Драго ми беше после толку време повторно да ја видам платинестaта русокоса со тенкото плетенче до половина… која што не знам зошто зад тоа нејзино препознатливо „век и вековно“ опавче, ненаметливо само го спомна и другото, тазе, „опавче“ – наставката и титула Доктор на науки, стекната за истражувањето на Типографијата и македонскиот дизајн.

Беше сплет на околности, среќлии бевме, имав и јас можност да присуствувам на некои од не многу дамнешните предавања на истава девојка, Марија Ветероска (сега со додавката Трпкоски) за кои и денес се споменува, останаа добро запаметени! Нејзините предавања во рамките на Факултетот за арт и дизајн, беа толку креативно „потковани“ што во нив доброволно „учествуваа“ студентите, слушателите, љубителите на графичкиот дизајн и типографијата, со мерак исполнувајќи ги зададените задачи… Нејзината професионалност – на исклучително ниво, сепак со таа топла и пријателска насмевка на Марија не ќе и дадевте повеќе од 20на години убедени дека таа е всушност студентка од соседната клупа! И не дека е нешто многу изменета оттогаш, плетенчето сè уште си стои… и “The Clash” старките! И (надвор од контекстот), покрај Клеш, сè уште ги слуша и Рејдиохед, Дорс, Фу Фајтерс, Пласибо… Е како да не е за почит Др. Ветероска?! – Всушност, е сè уште истата таа Марија, насмевката и бистриот поглед се исто така, тука. Како и начинот на кој таа зборува, концизно и инспиративно за соговорникот, нејзината информираност, остроумност, креативност и стручно познавање со она што се бави.

Freelance денес, и подобро од кога и да е, ја „барата“ сопствената специјалност – графичкиот дизајн. Уште еден факт за неа: таа е и сценограф. Скоро една деценија обликува „светови“ во кои се сместуваат и се одвиваат дејствијата на самите опери и балети: сетете се на операта „Хофманови приказни“ со кои лани се отворија Мајските оперски вечери – „зад сцената“ стои Марија, за врвната сценографска реализација што воедно е и потврда за нејзиниот професионален калибар…

Е сега претставете си го нејзиниот вообичаен ден: „Врзана“ е дење-ноќе за Illustrator, InDesign, Photoshop, 3ds Max и други време-конзумирачки компјутерски алатки и програми во кои таа ги обликува нејзините креативни решенија. Меѓувремено, не знам кое „меѓувреме“ е тоа, со саати „прескокнува” фигури од стиропор и шпер-плоча, „подрипнува“ на монтажни планини, мостови…. карикирам! И ниту таа ниту, нејзината креативност се преморуваат! Облеката е адаптирана на секојдневните ангажмани и маневри… од друга страна пак секое парче што го носи на себе помалку или повеќе го истакнува токму тоа што во основа таа е – уметник. За нив нема граници особено во средствата за самоизразување, облеката е само уште еден медиум. Можеби лежерниот стил и’ користи за секој ден но, не баш практичните „текстурирани“ фустани (и корсетот изработен од сликарско платно) и не случајно се нејзин избор за неповторливи пригоди: сами по себе тие се уметнички дела во кои таа се препушта на моќта на трансформација, на текстури, бои, алтернативно од панк до женственост, од плетени и дрвени мотиви до камчиња.

За хипер-активна и креативна личност, чие време и агенда се тотално „накрцани”, што останува во доцните часови (или не знам кога)?! – ведра е, насмеана и дружељубива како да го има сето слободно време на светот. А да, и слика… навистина не знам кога!

Spread the love

2 Comments

Leave a Reply