Луѓе сме, луѓе правиме…Овај, грешки. И ја претеруваме…

Секое големо откритие, било изложено на маестрално одвратен притисок кој му се заканувал по живот. Рецимо, на Форд му ги „корнеле” педалите. На Griggs сигурно му ставале лимонтус во рецептот за Колата. На Џобс му го орале умот со „нормални” сВаќања, за да го убедат во фактот дека е – луд. Лејди Гага ја тужеле месарите, оти, им праела нелојална конкуренција. Добро, последново не спаѓа во категорија „големи”, ама има поента со муабетот.

Бидејќи Скопје Се Носи има поента и да ви ги отвори вашите „Зошто и затоа”, скриени ко поткожна вода во вашата ценета психа, треба да се потенцираат пар факти. Прво, муабетите за „стилот”, се тотално ланска шема. Слушајте што ви зборВи дедо. Денес, стил, во форма на унисона мелодија на мноштво папагали – не постои. Зошто? Индивидуалноста и можноста за стилска комуникација со јавноста, благодарение на сите гаџети, нет и остали олеснувачи на живот, едноставно царува. Единствено херметички затворените општества сè уште имаат судници за стил. Второ, секое НЗС генерално не носи кон погрешни заклучоци. Зошто? Затоа што тргнуваме од своите убајни, или предрасуди. Трето, на терминот „модна презентација”, одамна му правиме помени. Бог да го прости. Зошто? Прашајте професионалци, ќе ви кажат – како и многу што во постмодернава, мода – не постои, во нејзината дамнешна форма. Денес, истата се толкува во контекстот кој ви е потребен – професионална презентација за работа, шок презентација за ред карпет, естетска презентација за естетски пригоди.

Гледате по кој самар удирам?

Лесно е да се суди. Треба да е тешко да се пресуди. Или ако судиш, дај си 5 години и на себе. Во оваа прозна форма, најважно е да сме доволно самосвесни и да се согласиме дека, не се согласуваме. Растеш кога учиш. Учиш кога прифаќаш дека не знаеш. Кога не знаеш? Е, тука е борбата.

Често се навраќам и раскажувам една сцена од мојата лондонска авантура. Во тотално рандом концепт, на место каде не би можел да најдеш ништо повеќе од британско секојдневие, бев забезекнат од средовечна госпоѓа, која за своето шопинг утро, се носеше како за прием кај Бети Втора. Малодушноста во мене, сигурно ја проследила со подотворена вилица, ко после лут сос. Тоа е нашата инфериорност, воедно товарот на „специфичната” културна матрица. Во тие 20 секунди додека го апсолвирав шокот, решив да му пријдам на „проблемот” од друга страна. Која е таа животна уметност што не прави толку различни. Како секој магепсан, делумно изгубен новак во метропола, најполајт, и пријдов и решив да направам дисекција на нејзиниот карактер, пред да го осудам надворешниот изглед. По двеминутен разговор, дојдов до следниве заклучоци:

 

  • Тотално ништо не ја разбрав. Зошто? Затоа што нејзиниот акцент беше толку естетски префинет, што мислев дека водиме конверзација на Малајски. Си реков, веројатно живее во Кенсингтон Гарденс, а јас идам од Дебар Маало. А јас, естетика ќе судев…
  • Нејзиниот пристап беше тотално ретро, а модерен. Во една рака држеше утринска англиска новина, а во другата некоја трева која веројатно е толку здрава и според модерните стандарди на исхрана, што продолжува живот за една декада.
  • Од тоа што го разбрав, беше благодарноста за коментарот за нејзиниот изглед, кој самата го опиша како „влијание од нејзината фамилија”.
  • Нејзината култура и моќ за перцепција, ми додели коментар дека јас, сум претставник на младата авангарда, судејќи според мојот изглед. Да не се разбереме погрешно, бев тотално неавангардно облечен. Како да бидам, во дуќан за храна, во 11 сабајле?! Нејзиниот краток скен на мојата презентација, анализиран низ нејзиниот (верувам) естетски совршен поглед, ми даде ветер во грб, па се осмелив да поставам уште некое прашање.
  • Следеше едукација. Пар реченици, кои апсолутно го променија моето поимање за тоа што е стил, мода, уникатност и префинетост. Не дека ми кажа нешто што не знам, туку нејзината доверба во тоа што го зборуваше, ми покажа како човек кој е сигурен во себе во секој поглед, неоптоварен од демосот и неговата неискреност, размислува на темата. Ќе парафразирам, дел сигурно и сум промашил, заради претходно споменатиот проблем со нејзиниот вокабулар. „Не се работи за мода… Ова е од мојата мајка… Кондурите сe Choo, ама кој ги гледа?! Веруваш во емоција? Токму тоа е стилот, твојата емоција во која си најсигурен. Јас внимавам, и го ценам моето излегување од дома. Затоа, внимавам на тоа како изгледам. За мене, секој ден е election day (ден што за Британија е светост и потврда на граѓанството)!”, со пријатна насмевка заврши госпоѓата, пред да се разминеме и да ме остави во прашалници ко зеленион ужасен костим на Тhe Riddle во Бетмен.

Одам и си мислам – „сигурно е до генерациите. Се сеќавам, и баба ми на гласање секогаш одеше дотерана, спремна да го даде својот граѓански допринос кон нашата државност. И до пазар, секогаш се одеше дотеран. Денеска, младите, вклучувајќи ме и мене, излегуваме по пижами”. Нејсе, ова не беше доволно задоволувачко за моите виуги, па решив да влезам во суштината.

Не е до генерациите, до самочувството е. До самодовербата. До индивидуалноста. До тоа што, во моментот те прави да се осеќаш убаво. Како да бидеш задоволен од себе. Удобен во својата кожа. Меродавен пред познаниците. Јасен, а апстрактен. Зошто? Бидејќи најголема доблест е да си свој. Не постои стилски или моден критичар кој објективно ќе опсервира на темата. Човекот е субјект, со тоа објективниот начин на поимање му е непознат. Секоја формулација се влече од сопствените, или искуствата на нашата околина. Затоа си имаме проблем. Пазарче сме, а ни се збори. А не секој има примено вакцина против. Токму тие ранливи категории, треба да се заштитат. Бидејќи емотивна осуда, влијае на нивниот личен успех и напредок. А верувам дека никој од вас, не би сакал да носи на душа туѓ неуспех.

Ветерничарот сака да каже дека, не секое зошто, има затоа. Не секое зошто и е потребно. Стилски, време е да се согласиме, дека не се согласуваме. Ако тоа е чипка на ракави, супер! Ако е тоа спавача, добро утро! Ако се розеви наочари, грејт! Ако е хавајска кошула, алоха!

Зошто?

А зошто да не?!

А ЗОШТО ДА НЕ?!

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply