви велам, во главата секогаш ми е „Само децата да ми се добри, па сè останато ми е помалку битно, не се плашам од ништо“. А се плашиш, како и сите луѓе.

Омилена песна или група и зошто баш тие?

Еве кога би морал да одвојам…би се навратил на периодот во средно училиште, кога музиката навистина има „допрено“ до мене на посебен начин, „Екатерина Велика“, „Леб и сол“, „Лачни Франц“, „Парти брејкерс“, „Азра“, ги слушав и „Мизар“, единствено тогаш, како и бубата што ја спомнав, ја обожавав музиката. Сега ја сакам, но не ми е начин на живот. „Екатерина Велика“ е мојот омилен бенд и „Индекси“ кои почнав да ги слушам малку покасно. Јако ме „купија“. Како и Арсен Дедиќ и Јосипа Лисац. Како дете не ги сфаќав сериозно, а сега гледам дека се големи како Пелистер.

Која книга ви има оставено најголем впечаток?

Читам генијални книги, но секогаш се враќам на Иво Андриќ, Меша Селимовиќ. Не знам, можеби поради поднебјето од кое доаѓам, но „Дервишот и смртта“ и „Мостот на Дрина“ се ретки книги кои ги имам прочитано повеќе пати. Не сакам да гледам филм два пати ниту пак да читам книга по втор пат, а тие книги ги имам препрочитувано. „Мостот на Дрина“ е многу повеќе од книга. Тоа е една цела животна филозофија.

На што ве имаат научено вашите деца досега?

Децата ме имаат научено никогаш да не го потиснувам детското во мене. Еве да ви кажам јас сум ужасно „големо дете“ и некогаш можеби навистина сум предетинест за моите 46 години. Но, некако имам чувство дека ако тоа го снема ќе ми се исклучат моите животни рефлектори. Јас и ден денес собирам сликички од албум за светско првенство во фудбал. Се радувам на тоа. Близу театарот има едно училиште, па јас и мојот колега Рене се менувавме со сликички со децата.

Кога сте во Скопје кое место секогаш го посетувате и со кого најчесто се среќавате?

Имам неколку луѓе со кои се гледам кога доаѓам. Олга Костовска, со која се познаваме веќе 15 години, Александар Поповски, мојот омилен режисер, Каролина Гочева, Весна Петрушевска, Вики. Ете тоа е мојата екипа. Еден мој комшија од Зеница, Мирче, кој е од Скопје, но долго живеевме во Зеница врата до врата, па израснавме заедно. Имам драги луѓе кои секогаш ме носат на различни места така што ми откриваат нови ресторани и кафетерии.

Откако последен пат бевте во Скопје па до сега, што мислите дека се сменило во градот?

Многу работи. Јас доаѓам тука од 95та доста често, еве да речеме барем еднаш годишно, дали поради претставите или некои други обврски. Мислам дека малку повеќе требало да се планира изградбата. Не сакам никого да навредам и не сум против тоа да се претстави историјата на тој начин, но мора да се има некој ред и план. Како што мислам дека човек треба да се прилагоди во државата во која доаѓа или живее така мислам дека и односот спрема градењето мора да биде во склад со поднебјето, традицијата…малку по малку, повнимателно. Едно од моите начела во уметноста е она „Помалку е повеќе“, но во скопската архитектура очигледно важи обратното. :) Уште еднаш ќе речам дека не сакам никого да навредам. Го сакам Скопје и овој менталитет, убаво се чувствувам. Во Македонија се осеќам баш посебно пријатно, навистина. Веројатно поради луѓето, топлината ми одговара. Слично како во Босна, каде што пораснав, луѓето се отворени, искрени. После втората чашка, се пее. :)

 

Spread the love

Leave a Reply