Прво, погледнете го профилот на Мартина на „Инстаграм“, @martinasteria. И кажете дека не е фантастичен! Минималистички, „смирен“, полн со уловени чувства пренесени со нежна нота и наплив на позитивна енергија, движење… со мала доза на претпазливост. Со чисти линии, минималистички, примамлив, суптилен. Одвај ја чекав нашата средба, да откријам повеќе. А, кога таа се случи, знаев дека ќе ни требаат неколку часа за сите муабети (бидејќи таа е одличен соговорник), а потоа и за фотографирање на комбинациите (без исклучок, секоја префинета – со доминација на минимализмот, а од друга страна тој момент што тлее подлабоко во неа, нежност, романтичност, елеганција). Сфатив дека таа совршено јасно го слуша својот внатрешен глас. Како да умее да ги „повлече“ сетилата навнатре да се одморат и да се наполнат, па потоа со полна пареа оди напред, во активност, за да може да ужива во неа. И се препушта на моментот. „Треба да живееме во моментот и со текот на времето ќе ги добиеме одговорите на прашањата што нè копкаат. Сметам дека е исто и со стилот. Со текот на времето го изразуваме тоа што лежи во нас. Зашто тоа е сепак карактер. И тоа е нормално. И мојот стил има претрпено промени низ годините. Но, моментално мислам дека сум пронајдена во тоа што сум, благодарна сум и се чувствувам удобно во своја кожа“. Доколку ја сретнете преку ден, најчесто би ја виделе во фармерки или панталони, еднобојна блуза или кошула, комбинирани со мартинки, минимал чевли, патики, заедно со ранец или едноставна чанта. А навечер пак, погледот ќе ви се задржи на некој од нејзините „разбранувани“, деликатни фустани. Моќно, но ненаметливо. И тогаш тие парчиња зборуваат со минималистички јазик. Всушност тоа не е само нејзин стил на облекување туку и начин на живот. „Среќата не е да се има тоа што го сакаш, туку да го сакаш тоа што го имаш. Во ова наше секојдневие сите некаде брзаме па и јас, без да посветуваме доволно внимание на работите коишто значат, а најчесто се оние ситниците. Па така „festina lente“, стара римска поговорка која е оксиморон и во превод значи „брзај полека“ или „make haste slowly“, е моето мото. Всушност целиот живот на еден човек според мене претставува оксиморон, и сите трагаме кон некаков баланс меѓу спротивставените нешта. Паузирај за момент, за да ја испочитуваш сегашноста“.

До следната дружба, побрзајте полека. Кој сака. И можеби во свој ритам.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply