До каде сме спремни да одиме?           

„Облаците ми се лимит”.

Не треси.

И нагоре има воздух. Се дише потешко. Ама се дише. Размазено суштество низаедно!

Често сакам да мислам дека постои вистинска „ментол” паралела за секоја животна ситуација. Имено, напрегнат ко вол на систематски кој треба да носи „тројка” за далеку (а глуми сокол), барав вистинска компаративна вредност за насловот.

Шипки. Сакате во чај. Сакате свежи. Шипки. Уствари…

…ЕУРЕКА, ко што вељат.

Балканците, и најтешката емотивна состојба, можат да ја поврзат со институцијата – кафана. Епа драги мои, до каде сме спремни да одиме? Уште оваа ракија и толку? Уште тиквичкиве – леле, па да цркнам? Уште полче литарче винце, не сум пијан, жими се? Уште уштипциве, ј.бем ти диета?

Е така. Вулгарно – ова е битката на нашето секојдневие. Битката со Танатос во нас. Со нашата желба од една, и можности од друга. Со креативноста од една, и практичноста од друга. Со естетиката од една, и кичерајот од другата страна на рингот. Како сакате.

Упростено до крајност – тепачката со сè што не опкружува.

Во неверојатно тежок муабет се впуштаме, чинам. Бидејќи на крај на денот, секогаш е тешко да си признаеш кога нешто не чини. А и да чини, пак ќе измислиш кретеноидна теорија зошто тоа, на крај краева, и не било твојот врв на дебилизам. „Ехее, имало и полошо!”. И кога го пишувам ова, ме боли прашањето дали секој има свој лимит, човече. Што на своите можности, што на своите емоции. Кога една машина како кола има пречник на брзина, како може жив, апсолутно несовршен организам да биде – совршен?! Тоа му доаѓа како филозофската флоскула што многумина уживаат да ја користат:

„Слушај, јас сум објективен.”

Абе црни Петко, како можеш да си објективен, кога човекот како човек е субјект? Ако мислиш дека тоа е најпаметно што можеш – тогаш тоа е твојот пречник. Твој – ти, како субјект. А да оставевме некој друг да биде објективен? Кој? Не би да навлагам…

Во секојдневната битка со оваа, во слободен превод, емотивна нестабилност, од немајкаде, наоѓаме засолниште. Надворешни фактори. Притисокот, зашто врнело. Нервозата, што друг ни ја пренел. Стравот, да не боли. Болката, да не зезнеме работа. Мислењето на другиот. А многу ретко, ги користиме поразите, како извор на енергија. Стремеж, кон повеќе. Мисла, за подобро. Битка, за посветло. Затоа што, драги ветерничари, тука почнува да ни работи „стомакот”. Една од личностите што ми го покажале патот, тоа го нарекуваше – „јадеж во џигерот”. Превртување на стомакот. Не сме подготвени да се соочиме со својата несовршеност. Па не кине мевот како после сладолед од 5 денари блиску Беко, на времето. Ами не е тоа од храна, чедо – одговорноста убива бетер од каква било настинка, болест, расипана храна. Би рекол, повеќе и од љубовта. Ама, ќе ве излажам.

 

Ќе лажам и ако не признаам дека, тој јадеж ми оставил повеќе непроспиени ноќи отколку комарците по Грчките острови и препиените ноќи. Сметајќи се за длабоко емотивен карактер, овој „фајт” со мозочната мафија, ме натерал да преиспитувам – „До каде? Кога си спремен да застанеш и кажеш, то је то, толку ми паднало од небо?” . Одговор, не паднал. А баш би сакал да ме тресне ко клавир од високо. Оти, мизерно е да тонеш во сопствената апатија. Предизвикува депресија. Ескалира во претерана емотивност и потрага по „засолниште” на погрешни места. А и влијае на апетитот. Затоа, изузетно практично, како за психичката кондиција на вашиот разум, така и за секси, свежиот изглед на вашето лице/тело, неопходно е да си го одговорите ова прашање. На „Милионер“ би го добиле како 15-то, во животот го добивате како прво:

„До каде сум подготвен да одам?”

а) До кај што можам, толку ми е.

б) До кај што ми е дадено. Можам да пробам и подалеку, ама…

в) До небото.

г) До вечноста.

На располагање, вашиот Трендо денес ќе ви даде уште два џокера – фифти/фифти, и повикај пријател. Ајде, првиот, од старт го маваш – остануваат в) и г). Повикуваш пријател – тука или ќе ја утнеш, или, ако тоа е вистинскиот човек за прашањето, ќе бидеш победник. Не во животот воопшто – не летајте. Во дадената ситуација. Сепак, и да е тоа Бони на Клајд, Бред на Џоли, Пинки на Брејн – конечниот одговор го даваш – ти. И од тоа бегање, нема.

Затоа, кој е Вашиот конечен одговор?

Го имам монополот врз Ветерниците, па ќе елаборирам. Мојот одговор е дека – човековата граница, не познава граници. Да, границите си ги поставуваме сами и се плод на нашите стравови. Уплавот од обврски и врзување. Систематското заплашување од естетиката на широката околина. Мрзата. Колку повеќе врти мозокот, толку повеќе оправданија ќе најде. Ќе измисли сто болести, за да се оправда зошто киднал од испит. Или од 6-ти час. Со време, тие оправданија стануваат покреативни, ригидни, специфични.

Во таква ситуација, би рекол – нека едниот Ти биде долу, на теренот. Другиот, во публиката. Што би се советувале себеси доколку можете да се погледнете од далеку? Излезете од сопствената кожа и пробате, „објективно”, да погледнете на работите? Дали би мислеле/делувале идентично? Па кога гледаш утакмица, се дереш по играчите зошто направиле така, а требале онака. Значи, да си „ќор” е невозможно. Може само да имаш проблем со реалноста. Да се разбереме, пак нема да сте објективни. Само крвта од манијакалното вртење во паметот на една иста мисла и ситуација, ќе се префрли на порационални места. И ќе делува неверојатно. Верувајте.

Бариерите се најлесно видливи, во контекст на естетиката. Ви зборува човек, што покрај се, му било важно што се зборува. За да денес, едноставно, свири по свои правила. Несвесно, станав зависен од својата животна мелодија. „Рефренот што сакам да го пејам, нема да го сменам. Нотите што ги свирам, нема да ги сменам. Приказната што ја раскажувам па ич нема да ја променам”. Сакам да верувам дека успеав во вградувањето чип кој ќе го „дебагира” системот, и ќе го подготви за новини. Неопходноста од промени е врвно психичко достигнување, но само во ситуација, кога тоа ќе не направи подобри луѓе. И ќе ги помести границите на нашето небо. Кога ќе ни го отвори срцето за љубов, која ќе не направи комплетни. Гладни за уште поголем успех. Отворени за нови победи. Полни со надеж дека, промени, се сепак возможни. Дотогаш, за жал, ќе го повторуваме истото. Како папагали. Додека некој не ни стави игла на столот и не разбуди од зимскиот сон.

Секоја личност/професија се соочува со истиот предизвик – поместувањето на летвичката е оставено само на оние, големите. Гладните, воедно заситени од медиокритетот. Оние, што ќе најдат начин како да ја извадат иглата од сеното и ја бутнат под дупето на заспаните. Магарето си „тера”, времето одамна не тече бавно. Токму тоа треба да е мотивација – да станеш поголем од вчера, посреќен од лани, подобар од сега.

Тиркизна брада не е само естетика. Тоа е предизвик. Како и се останато во животот. Заборавивте дека и полагањето за возачка беше предизвик? Младоста полесно толерира предизвици. „Зреењето”, иако би требало да не направи разумни, честопати е проста рефлексија на она што го живееме. А тоа, факт, не е многу сјајно. Затоа, личност која бара предизвици, е вистински сојузник на Дон Кихот. Менува во од, со цел да придобие нечија доверба. Го жртвува сопствениот комодитет, за да продолжи да расте. Лесно е кога мислиш дека знаеш сè. Али чичо Сократ фино тоа го срочил – знаел дека ништо не знаел. Тоа е нашата граница. Ние сме несовршени суштества со совршена можност да научиме да растеме – над облаците. Само ни требаат вистинските ноти. Учебници. Естетски вредности. Вистинската љубов.

Со доза на дрскост, отворено ќе прокоментирам дека не ја „жртвував” мојата брада, за да добијам ваш „пас”. Го направив тоа, од егоистични причини – чувствувајќи дека ако не го направам, можеби никој нема да се осмели да скрши уште еден ужасно монотон стереотип за нормалност во нашава ни напатена земја. Кога ќе научиме да уживаме во различноста – ќе блеснеме. Лесен е тој пат од песимизам кон идеализам. Доколку ги имате сите „потребштини” наведени погоре. А и да ги немате, веројатно имате некоја тиркизна брада во животот која ќе ви ја тресне просечноста, и ќе ја „огладни” вашата, привремено успана, мотивација.

П.С. Нова мисија – да најдеме уште Дон Кихотовци.

Аха, да, гледам во нив.

Преку монитор. Ама ве гледам.  J

За крај, имам посебно П.С за…

…Билја, Мира, Бојан и останатиот дел од тимот на Студио ИН. Ем сте најпрофесионалните луѓе што ги познавам, ем ги трпите моите будалаштини во боја. А сте креативни до свемир.

Кој сака брада во боја, магла кај Бубе во студио! Сту-ди-о ИН! :)

Spread the love
  • 1
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply