Кој не го познава Блажо или подобро, „Варошанец”, нека крене два прста! – Е, нема такви! :) Барем колку што мене ми е познато… а и да не го познавате лично верувајте, Варошанец сигурно некако, од некаде, Ве знае или пак знае по нешто за Вас! Сестран е и присутен насекаде… до толку што, мислам дека е способен за моментално телепортирање, да се наоѓа речиси истовремено на две места одеднаш! И ако тргнеш некаде со него, подобро направи го тоа 15-на минути порано затоа што ќе задоцниш: тој застанува да се поздрави со речиси секого на улица и нормално, да „сврти” ред муабет!

Неговиот двор беше налик пејсажите од „Алиса во земјата на чудата”, со примеси на „Снежана и седумте џуџиња”… Навистина, две џуџиња (иако гумени) покрај една баричка, мали столни лампи, стари најмалку 20-на години, наредени oднадвор по парапетот на излуштените пенџери… и црвен будилник покрај нив?! Поавтентичнo не би можело, баш како на цртаните! И една зелена врата од страна, кoja делуваше, пo малку, сомнително и мистериознo. Хммм, не стигнав да прашам што се крие зад неа, ама… Необичниот амбиент во дебармаалската градина (да нагласам, не бавча!) беше надополнет и со едно, машала витално, стебло од зелен домат! За него Варошанец кажуваше: „Доматов никна туку-така, сам по себе без никој од нас да засади семе…”

Значи… не е градинар! :) Ќе сопрам со ботаничко-амбиенталните описи, шала на страна! Тој е дипломиран, стручен и квалификуван познавач на археологијата и совремната уметност… Кустос е во „Музејот на современата уметност” кој, со своите дури триесет години, е дел од екипата која ја „добредојдува“ уметноста и се грижи за делата на плејада странски уметници кои гостуваат во Скопје и активно се бави со промоција на низа македонски уметници кај нас но, и ширум Европа…

Паметам, после едно службено патување пред година-две, со цел, афирмација на македонската уметност во Лондон, првата станица на Блажо, со куферот, директно после аеродром, беше „Суперфлај“!!! Секако дека воедно е активен промотер и афирматор и на социјалниот живот во Скопје; пред сè, тој e другар!

Од неодамна се сетив дека, иако после долги години од нашата дружба, сепак еден аспект од него имам занемарено… месеци наназад, низ муабет и зезање во кафанче, загледан во часовникот на неговата рака, ми „светна”: Блажо и добро си „се носи”! Си го вратив „филмот”: Секогаш има различен и добар часовник на себе! Со вкус избрани кошули, поло маици кои му прилегаат и соодветни патики во комбинација… понекогаш и црвени, евентуално зелени.. спортско-лежерни изданија во хармонични бои, рафиниран часовник, заводлив парфем и опасни очила за сонце! Ако не со винтиџот Wayfarer тогаш со белите Carrera… Блажо има „конкретен“ стил, како оние што се познаваат добро себеси и што точно знаат што сакаат. Сосема во склоп на неговиот калибар, харизма и смисла за хумор со кои сите „врати” во градов му се отворени… накратко, нашите добро познати изјави (но двете во една) „народно и градско дете”?! Варошанец е примерок за спојкава!

Необичноста на дворот ја почуствував буквално и на сопствена кожа: Се случи, не знам како, дур да трепнам, се здобив со убод од оса на десната рака! Веројатно и некое осило никнало, исто така само по себе, некаде низ крошната на столетниот бадем среде дворот… Си заминав од таму со застојана кал на убодениот прст (кал против оса е единствениот „надри” лек кој го паметам од мал!) а во левата рака најлонско ќесе со коцки мраз наменето за по пат да ми спадне отокот!

П.с. И зад вратата, љубопитноста ме предаде… За право на вистината (и реалноста), не се појави мојот омилен лик – лудиот шеширџија од „Алиса на земјата на чудата”; сепак, не се разочарав: се работеше за работилница, но далеку од вообичаената глетка која ја претпоставувате: џубокс стар речиси 60 години (кој сè уште функционира)! – „Во него има над 200 оригинални винилни „single play“ плочи од 60-те и 70-те години на минатиот век, полни со Rock and Roll музика кои сè уште го произведуваат оној магичен винилен звук!“ – раскажуваше Блажо… Е тоа е „парче“ и пол винтиџ! Како да не е беше доволна колекцијата од винтиџ наочари и часовници со која Варошанец располага…

Spread the love
  • 15
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

One Comment

Leave a Reply