„Која е Матеа? Ни јас сè уште не знам точно, да бидам искрена. Сè уште не можам да се дефинирам себеси. Секојдневно забележувам промени кои влијаат на таа ‘слика’ која ја имаме за нас.“

Јас би рекол дека таа е од оние луѓе кои едноставно зрачат со убава енергија. Толку природна и своја! Тоа секако ќе го забележите откако ќе ја запознаете. Како зрак светлина, нејзината аура што го обвива телото со широки, обоени светлосни прстени околу неа одразува најпријатни, прекрасни тонови.

Таа е инспиративна млада дама со изразена индивидуалност, романтичар, активист кој ја крева свеста за решавање на општествените проблеми со кои се соочуваат нејзините врсници, голем вљубеник во филмската уметност и ретка естета. „Ако некогаш направам филм, ќе се обидам да претставува визуелна поезија. Отсекогаш сум го сакала тој концепт затскриен преку ведра приказна“, ми кажа додека навлегувавме подлабоко во разговорот поврзан за нејзиниот креативен израз.

Всушност, разговаравме на повеќе теми, меѓу кои секако – нејзиниот стил. „Широки панталони, долги капути, чевли во сите можни бои и шари, мантили, кошули, долги сукњи и фустани и голем број на обетки. Носам многу широки работи, но до граници каде што сè изгледа убаво и интересно. Иако си го сакам и често го применувам тој ‘батал’ стил.“. Хм, но тој на неа секако не изгледа неуредно. Напротив, секое едно делче e таму со причина. Во одличен склад, убаво прилагодено, никогаш вулгарно, секогаш со мерка и сенс и што е најважно според неа – комфорот. „Особено ми се допаѓа комфорот кој го поседува човек при носење на аутфитот. Поради облеката може да создадеме одредена слика, која не мора да соодветствува со вистинската. Тоа е и разликата помеѓу носење на трендови и носење со стил. Стилот е прикажан преку самодовербата која произлегува од комфорот, оној што човек го носи со себе додека носи одреден аутфит.“ Тоа е  „тајната состојка“, зарем не?

 

.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply