32 IMG_4777 2-W1200

Ја знаев од претходно. И, отсекогаш, наслутував, „има нешто посебно кај таа девојка…” Секоја кратка средба, пријатна, Јасмина е секогаш одмерена и сталожена…благо кажано. Да Ве предупредам, подгответе се за сериозно „затрескување“ во девојкава!
Јасмина е беспрекорна: ја карактеризира бистра мисла која тече преку најсоодветна селекција на зборови, одвај по некој жаргон…има невообичаена дикција, (колку што знам немала ангажмани како спикер досега) и не ги употребува славните ‘викам’ и ‘сфаќаш’ после секој изговорен втор збор! И, има конкретен и самоуверен став. Се прашувам, колку ли само книги прочитала досега?! Смирено гледа во очите на соговорникот, воедно е и добар слушател. Сето ова е сублимирано и отсликано, ни помалку ни повеќе, во нејзиниот софистициран и раскошен стајлинг. Генерално, личен стил на живот. Кој вели дека начинот на облекување не е одраз на она што сме?!
Длабоко е нурната во светот на модата, професионално и рекреативно, и ја краси онаа космополитска аура: синтетизирани квалитети од градовите што ги посетила и во кои поминала извесен период од животот…
И секоја почит, црвенокоса е! Зборувам за онаа црвена, со морков нијанса што, одвај, тееешко или, едноставно, не успева на секого…додека, на сонлив поглед на Јасмина, белиот аристократски тен и тој непогрешлив стил, “црвената” и повеќе oд совршено ѝприлега!
Дента бевме договорени да се најдеме во 18 часот. Признавам, доцнев! Таа веќе ме чекаше пред портата, сепак, со срдечна насмевка.
Отворајќи ја вратата, зборуваше: станот е прилично светол така што квечерината нема да ни попречи…и навистина, пред мене се отвори една широка и прозрачна просторија, уредена во беспрекорен минимализам низ безвременските неутрали – црна и бела. Налик собата за дневен престој на која се воодушевувате, и неколку пати се навраќате на истатите страници, додека го прелистувате последното издание на списанието „Брава каза”! Прекрасната „безбојност” сосема отстапи простор на колоритните раритети што Јасмина ги имаше издвоено: Моќен крој, чисти тонови, неповторливи аксесоари кои само што не проговориле… Дали турбан Ви звучи доволно „смело“?! или пак, два рачни часовници на една рака?! На Скопје поготово, и те како! Низ сето тоа, и мноштво од уникати потпишани од низа наши млади, прогресивни и потврдени дизајнери! Лично ги познава речиси сите нив и верно ги следи и поддржува нивните креативни остварувања… генерално, модните настани во градов!
И да не зборуваме за „рециклирачките“ и „направи сам” потфати на Јасмина и нејзините пријатели каде што лустер од ‘80-те станал кожна чанта, некаква си жица се претворила во шапка, и стари парчиња мебел „оживеале“ повторно… и секако, нејзиниот плакар е надополнет со фустани кои лично таа ги има дизајнирано и изработено.
Нешто недостига…што ли беше?! И, како што ви кажував, квечерината прејде во “доцна навечер” a ние, се’ уште, на среде 100 муабети едновремено…Се сетив! – Јасмина дури води и сопствен блог посветен на модата! „Модниот блог е мое хоби, но веќе некое време не стигам да ги ажурирам содржините во него бидејќи, сега хобито, односно модата, е мое полно работно време…”

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply