Амелија Ерхарт, 14 јуни, 1928 г. пред нејзиното летало наречено „Пријателство“ во Њуфаундленд.

Идејата за сопствена модна линија на славни луѓе датира од 1850 г., кога надалеку познатата шведска оперска пејачка Џени Линд одлучила да ја дополни својата растечка продажба на билети со промоција на неколку брендирани парчиња меѓу кои ракавици, шешири и шалови. По неа следувала ѕвездата на немиот филм Ајрин Кесл, прекрстена во „најдобро облечена жена во Америка“ во тоа време, која била првата славна дама која сама си дизајнирала (исто така и промовирала и била модел) модна линија. Шаблонот за познати личности, претприемачи, бил поставен. Потоа на ред дошла тениската ѕвезда Рене Лакост, супермоделот Твиги во шеесетите, дури и „Битлси“ пробале да продаваат психоделична колекција. Денес, се разбира, „усреќени“ сме со немилосрдното брендирање на кланот Кардашијан/Џенер/Вест, но некаде помеѓу сета таа историја на колекции на славни личности, била онаа на Амелија Ерхарт, американски пионер во авијацијата и сестран, неверојатно силен пример за жена чија модна линија веруваме дека ќе беше многу поинспиративна денес.

Амелија Ерхарт истовремено е легенда и мистерија. Покрај тоа што била првата авијатичарка која летала сама низ Атлантскиот океан пред авионот да исчезне во 1937 г., и никогаш да не биде пронајден, Амелија имала многу други задолженија. Била и социјален работник, советничка за напредување во аеронаутиката, новинарка, мотивационен говорник, поставила многу рекорди, и како што дознаваме, модна дизајнерка која имала своја линија, „Амелија Ерхарт Фешнс“.

Сè започнало со една вечера во 1933 г. со дизајнерката Елза Скиапарели, големата ривалка на Коко Шанел. Двете дискутирале за функционална мода и Елза ја охрабрила Амелија да го следи својот интерес во креирањето на модна линија за жени (веќе имала креирано костим за летање за авијатичарки). Набрзо, Ерхарт и нејзиниот маж Џорџ Путнам почнале со креирање на парчињата во нивниот апартман во хотелот „Сејмур“ во Њујорк. Путнам, издавач, кој бил и вешт во маркетингот, и помогнал на Амелија да ја зголеми популарноста со објавување на нејзината книга, организирање промотивни тури и препорака на нејзиниот продукт.

Амелија Ерхарт ги прави последните подготовки на блузата.

Амелија веќе имала голем број обожаватели на нејзиниот стил и дизајнирање на сопствена модна линија бил очекуван следствен чекор. Таа ја дизајнирала сопствената облека како тинејџер и ја надгледувала продукцијата со Џорџ, поставувајќи основа за оригинална работилница во нивниот хотелски апартман, надополнета со шијачки постојки и кројачки кукли.

Дваесет и петте парчиња кои биле дел од „спортската колекција“ се продавале во специјализирани продавници „Амелија Ерхарт Фешн“ поставени ексклузивно во „Мејсис“ во Њујорк и „Маршал Филдс“. Деловите со парчињата со прифатлива цена се состоеле од фустани, блузи, панталони и костуми со копчиња обликувани како пропелери и капи направени од најлон.

Амелија, како модел на сопствениот моден бренд.

„За украсување, скоро секогаш користам нешто поврзано со авијатика“,  им кажала на репортерите, „Јаже од падобранец за машна или каиш, топчесто лежиште за токата на каишот, шрафови од крило и завртки како копчиња“. Подоцна, нејзината колекција од куфери била составена од серија чанти со детали поврзани со воздухопловство.

Но таа не дизајнирала само за нејзините колешки, пилотки, туку исто така продавала облека за жени кои ги вршеле и „најмажествените“ задачи, како на пример, возење кола – што била непријатна активност благодарение на традиционалната облека од тоа време.

Секако, дефиницијата за спортска облека денес е многу поразлична од онаа во 1930, но Ерхарт очигледно била жена која го разбирала проблемот кога треба да се склопи прикладен изглед набрзина. Било важно да се покаже дека Амелија не била машки имитатор, туку прототип за супер-жена која можела да лета низ светот за еден ден и енергично да ги изработува сопствените, практични парчиња облека ноќе.

И покрај тоа што била избрана како една од десетте најдобро облечени жени во Америка од страна на модните дизајнери во Америка во 1934 г., колекцијата на Амелија не наишла на истиот одзив. Исто така лоша среќа било тоа што го лансирала нејзиниот бренд во ек на Големата депресија. Колекцијата набрзо ја снемало од продавниците и само мал број парчиња „преживеале“.

Пронаоѓањето парчиња од брендот на Амелија Ерхарт на eBay или пак во продавници за винтиџ облека е редок случај (и можност која би ве советувале веднаш да ја искористите).

Spread the love

Leave a Reply