Дап, ова е коментарот на мајка – уметник што сака да израсне „син естета – човек што ќе знае што сака и што бара во животот”. Е драги мои, додека ова себство да се развие во модерен „Мора да е различно” тип на „багабонт” против гадни фасади, родителот, благо речено – ќе го „јаде”. Бидејќи денес е денот Д!

Во негова чест, се мушнав у огромна хистерична прашинасоставена од (судејќи според кутијата слики) цела гама бактерии, кои полетно се упатија кон мојот нос. Датата кога последен пат оваа митолошка комора на бактерии е отворена, веројатно кореспондира со независноста на државата ни. Затоа, Лоратадинче за да не припаднам од алергија, гас маска како дупла секјурити мерка, многу ентузијазам за да ви претставам една забавна прича и – Јабадабаду! После досегашните муабети „во ракавици” – отвораме гард, спремен за лево кроше од смеење и десен аперкат полн шминка која, кога ќе се начукаш на први, ја јадеш ко ѓеврек со сланина од „Силбо“ во рана зора.

Драги мои Донови и Донќињи, „применета уметност” на тема Априлили, кога га… задникот (културно изразувај се, побогу!) ни свири, со посебен осврт на едно забавно детство. Плус, ќе си земам за слобода, да прокоментирам 5 маски кои верувам дека со полно срце ќе сакате да ги избегнете годинава.

Ајде, одиме до 31 март, 199 и некоја…

…кога, според менталните мемоари на моја мадре Лира, се појавила мојата „садистичка” потреба да имам Бартоновски изработени костими за Априлијада. Јебига, и млад ум, растен во естетска атмосфера, со костимограф и архитект по дома, прима синтеза на оригинални воздушни струења. Ај добро, да не се лажеме, Спајдермени, Супермени…хероите со кои сме растени. Воедно и инспирација за првите костими. Она што е интересно, е процесот на изработка и оценка од, тогаш малиот јас, што „сакам, а што неќам да носам”. Пазете ја оваа Хашко-трибуналска уцена за идење во школо. Ма, неќам да чујам! САМО, и само доколку Лира и Раде, не потпишат Меморандум за здраворазумско однесување и комплетно исполнување на желбите на драгоцениот, за нив, прцул. Желби кои низ годините, мигрирале кон поразумни сервери, еволуирале, се развивале, за денес, РЕЧИСИ да ги снема. Речиси. Хихи.

За да ја разберете логиката, предлагам да поминеме неколку анекси на овој Меморандум. Значи, за да Сатја оди во школо, Лира и Раде, низ годините, требале:

  • Да направат кожни (аха, мало сутра. Од скај.) ЧИЗМИ, исти како на Спајдермен (оној првиот, со округли „очи” на маската). Но тоа не е се! Чизмите мора да имаат „пајажина” на нив. Според правецот на ногата. Во секој друг случај (претпоставувам) следувал лавовски крик на незадоволство кој те тера да си ја бутнеш главата во земја ко ној. Си кроеле чизми, па штепот на средина „многу се гледал, не така”, па „ама зошто напред се таквииии”, па ”ама јас не сакам со патики да ги носам одоздола, сакам да се гази на нив”. Некој сака да ми удри чаша од глава? Полека, се загреваме.
  • Зоро маската МОРАЛА да биде со ИДЕНТИЧНА текстура како таа на Бандерас. А бе Бандерас из наше забавиште. „Ама Сатја, тоа е специјален материјал со рачен вез, а денес е 30-ти. Раде е во хаос. Дај да ја направиме од трико, никој нема да ја види!”. Аха, ти ќе ме возиш! Нема шанса. Сакам таква и точка…Аа, да. Мечот, од Вучко, не „минвит”. Пластичен е. Треба да е „подруг материјал”. За авантурите и митските потраги по аксесоарите за Сатја на костимографите Лира и Раде, треба нов блог. Верувам дека потрагата на Лијам Нисон по ќерка му, ќе ви изгледа како вожња на количките у парк. Ова било напорно како догледување на опера во 100 чина без да заспиеш – тешко, речиси невозможно. Арно ама, Колозови во нивните маестрални улоги често велеа дека на маката се познаваат јунаците.
  • Супермен – е ова бил предизвик. Од увек сум го сакал. Од кога Кристофер Рив го екранизираше во таа блесаво гадна плава трикотажа. АМА! Он ко рефлектор – Сатја ко рефлектор. „Сатја, злато, Само на Матекс сме спаднати за материјали, каде да најдеме таква ликра? Македонија е ова (рачунајте 90-ти, ужас), не е ЛА”. А јас – „е да бе, мамо, нема! Не сте побарале!” – ако е ова вистина, се самоказнувам со десет голицкања на непце на гладен лав. Нејсе, нашле! А логото – прича за себе. Сите забегани фанатици, знаат дека стриповски, логото на човекот од Криптон, се разликува во различни фази и од цртач до цртач. Е тогаш, морало да е исто ко на филмот. Рачно сечен скај е тоа на сликата, не ве лажат очите…
  • Да ме направат дебел ко Обеликс. Аха. ДЕБЕЛ! Со стомачина, ко Депардје. Мајко моја, мила. Наравно, не треба да спомнувам дека генијалнава идеја пристигнува во еднодневен, најмногу дводневен период пред Априлијада. Среќа и двајцата, низ годините минати по нашите театри, научиле да работат „за вчера”, воедно да бидат махери за работа со тоа што се има, без кукање за тоа што кај нас, реално, го нема. Работата тргнала, според нивни зборови, со сериозна дебата за кроење на пантолони со „фишбајн, кои ќе паѓаат така за и нозете да му изгледаат дебело. А материјалот, бидејќи го нема, ќе го скроиме посебно во риги. Најдолу, такоџе фишбајн за да даде форма.” Не мора ништо да разберете, нивото на дебатата е битно. „Цедење”, до плетенките на периката, која воедно е фарбана сабајлето пред да тргнам во школо.

Да смислат нешто „што нема да биде никој”. Ок, ова е веќе фаза на креативно дефинирање. Ајде, ќе правиме, петел…на ролери! За оваа маска и некоја награда добив. Сунгери за опаши, рачни цртежи, сечење реси, петловска кикиритка…Ова веќе мачкина кашлица било, во споредба со претходните.

  • Едноделен Тимон, и точка. Далеку од Хакуна Матата – напротив, еден тон „туфкања”. Ама нели, искуството не прави посилни! Тимот функционира беспрекорно, и нитуедно „Ким Јонг Ун-ово барање” не може да претставува изненадување за Л и Р. Резултатот –го гледате.
  • Индијанец – тоа е последната маска за која ми текнува дека се работела и била „решавана” со комисија налик онаа за одбрана на магистерски тези. Еден тон ситници, веќе сум почнал и да „заќерам” – ова вака, ова не вака, ова полево, ова подесно, ресите не се исти – не може, и слични ми ти „рабоќе”.

Ова е дел. Нинџа желки со оклоп кроен по послужавник, Бетмен со еластична маска за да можам да ја мрдам главата (дека нели „оригиналниот” Бетмен од Бартон до Нолан, има проблем со тоа. Пис оф кејк! ), Спајдрмени со језиво обработени детали, се дел од портфолиото „Сатја за Априлијада”. Да не ве трујам. Она што, додека вешто го извршував рударскиот занает копајќи по фотките на фамилија Грабул ме фасцинираше, беше една маска од градинка. Историјатот – Лира донела бои од Париз за да ме нашминка. „Туфните” по алиштата, од Лафајет, такоџе. Импресивно, уште некој да го препознаел тоа. Но, не е ни битно тоа што никој не го препознал, друг е муабетот – интересен е фактот дека, уште од кога сум бил колку пивско шише, се „инвестирало” во мојата креативност. Не било тоа мајчин каприц, јас сум го сакал тоа. Сум сакал да бидам со единствена маска во класот, или школото. Вучко ?! Кили би клапнал перфектно тука со неговата Аристотелова „не ме кхм”.

Верувам дека сите сме го сакале тоа. Први Април бил крај на свет. Вака и точка! Само јас! „Ама сине, скапа е за играчка за еден ден”. Не ме занима! Ова е клиначки, ок. Сепак има интересна психологија овој празник и зошто баш децата се возбудени близу левел „10-ти јуни”.

 

Некои би рекле „детска наива” – напротив, ова е на другиот колоритен спектар од наивноста. За жал, со текот на годините, спласнува. Гледам и по себе – три, четири години сум досаден ко македонски фудбал. Јамајканец. Да не ми купи Лира нешто, ни капа нема да сменам – многу си ја „поштувам” една New Era, таа ми е коњак за Априлијада. Али не е добро тоа, другари. И другарки. Не е добро тоа што, по скопски, стануваме „тапа“. Добро е, што макар еден ден во годината, будиме една фасцинантна особина во себе –го отстапуваме менаџерското место на нашата радозналост. Или љубопитност. Некои копаат по шминки, други се ставаат во раце на професионални мејкап артисти. Дури и костими се шијат за журката на 1-ви. Сè е тоа супер, и го признавам како легитимно и такво. Сепак, во суштина лежи фактот дека – денес, сите сме слободни! Макар во визуелна смисла.

Убаво е, нели?

Денес нема да бистриме, рековме, само „применета уметност”. За да спречам какви било збунки, Априли – ЛЕЛЕ, е минато. Тие 30-то мартовски чекања на Годо (во дадениот случај, следниот ден и моето среќно враќање од школо), денес не постојат. Малку ми е жал– ама верувам дека на останатите „учесници” не им е. Бидејќи успеале во целта – да постигнат и создадат креативна „стабилност”. Денес, по мое – знам што сакам и како, тоа што го сакам, креативно можам да го раскажам.

Затоа, маскирајте се. Не бидете парти брејкери. Зошто барем денес, можете визуелно да си го „мерите” умот со луѓе со најразлично професионално/етичко портфолио. Ако ви е тешко, „пивнете” повеќе. И заборавете дека сте маскирани. Како и да е, „будали” во никој случај нема да излезете. Бидејќи денес, сè е нормално.

А бидејќи ве тормозам да се маскирате, би упатил една молба до сите што ги туркате овие ветерници кон креативен неповрат –ве молам, замолувам, колнам, преколнувам, избегнете да бидете:

  • Принцеза и секоја форма на епска владетелка – не за џабе овие „професии” денес се тотално демистифицирани. Да не се враќаме назад, молам.
  • Џокер – додека не го видиме изданието на Лето, оставете го овој убер-реплициран лик во милијарда траги-комични форми на секој први, да си „одмара на раат”.
  • Султани и други „транслејт” форми на турски серии – немам ништо против тие што ги гледаат. Ама, нека останат само на гледање.
  • Медицински лица – на еден тон луѓе ова им е секојдневие, и е ужасно благородна професија. Професија не може да биде маска, исто како што еден модел на кола не може да се оквалификува како „такси кола”. Шоу риспект!
  • Машки во женски и обратно – ова па ич не го разбирам. Ни како поента, ни како креативна „виуга”. Мужи, ако ви се носат штикли, носете ги преку ден, да видите како им е на девојките.
  • „Јас” – „што си маскиран?Во јас”. Ха ха ха – „гилицни ме”. Мрш бе таму.

Аа да, ќе заборавев. Горе има и маска со еден лик од Театарот за деца и младинци. Израснат сум во театар. И уживам да одам. Верувам и вие. Е сега, ако секој, барем еднаш позајми костим од кој било наш театар, шансата да го врати асален е… Избегнете позајмувања. И ако имате „вези”, баталете. Оставете ги костимите за ликовите за глумците. Бидејќи утре, тој скинат костим нема да се коригира. Вас некој ви го позајмува компјутерот од работа?!

И да не го послушате вашиот Прво априлски Санчо Панса, ок е. Ќе се согласиме да не се согласуваме. А ако се видиме во граТ, и видам некоја од горенаведените маски на вас, ќе ми дозволите малце тролололање?

 

Наравно, позитивно. Хејтерство и кретеносанса, никако.

Уз пијачка. Частам јас!

Априли-живели! :)

Spread the love
  • 7
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply