Како сте? Кафе? Безкофеинско можеби? Со шеќер? А-ха, и Вие на диета. Па добро, да, редно време беше. УПС!

Не, не мислев дека сте дебели. Таман работа… И во тоа има убавина!

Не, не… Не мислев убавина во дебелината, мислев во тоа де, муабетот за различното. Не, не мислам дека сте различни од другите во негативен контекст. Елем онака, „фраерлучки”…

Ама нее, полека, уно моменто. Под фраерлук не мислам „пљук-кроз-двојка”. Нешто по… харизматично, ајде сеа.

Не, не мислам дека имате бркови мадам. Ниту пак дека Вие сињор, имате големи уши. Паралелата со плукањето имаше друга поента, не беше сексистичка…

А да се вратиме на кафето? Ви треба, сигурен сум. После зимски сон, имаме работа еден тон! Значи, беше една кафе, две шеќер…не, две кафе…не, без шеќер…Ете и колаче некое…Не се истури многу додека го донесам…

 

Ете таман. КаВе, спремни за летање, думање и читање. Или само летање.

Генерално, како човечиња, сме дефанзивно ориентирани. Без грам сомнеж, одговорно ви тврдам. „Важно е да се учествува”, „Ама што ако…”, „Е да бе, а он/а ако…”, „Не бев јас!” и тако даље. Многу се! Поготово за нашиов, сè уште неухранет јазик, со фонд на зборови колку млечни заби на 8-ма, 9-та година. Имаме сè, само зборови не – за тоа што би требало да ги имаме. А за вакви работи, махери сме. Ете, и пролетта со отров за глувци ја дочекавме. „Ако се расипе времево значи, ќе се утепам” – вели млада мајка шетајќи го детето низ парк во Саботата, на +26 степени. А јас, како сизифовски грешник се препотувам, од туѓ срам. Верувајте. А ако сте метеоропати, и ќе знаете за што зборувам. Почнувам „жалопојка” да пеам, Коле Неделковски да го фразирам, Рацин-а елаборирам. Снага ми се тресе, морници ме лазат. Како Тристан по Изолда, Паоло по Франческа, Џејми по Серсеј – копнежи ме гонат. „Како ти, оо ти, мајко на прекрасен човечки плод, можеше со таков разлигушен мелодраматичен тон, да формулираш толку анти-човечка фраза, послание од мрачните сивила на изминатите месеци?!”

 

Ок, малце драма не е на одмет. Како и секогаш, парафразирам – од тој бош, колку-да-се-напраи муабет, лесно се извлекува – непочитувањето. Е за тоа ќе „абламе” денес. Некако, многу сме… Ем многу не „бива”, ем за тоа што треба, не чиниме. Крај не можеме да фатиме. Арно ама, и за (не)среќа – никој не нè шиша. „Чудно чудо сте, од кое може многу да се научи”, затворен цитат, на мој пријател од троа северните краишта на Европиве. Ама барем пратиме трендови. Многу сме „тренди”. Колку што имаме очи на тилот сме тренди… И во мода. Ма дај бре…

Сеедно, ајде малку за непочитувањето. Во мојата тетратка со литературни витешки подвизи на велемајстори на словото, стои една форма во Ц-дур, или А-мол, ако ви се „подплачнува”:

„Непочитувањето, генерално се јавува во три форми – непочитување на себството на другиот; непочитување на „она што е сега” и; непочитување на недостојното, различното.”

Не ме рендајте, парафразирам. Али – кец на десетка! Затоа и Ве понудив со кафе. Да отворите очи, и да сте ми „присутни”. И со главата, и со умот. Како што е редот, кога се зборува на сериозни теми. Кхм.

Непочитување на другиот. Абе ајде, што збориш. Генерален проблем на нашата фаза на еволуција. Јес да, јас сум сигурен дека и диносаурусите си удирале „заушки” и, се „мавале по колена”, од зад грб. А да не збориме за вековите наназад. Не ја откриваме Америка. Но, очигледно, има надеж да ја промениме. Добро, ајде… Не ние, како Македонија. Ние сме си паметни, како и остало, ќе си „увеземе”.

Стереотипите за убавина се нешто што се менувало низ историјата. Музите се менувале, но сепак – нетрпеливоста кон драстичните естетски разлики, вклучувајќи „неправилности”, останала. Со тоа и ѓаволски тешката желба да се „позиционираш” како особа која, је.еш му матер, не јаде луѓе. Ама иди објасни дека се работи за проблем/состојба/неарност, која другиот ич не треба да го брига. Мултиплицирано по бројот „апаратури” кои нè прават живи, ова се однесува и на сè останато. Сепак, во интерес на времето и белетристичкото читање, ќе се задржам на физикусот.

Ме радува појавувањето на музи на новото време. Со големи јај… добро де. Со мисија слична на нашата, ветерничка. Една од нив – фантастичната Шантел Јанг, модел од новата генерација, која, ух, не знаете колку гордо, ја носи својата кожа. Кожа која има доста карактеристична болест, наречена Витилиго (состојба на депигментација на кожата – нестручно, појава на „посветлувања или флеки” по телото). Не знаев дека се смета за „споукмен на Витилигото”. Болест која е доста раширена. И неприфатена како таква. Лично познавам луѓе кои ја кријат. Зошто? Зошто ја имаат. А тоа што некои се глупи, а тоа не го кријат? Исто му доаѓа.

Како и да е, додека се воодушевував на ваков рол модел, девојче кое очигледно ќе биде инспирација за тон „пробиви” на различност и мотивација за ре-евалуација на глупавоста наречена „стереотипи” – ОП! Ќец на десетка за Ветерниците. Цел адвертајзинг базиран на демистификација на Витилигото. И тоа, пазете – кампања на Дермабленд, сериозен играч на „скин кер” пазарот. Вака почнува сè – забраната за анорексични манекенки беше „потегната” од најголемите модни фаци (иако инкогнито, наравно); кампањата за здрава исхрана на децата во училиштата во Велика Британија, почна од интерни испитувања на компаниите кои ја произведуваат токму таквата, бљак храна (уште по-наравно, инкогнито). Причините – различни, да не навлегуваме. Сепак, тие беа тие, кои за одредена долгорочна стратегија, решија, покрај тоа што „окорело” ќе се опарат, да направат и нешто етичко. Од друга страна, „руралниот” начин на живот, време во кое секој знае сè за секого, е ултра погодно за нови дечки/девојки, кои ќе внесат Д’Артањанска „дрскоќа” во некои вредности на кои им е време да попијат „нога”. А комбинацијата на овие „пост-модернисти” и оние кои ни ги празнат џебовите а сакаат да помогнат при промената на некои работи, е она што на човештвото му треба. Шумахер -Ферари комбинација. За титули. За промени.

Значи, треба искра. Плус, троа упорност. И кога муабетов ви изгледа безвезен, раширете кадар: Витилиго – убавина – нов тип убавина – почит кон таа убавина. Адел денес е убава. Некогаш ќе беше „аух, дебела!”. Некогаш би била божица. Естетскиот тренд на оваа декада диктира и „слабичките” да сакаат вештачки да „дујат” облини, благодарение на сваштарникот од можности што естетската хирургија ги нуди. Ова пред 10 години би бил виц од рангот на Мујо и Хасо. Денес е реалност, која наравно, после одредено време ќе доживее таква естетска деформација, што ќе се депопуларизира. Како и сè останато. Тоа е циклусот на трендовите. Сепак, нешто ќе остане. Витилигото ќе се прифати. Други телесни состојби на голема врата се прифаќаат, или веќе се делумно прифатени. Сакале – неќеле, драги мои, станува против-правно да „блаботиш” за лепотата на другиот. Естетиката бара ол-ин. Честопати причините се далеку од оние вистинските, ама сума-сумарум, на крајот од денот, ич не треба да ни е гајле. Нека праат пари, а успут рушат стереотипи. И волкот сит, и овците на број. Фрустрира што нивото на развој сè уште е ограничено, но да се надеваме, до добата на нашите идно-понајидно-најдалеку што може-внуци, ќе удри, покрај, по стереотипи за лепота, и по стереотипи за посуштински ствари.

Значи, поштовање кон различност (во конкретниов случај, лепота), почнува да се раѓа. И над Македонија, сонце се раѓа. Точка, затворена.

Муабетов со почитување на „она што е сега”, моментот – веќе го „исплакавме”. Арно ама, чеда, ќе ви се одмили кафето што ви го напраив. А толку е фино. Затоа, да зборуваме, не за тоа што утињаме, туку што убаво нè чека и можеме да очекуваме.

Па топло време, колеги! (како што милуваше да рикне, во мајски занос, еден мој Професор.)

Нејсе, пролетта а и летото многу ги сакам. Лесна облека и „скитање”. Колку се има време. Сепак, времето не е време во топлите месеци. Како друго време да е, не она претходното. Се дише. А и не се дише. Ако имате нос, можете да намирисате „шаренило“ од мириси. Ако сте алергични, нема да мирисате и ќе се туфкате. Ќе ви се прават „дискови” од топлото, ама затоа ќе си носите понеутрални бои. Патиките ќе бидат одврзани, а и боите „живи”. Наочари ако не земете, минус пишуваат. Шешири гледам се актуелни, па и тоа влегува на списокот „секој-втор-во-градот”, кој иако несакајќи, некако потсвесно го пишувам. Али ако си терате ќеф, и јас сум раат!

Генерално, и пролетта и летото нудат решенија за секој проблем. И тие изгледаат некако помали во ова доба. Магично успеваме да најдеме план Б. Од Еј до Ш.

Поборник сум на тезата дека топлината делува на креативноста. Природен зелен „облак“ инспирација. Како пролетта да е најкараното, а летото најбесното братче во фамилијата. НО, сè е убаво, освен тоа што, луѓето генерално не се креативни.

Како можете?!

Па тоа е поголемо предавство од тоа на Ландо во Епизоуд 5 или Дадли Смит во Л.А.Конфиденшл. Да е според секој космички ред, за ова злосторство би требало да се „папа” преспивање во подрум или старата, астетска но и старо-македонска, „ултра популарна” метода на казнување- стоење во ќош. Стоиш и гледаш во…ќош. Увек сум се прашувал за едукативната тежина на оваа активност, како и казнено-поправната нијанса која оваа тектонска идиотштина треба да ја внесе во воспитувањето…Но, неважно. Што би избрале?„Бош во ќош, или ампула креативност за штос?”

 

Драмска пауза. Еден „шмрк” од кафето молам, за да продолжиме кон непочитувањето на она што е поинакво.

Вашиот кафекувар, со Кихотовски дух, би избрал од ампулата. Една терапија за 30 дена звучи добро, а ако не е доволно – може уште една. Додека не ја „решиме”. Таблетката е одлична, здрава – од тие што се раствараат во желудец. Дејствува брзо, се конзумира со храна. А кога ќе пукне, чувството е – ама-појма-немам какво! Бидејќи е само Ваше. Само ние самите сме господари на нашата креативност. Искористете ја. Излезете. „Цицнете” од многу, по малку. Направете магична напивка. Би требала да е доволна за еден ден. И тргнете од најочигледното – отворете плакар и облечете го она што би го облекле, да речеме, ко за 2-ри Април. Нека е „фино и лудо”. Ќе ви биде полесно. Затоа што ќе ја соблечете „огрлицата” со мини струен удар во неа, која се активира секогаш кога ќе помислите дали можеби сте смешни или чудни. Не сме Њу Јорк, уште помалку Лондон. Тука,  ДА –  ќе ве гледаат со вчудоневиденост, како табла за зонско паркирање; може да слушнете муабет кој ќе наликува на молитва за Вашето здравје; а можеби и ќе регистрирате погледи кои ќе „ѕверат” во Вас како турист со карта во погрешен дел на градот. Сеедно. Вас тоа НЕ, и не треба да Ве интересира. Ви кажува човек кој со задоволство ќе ви напише „рецеТка” за овие ампули. Скромно, може и да Ви помогне, ако некаде заглавите. Сè е во главата. И зависи од штимот. Вокал се распева, клавир се штима, а стил се менува.И е прашање на инспирација. Сè што правиме, ни дава енергија. Енергија акумулираме кога сме свои, исполнети. А исполнетите луѓе, се успешни луѓе.

Би сакал да не ја колнете стилската и секоја друга различност, зошто таа ја претставува еднаквоста – можноста секој да биде тоа што сака да биде. Нека си садат луѓето трева кај нив во двор. Вашата коза, нема да ја изеде. Ова ќе го повторуваме додека не го пеете како омилената песна со слабо -ангажиран текст (може да е и балканска, и на пијано. Сè се рачуна).

Би бил благодарен и да не ми го бркате топлото време, зошто во тој случај ќе ве „бркам” јас, вас. А не знам дали сакате по вас да трча човек со две различни патики. И безопасни во уво.

Би бил инспириран, доколку се инспириравте и вие. А благодарен, доколку дувнете јако, на „три-четири”!

 

П.С. Како кафето?

Spread the love
  • 13
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply