За почеток: Здраво, јас сум Сатја и сум…

…Хм. Ќе оставам вие да одлучите. Планирам да ви се правам паметен.  Но, далеку од она „свезнам”, знаете, нашето. Паметен на доволно (не)конкретен начин, за да сами дојдете до она што го сакате. Што ве прави среќни, полетни. На моменти избезумено немоќни, но доволно свои за да не дозволите кое било срушено НЛО во Јужна Каролина да ви го попречи свесното воодушевување на тоа колку сте вие всушност – прекрасни!

Стоп. Имаме поента горе. Да почнеме од почеток.

Клапа 1.

Сцена: Карпош 1, супермаркет кој е поблиску до „месни нарезак” колонијал отколку она што всушност треба да биде. Нејсе, небитно.

Сценографија: Каса, ултра-фина и услужлива касиерка во тмурното доба кога веќе не знаеме дали сонцето го снемало, или месечината се појавила.

Ликови: Јас (подолу како, „јас”.), средовечна госпоѓа (подолу како, „Стереотипислава”. Или ајде, нагалено, „Слава”.), касиерка (подолу како „касиерка”.), несреќно-на-лице-место затекнати сведоци.

Слава: Извини ДЕЧКО, да те прашам…

Јас: Да Госпоѓо, да не Ви е потребна помош со количката?

Слава: Не. Туку, кажи ми, ова на нозете што ти е?

(Се погледнувам надолу, гледам дека носам жолта/сина комбинација гумени патики. Честа појава, последниов месец. А различните патики, ќе ги дискутираме во наредна прилика.)

Јас: Госпоѓо, патики. Зошто?!

Слава: Па не, ме интересира само. Да не имаш слаби очи, па си ги згрешил?

(Често прашање/коментар. Имам истрениран одговор, исто како и за моето име. И тоа во наредна прилика.)

Јас: Не, Госпоѓо, одлично гледам. Така ги носам, намерно.

Слава: Аха…А со пантолониве што е работата? Има некој да те провери каков излегуваш надвор? Родител?

(Се погледнувам – фармерки, бајаги искинати на задникот. Факт, тешко „сварливо”. Ама со родителот, ја претера…)

Јас: Госпоѓо, дозволете, да Ве прашам. Дали случајно имате деменција?

(Имам проблем со избувливост понекогаш. Ретко, ама знае да се случи. Се манифестира со безобразно креативни фрази, кои знаат да имаат „опаметувачка функција”, дополнети со промена на фрекфенција на говорење, и „намуртување” до таа мера да соговорникот осети дека за.бал.)

Слава: НЕ! Зошто?! Побогу…

Јас: Со сета почит, верувам дека сте заборавиле на Вашите дваесетти. Она кога, сте биле креативна. Не верувам дека отсекогаш сте биле ова што сте денес. Пријатен ден!

(Добро, Сатја, малце ја претера. Па жена во години е. Може пензијата касни. Или внуката од работа ја избркале. (Се јавува грижа на совест. Неопходност од решение. Моментот наложува – оди си!))

Касиерка (збунета, затекната од неповолниот развој на настаните): Вашиот кусур, комшија. Се гледаме.

Јас: Благодарам. Се гледаме.

(Полека излегувам низ вратата. Слушам дека на Слава не и е по ќеф. Збори доволно тивко за да биде гласно и слушливо за сите.)

Слава: Ете. Младина невоспитана. И како со вакви деца? И каде? Страшна работа…

(Како го напуштам објектот, нејзиниот глас се губи во просторот. Делумно потресен, делумно со повредено его, делумно со примена негативна енергија која треба да ја процесирам.)

Поминува саат. Мислам на тоа.

Шетаме со Бискит во парк. Го слушам Мајер – неговата филозофија ми отвoра чакри. Пак мислам на тоа.

Доаѓа вечер. Алкохолизирана. Уште мислам на тоа.

Легнувам. Бројам соѕвездија во кревет. Слава ми се „протиња” на мала врата во Големата мечка.

Зошто?! Не сум во его трип. Сум имал и порано вакви работи. Факт, мојот изглед не е секојдневен. Ќе кажеш затворена средина. Ама па денес, секој има Интернет, мајку му. Демек, отвора видици. Како не, се коригирам – и тоа е меч со две острици. Зошто баш ова ме погоди? И зошто баш сега? Дали можеби во моментот бев психички „неотпорен” на стереотипизација? Можеби. Ама па тоа се случило многупати до сега и знам да го надминам, на свој начин. Што беше тоа што ме наведе (иако на доста културен начин), да изреагирам „некултурно”? Како можев?! Не личи на мене.

Математиката никогаш не ми била силна страна. Ама ова беше предизвик. Равенка, со еден тон непознати (се извинувам за нестручноста при изразувањето). Сакам да ја решам. Лист. Пенкало. Ајде да видиме. „Што, тебе, Сатја, срце пијано, ми те погоди толку”?! Анализирам, пресметувам, мислам дека во еден момент и дропки ми се појавија. Упс. Стој. Ајде „чепни” подлабоко во себе. И така нема спиење, веќе е 7. Пак од почеток. Отклучувам врати чии клучеви сум ги голтнал пред години, стари плакари со износени ирационални стравови за ставовите на околината, подрумски простории со запечатени кутии со предрасуди, „шок соби” со натрупани емотивни состојби…Непознатите почнаа да се топат. Останаа три. Две. Една. Морав до заклучок – Кој е точниот одговор?

„Точниот одговор не е ниту еден од горенаведените”. Прекрасно. Никаде не успеав да го пронајдам. Се додека не го отворив очите пошироко. И ете го. Како и секогаш, кога нешто бараме а не си гледаме пред носот…

Госпоѓа Стереотипислава не ме навреди. Но, ме направи да се чувстувам несигурно. Недоволно стабилно. Ја бутна земјата по која чекорам, па останав да лебдам во воздух. Госпоѓа Стереотипислава направи доволно, за да се почувствувам недоволно свој. Како странец во својата кожа.

Госпоѓа Стереотипислава направи да почувствувам дека правам грешка што сум јас, тој. Ја поткопа мојата желба и намера да покажам дека секој треба да е свој и да биде проекција на своето рацио. Едноставно, во очите на Госпоѓа Стереотипислава, јас не бев свој – бев недопечениот дел на домашна пита правена со утнат програм на печката, сендвич со „кечамајонез” во диетална недела, утнато парче од слагалица со 1000 делови која после 6-месечно местење не може да се доврши заради фабричка грешка. Како сакате, бев нешто, што наводно, е погрешно. Зошто? Зошто е свое.

По завршувањето на оваа исцрпна когнитивна анализа со користење на матурантско-математички техники, матрицата на размислување ми наметнува да бомбардирам со реторички прашања:

 

  • Колку години се лежи за „бидување свој”?
  • Каде можам да пополнам образец за „стилско формализирање”? Бидејќи реакцијата беше врз основ на базична анализа на мојата надворешност.
  • Каде можам да купам од најпродаваниот густ сок „ИСТал”? Гаси жед? Без ГМО е?
  • „Его кил” таблети одамна препишувам на егоизирани поединци. Дали можеби мене треба да ми препишат „Оправидол” за хормонска модификација на мојата маленкост?
  • Дали ако носам патики во иста боја, ќе прекине Март да глуми крај на Ноември?
  • Колку пати дневно треба да се заблагодарам на совршената просечност за нејзиното постоење?
  • Дали мојата „љубов кон пинк” (боја, не ТВ) ме прави кандидат за јавен отстрел поради мојата желба за демитологизација на оваа боја?

Уреду е, ја претерав. Ете го тој излив на креација кога ми рипа притисокот. Добра ноќ/утро, мрш на спање.

Верувам дека се разбираме. Впрочем, штом сте тука, има и зошто. „Да бидеш свој” – фраза, која е тотално безвременска. Но и тотално бесмислена. Зошто е фраза. Бидување свој, треба да се по-ка-же. Практично. На дело. Секако, во онаа форма за која верувате дека е својствена за вас.

Манифестацијата на својата уникатност, е претстава за јавноста. Добро вкалкулирано однесување, кое треба доволно да каже за нас. Кои сме, како сме, дали сме добри, дали можеби сакаме да покажеме дека не сме добри. Фројд ја анализирал и преку сексуалноста. Фром од друга страна, опева други аспекти кои не прават дел од Светската организација на карактери. Се што правиме, не прави свои. Онолку, колку што сакаме да бидеме. Или колку што сакаме да покажеме. Претставата тече, заплетот ја прави интересна. Но, честопати, кулминацијата е таа што зезнува работа. Искуствата носат и тежина – претставена преку различни реални глупости од кои почнуваме да се плашиме, форми кои почнуваме да ги избегнуваме, чувства кои настојуваме да ги заборавиме…

Стоп. Пак забегав. Навикнете се на ова.

Муабетот ми е следен – тука нема да демистифицираме зошто не сме свои, што не отуѓува или шаблонизира. Тука сме да зборуваме за убави работи. Позитивен пристап. Како ние, драги мои, да бидеме ХРАБРИ и да бидеме/останеме СВОИ. Ќе зборуваме за она што „на прва” го доживуваме кога запознаваме некој што не го познаваме. Нема време за длабока психолошка анализа. Секунди се во прашање. Судиме според изглед, говор на тело, говор, движења, емотивни реакции. Создаваме слика базирана на емпириски слабо оддржливи докази за другиот. Сепак, токму тие докази можат да не заинтересираат за да осознаеме некого/нешто. Таа нестабилна кула од впечатоци ја предизвикува нашата човечка радозналост – да дознаеме повеќе. Да деконструираме одредени ставови кои биле наметнати од средината. Нурнувајќи во уникатноста на другиот, да се соочиме со неговата прекрасност. Каква и да е. Можеби ќе ни одговара. Можеби не. Тоа е најмалку важно. „Ухх види каква е. Нормална е?!”. Е не, ти си нормален. Ако нејзиниот отсјај во огледалото и влева самодоверба, кој си па ти да бидеш кадија?! Нејзината претстава е таа. Останува на тебе да купиш карта, и да уживаш во шоуто.

Свесен сум дека ова е битка со ветерници. Дон Кихотовска потрага по Дулчинеја, претставена во желбата за културолошки промени. Нашата Ламанша е мала. Тие сме. Избезумени витези, колку сакаш. Но тоа не не прави помалку вредни. Или отпорни на мислењето на другите. Секој во животот, барем еднаш се соочил со Госпоѓа Стереотипислава која ве направила „нечовек во човештвото”. Гарантирам. Човечки е да сакаш амин од општеството. Самиот човек е општествен примерок во постојана потрага по одобрување. Кое, за СРЕЌА, не секогаш го добиваме. Тоа е факт кој не треба да не повреди или навреди. Јас нема да кажам дека треба да го свртиме и другиот образ. Треба да возвратиме со насмевка и да посакаме само убавини на оној кој се дрзнал да го узурпира нашиот личен простор. Бидејќи тоа е единствениот начин да уживаме во единствениот програм без „багови” – себеси.

Нема да бидам моден дизајнер и да ви „продавам” приказни дека модерниот начин на облекување ќе ве направи попривлечни и ќе ја подобри вашата уникатна приказна. Ниту пак ќе бидам ваш стилист. Уште помалку психолог за тоа, зошто, на одреден човек, и да е жеден, нема да можете да му ја продадете вашата вода. Ќе се обидам да ви подарам храброст, бидејќи верувам дека ја поседувам. Сите ја поседуваме. Само кај некои, успеала добро да се скрие во животната „жмурка” и само чека да биде откриена. А ќе ја откриваме полека, бидејќи не сакаме да ја исплашиме. Стравот честопати мисли дека не прави рационални. Но греши. И токму тоа не прави живи.

Тоа не прави луѓе.

Здраво, јас сум Сатја, и сум она што сакам да бидам. Би сакал да ве поведам на патување. Штета, немам (толку долга, сè уште) брада како Гандалф, ниту левитирам како Јода. Сепак, верувам дека онакви какви што сме, сме и повеќе од доволни. Ова патување ќе има многу интересни битки со суштества кои се „вгнездени” во нашите умови, масовни 3Д рендери од чисти пространства кои изобилуваат со креативност, афирмација на стилска и персонална различност и естетски дисбаланс, катаклизмични победи со кои ќе го спасуваме светот, но и порази кои ќе не направат посилни. Сепак, битно е на крајот на денот, кога ќе го штракнете светлото во собата, последниот израз на лицето да е, она што еден мој пријател го нарекува „блажен осмех”. Задоволство од себеси. А тоа може да се постигне само доколку, во текот на еден ден, водите борба со просечноста. Да не бидам погрешно разбран. Тоа не значи дека промените се лоши, и треба да сме отпорни на нив. Напротив. Човек што не се менува, не може да биде среќен. Носите едни патики/штикли цел живот? Не. Истото важи и за вашата претстава. После години изведување, актерите сами воведуваат новитети. Сценариото е тоа, а сценската презентација е различна. Сите адаптации (треба да) се прават со плус однапред. Со надеж за растење, од главата – нагоре.

Од себе – нагоре.

А јас ќе се потрудам, да бидам добар пилот, и да го држам курсот.

До каде?

Ќе видите. Кај сте се убрзале?!

 

Spread the love
  • 7
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply