10-verce

Од каде да започнам за Верче? Слушав убави работи за неа од околу, сè додека одблизу не ја запознав за да се уверам во многу повеќе од, само, „убави работи”…
„Го скршив ледот”, едноставно ѝпријдов, со интуиција дека таа би можела да биде правата личност да ме дружи на почетокот на патувањево и дека совршено би го разбрала мојот јазик!
Вера стои зад „Вер-Мар”: една цела мини империја од креативна хармонија, изразена низ какви сè не уметнички и творечки вештини, меѓу кои зoшто да не и филигранскиот занает! Чисто информативно, правник е по професија и го познава францускиот, италијанскиот, германскиот и англискиот јазик… и моментално посетува часови по турски јазик. И сè повеќе сум убеден дека нема нешто креативно со кое Верче не се бави. И, ако претходно беше официјално Вера, по само првата официјална средба и ред муабет со неа, веднаш прејдовме на „Верче, другар мој”! ..затоа што таа располага со специјалноста инстантно да му влезе некому под кожа: додека разговараш со неа, не можеш да не зјапаш во необично привлечниот склоп од огромни сини очи и ширум отворена насмевка, надополнети со фацијални експресии кои ти го матат погледот и те држат хипнотизиран! Младолика е (не се ни обидувајте да и’ ја погодите возраста, ќе промашите) и, навидум е со детинест нарав; што е добро: токму конзервираниот детски „момент”, со кој повеќето од нас веројатно изгубиле контакт, верувам ја негува нејзината креативна имагинација, карактеристична само за безгрижно дете.
Некои од многуте приказни на Верче, накратко звучеа вака: „Од кожни чизми направив обетки кои потоа ги продадов и од заработеното си купив нов пар чизми…и тоа два пати!” Или пак, „Ми се случува да носам одеднаш два исти џемпери на себе, но во различна боја,… ракавот на едниот влегува во ракавот на другиот, и обратно; резултатот е двата џемпери вкрстени еден со друг на грбот!“ Сте чуле некој да носи лептир машна по дома, чисто од мерак? Ахам, да, сè уште зборувам за Верче…и што уште не слушнав, додека таа весело и со светнати очи ми раскажуваше за себе и за своите необични пасии!
За нејзиниот фетиш по хулахопки?! Добри половина час, ако не и подолго, тема на муабетот беа „хулахопкиии”! Нејзиниот плакар: Имав чувство дека влегувам во дуќан за слатки… дека сум „Алиса” во земја на чудата… во Дизниленд!
И после речиси 5 часа поминати со неа (дури и нè стемни заедно!) заминав фрапиран од „брдата” облека, чевли буквално во сите тонови, и аксесоари без крај! И најпосле, глетката на деликатниот филигрански накит кој таа го изработува…верувајте, беше навистина црешата на шлагот! Еј, зар изоставив баш за готвењето?! Мафинсите и сосот од малини со кои ме наслади дента… пааа, да, готвењето е уште една од нејзините пасии нели… еднаш штом почнав за Верче, очигледно би можел да продолжам до немајкаде!

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply