Видете…
Да дозволиш, некој да ти „шкрта” по лицето, не е убаво. Секако, доколку и својата фотографија ја разбираш како нешто свое – тогаш уште помалку.
– „Кој ќе шкрташ ти?!”
– „КОЈ СИ БРЕ, ТИ?!”
„Дој бе ваму, мајку ти…”
… остатокот го знаете.
Сепак, многу работи можете да дознаете. Да дозволиш некој да те „шкрта”, треба да е доблест. На тој начин, ти ги отвора очите и ти го потврдува очигледното:
Не за секој си убав.
Не за секој си добар.
Не на секој му е гајле за тебе.
Не си јадро, па да си центар на нешто.
 
Е последново, е посебно догматично. Знаете, кога се облекувате, науката докажала дека тоа го правите од две побуди:
– Прво, оти така треба. „Како да шетам гол бре, будала?!” и;
– Второ, фикс Endorphin. „Јао, што сум убав, море-море.”
Епа другар(к)и,
Факт – убави сте. ПРЕКРАСНИ СТЕ. Но, дали е тоа нашето јадро…
Ајде, да видиме.
Од каде таа убавина излегува?
„Наједноставно”: Kollektives Unbewusstes. ☺ 
Мојот Јунг. Деновиве се вратив на „The Structure of the Unconscious” – ингениозно есејско дело кое од академските денови ми седи фрлено на втората полица, лево. Накратко, во оскудна македонска транслација – Јунг верува во „колективна несвесност”. Наспроти аристотеловиот  “табула раса” концепт, според кој сите се раѓаме без знаење (празен лист хартија),  Јунг, следејќи го фројдовиот систем, верува во колективна меморија која, паралелно на нашето свесно делување, ние ја поседуваме. Значи, дедуктивно и убавината е резултат на нашата двојна совест.
 Со кафански речник – ти си мислиш де, и си свесен. Ама потсвесно, „нешто” ти го обликува тоа што го мислиш, кажуваш и правиш… Колективна меморија на човештвото, ДНК меморија на луѓето, Human Codе, зависи кој генијалец ќе земете да го читате. Според Јунг, најважен дел од оваа „заборавена свесност” се комплексите. Колку се „посодржајни”, толку повеќе влијаат на индивидуата…
…шефе, ај нафорче и две ракии тука!
Сето ова е философско-психолошка аргументација, која може да забега после третата ракија.
Во интерес на дебатата, директно ќе те прашам – сметаш ли дека поседуваш комплекси кои ти влијаат на однесувањето?
Веројатно не те познавам, но да – големи се шансите дека поседуваш. Бидејќи имам и јас. И сите останати. Тоа е она што не прави различни јајца во гајбата.
Во интерес на дебатата, директно ќе те прашам –  ок, свесен си. Но, дали си СОВЕСЕН?
Не сум сигурен дека доволно добро разбираме што значи да си совесен. Да тргнеме од „малите работи” – како „дебела” нација, ние не знаеме да го одбиеме вишокот пинџур („Да не се фрли”) или колаче („Ај бе, едно.”). Велиме, не јадела „совеста”…
…а, совест е другa „ствар“ – мрежа на етички и морални принципи, кои ги контролираат нашите мисли и делување. Тоа треба да е бензинот со кој колата вози, или жиците по кои мозокот свири.
Е, сега сме кај јадрото.
„Ѓаолот” ја однел за*банцијата. До кај сме со совеста, дечки? Ја развиваме, или моронизираме? Нашата гордост, не „вози” дека е сè океј. Но, слушни го гласот длабоко во себе. Тој твој тивок шепот кој ти вели – раштиман си. Нешто не чини. Смени гуми. Поправи се.
На крајот на краиштата, дали нашата свест е рационална и плод на нашето моментално расположение – сеедно.
Оти свест водена од „расипана” совест, е глупост од размер паѓање-во-несвест…
Па, ајде, одговорете ми директно – дали сте совесни колку што сте убави?
Совеста ја „води” свеста.
Свеста ја формира мислата.
Значи, по основни логични параметри:
Колку ви е чиста совеста… толку сте убави.
Оти, убавината и стилот, се нашата визуелна совест.
Сега, уште еднаш: Дали сте совесни колку што сте убави?!
Ако не знаете, нека ве шкртаат 5 луѓе со темпери. Дозволете им да ви откријат кои сте, додека ја дијагностицирате состојбата на својата совест.
Благодарност до Ана, Миа, Ива, Елена, Марко и Никола.
Spread the love
  • 59
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply