Милена веднаш асоцира на глумицата во главна улога од некој европски филм. Евентуално, барем на прв поглед, „несфатената и конфузна уметница” излезена од некоја проекција на Вуди Ален, од средината на ‘70-те…. тој, нели, тежнее да ги овековечи своите ликови во психолошки елаборат на сопствената креативно-егзистенционална криза, во одредена фаза од творештвото…
Милена е малку (повеќе) инаква од тој шаблон. И таа е уметник, вистина. Дипломиран моден дизајнер. Но не стана ниту во еден момент збор за кризи, ниту делува збунето; напротив…
И Боже, таа е нестандардно и неописливо привлечна! Физикус и фациални црти што не се од овој свет! Поготово, ускладени со најнеочекуваните парчиња гардероба, што на другa во никој случај не би успеале… не, таа дефинитивно не е од овде, барем, временски! Ако ме прашате мене, слободно би ја вратил, пак ќе кажам, во ерата на 70-те… И некако, „стара” е во душа… но, таа за себе вели: „Добро ми е каде што сум, во сегашноста; Ако треба да се навратам тогаш, тоа би биле ‘20-те години од минатиот век или пак, средниот век; тогаш сè се раѓа…” – и како да ги читаше секоја моја мисла и прашање, уште пред да проговорам. Се разви телепатија, ја’ „контав”!
И распостели парчиња облека од „друга ера“, од нејзината „ера“. Макси сукња како хармоника, шрафирано сако со маркантни, макси потпунки… и едни парталави старки… „Винтиџ”, изговори таа, со бавен, придушен глас и подзамижан поглед! Тој еден нејзин збор беше доволен… Јасно дека не е многу по модните трендови, сепак многу добро е упатена во новитетите. Добро знае што е, а што не е актуелно во моментов, затоа што модата не е нејзина професионална деформација, eдноставно е нејзина професија. Но кога веќе толку добро е упатена во тоа, трендот не е повеќе предизвик… Стилот е интригантниот момент… личниот стил, како свој личен потпис и одлика на она што претставува и застапува една личност. Тоа е нејзината специјалност… и преодреденост, уште од мала… сè започнало со розе пластична машина за шиење, играчка на која 5 годишната Милена навистина шиела! Не, уште пред да се роди, проблематиката околу стилот била запишана во фамилијарните хромозоми: исклучителен кројач за прадедо, прочуен низ Кавадарци по својот занает…
Еден од нејзините професионални проекти, во соработка со нејзините блиски пријатели во изминативе неколку години, подразбира оригинални текстилни апликации кои самите тие ги изработуваат… апликации зад кои се кријат цели приказни и за кои треба малку повеќе од неколку мига и мозгање, за да ја поврзеш целината на интелигентните нарации! На пример, дека нацртаната мачка не за џабе е накострешена и повраќа…
Секако дека и нејзините самостојни колекции и дизајни се исто толку концептуално и културолошки и социјално потковани. Ми кажа „-Сé си има „зошто“. Зошто е нитната, зошто е безопасната, зошто се мартинси, зошто во гранчот се развлечени, зошто кај хипиците се цветчиња…“
И штом го чув следново, Милена моментално ми постана омилена: “Ја сретнавме Госпожа Вествуд! За време на студиите патувавме во Фиренца каде што слушавме нејзини предавања…беше незаборавно искуство!” – Молам?!? Вивиен Вествуд „реперот“?! Генијалната „црвена“ старица, што ќе си ги остави коските на тронот на лондонската мода?!!! – Милена самата е сериозно поткована со креативно и инспиративно искуство во својот домен!
И знаете што?! – И стаорите се „души”, не се само заморчиња или за бркотници со метла низ подруми!!! Одненадеж, Јин-Јанг украде бисквита! Крадешкум, и, без двоумење, „дрпна“ еден бисквит од чинивчето на малата маса! Рефлексно се обидов да и’ го „конфискувам”: Го повлеков за работ нагоре, но таа остана да виси во воздух со закотвени заби на другиот ќош од кексот… и не попушти! На крајот, и’ дозволивме да се извлече со загризаниот „триумф”! Инјан е поточно, нејзиното темпераментно домашно милениче. И е женка стаор, црно-бела. Од таму е и нејзиното име…

Spread the love
  • 251
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply