„Јас би да поработиме на вижуалот” – Сатја Грабулоски, 2015.

Себецитирајќи се, во стил на „голем” македонски академски ум, би го започнал новото ветерничарско поглавје. Реално, малку знаеме за боите. Нашите бои. Боите на пролетта или есента. Боите на нашето расположение.

Далеку од тоа дека сме колоритно неписмени. Не, не сакам да го помислам тоа. И претходно имам напоменато, дека Македонија е „крем” нација. Темно сиво, светло кафено, тегет што „удара на сино, ама што потемен за да оде на сè”, пастелни бои „оти многу боде очи да е инаку”, и слични Тутанкамонови тајни, кои и Том Хенкс со неговата посветеност во Кодот нема да е ниту блиску до нивно разоткривање.

Не, не сме неписмени. Само сме уплашени. Секако, од нешто што појма немаме што значи и претставува.

Затоа, Дон Кихотовски, како и досега, одиме со демистификација и шашава бојна гимнастика на умот. Боја по боја, по специфичен „како ми дојде” редослед, да видиме што тоа не плаши ко тест физика во втора средно. А не треба – па другар(к)и, сме учеле за тестов. Од мали. Кај се изгубивме по пат?

Би да почнам од црвената. Моја боја. Елем, шкорпионска. Боја на огнот и мудроста. Филозофска реминисценција. Симбол на сила, здрав дух и виталност. Колор рефлексија на импулсивност. Оптимизам. Интроспекција. Знаете, психолошки секоја боја си носи своја матрица. Иако не верувам во генерализација на нешто толку специфично како разумот, може да стереотипизираме на темата дека „црвените луѓе” не можат да поднесат монотонија – р’мбаат ко мравки, не согледувајќи ја свесната околност да нивниот животен план може да не излезе баш така. Оние, тивки црвенковци, во неа бараат топлина и сила, која ја црпат од нејзината огромна животна сила. Вака можеме до утре. Битно е дека црвената асоцира на љубов. Кон животот и сета негова емотивна вредност.

Мојата идеја за Вашето повторно запознавање со боите, многу личи на дејт на слепо. Значи, како посредник, ќе се потрудам да Ви оставам добар прв впечаток, иако веќе потсвесно, вашата идеја за боите е обликувана од низа ситуации што Ви се случиле во животот. Е де, не ме интересира. Како и секој човек, и боите, треба да имаат втора шанса да се докажат.

Историски, црвената е боја на екстреми и високи амплитуди. Љубов, насилство, гнев, авантура. Племенските свити, ја дијагностицирале како боја на огнот и крвта, енергија и животна сила. Влечам паралели. Античките Грци ја славеле како симбол на надчовечко херојство. Била многу ретка во Антиката. Мистична, а моќна. За Ацтеките, природниот црвен пигмент од буба, бил поценет од златото. Ја поистоветувале со крвта, а ја носеле за да им го продолжи животот. Ко ние денес карираното…упс.

Римските војсководци носеле црвени плаштови, многу пред нејзината ројализација. Аве!

Со јарболот кон Исток, црвената е боја на главната чакра. Онаа која не поврзува со универзалната енергија, а се наоѓа на долниот дел од р’бетниот столб. Како „уземјувањето” на струјата, отвореноста на црвената чакра помага во нашето успокојување, чувство на припадност, ги намалува чувството на несигурност и недоверба.

Општо, рационалните секвенци се секогаш, секогаш, обликувани од нашите искуства и социјализација. Боите не се исклучок. Кој како си ја наредил. И од каде доаѓа. На пример, црвената симболизира убавина во тон култури. Кај Кинезите, симболизира лето, среќа и богатство. Кај Јапонците, таа е дел од нивната митологија – Шинто и Будистичката традиција. Скандинавците си ја гледаат со други очи – пред ројал црвената да стане симбол на Кардиналите и црквата, „фалунската” црвена била резервирана за привилегираните касти. Во Англија, се знае – даблдекери, телефонски говорници и мејл кутии. А како што во Англија е фраер, црвената во Израел била „ѓаол”. Кај нас, црвената ја врзуваме со различни периоди…кој како си гледа. Да не навлегуваме во Антиката – нашите носии со гордост ја носат оваа боја, како една од трите главни бои на нашиот национал. Ја имаме на знаме пљус. Јеј!

Ок, да резимираме. Ја имало, ја има. Фраерска е. Значи за секој, она што во неа сака да го види. Така е со боите. Немаат уста да кажат што значат. И тоа е нивната предност. Значат тоа, што вие сакате да значат.

12311446_10207351585855221_163527456_o

Скопје треба да носи црвено. Зошто?

Да речеме, секој ден сте костумосани. Црвена врска симболизира моќ, и бизнис став. Не само во политиката, туку и во микро комуникацијата. Тајгер Вудс носи црвена опрема, зашто некој му кажал. Не зашто е фино да гледаш црвен пуловер на зелена нива. Дами, од машка перспектива, црвената зрачи со секси енергија и нескротлив сексипил. Според најнови емпириски истражувања, вие дами, повеќе несвесно бирате црвена боја, како би (повторно несвесно) праќале „сексуални сигнали”. Бре, муж кога ќе види јако-црвен кармин, седнува на столче ко после гол у 90+. Кај децата е едноставно – црвената е фина, впечатлива и енергетски ефикасна.

Најважно е да имате претстава за тоа што сакате да кажете со тоа што го правите. Или да вулгаризираме, носите. Може сте тутуле-бале баш за црвен фустан. Ако е „тренди”, не значи дека ќе бидете секси, напротив – тоа е грев за очите на околината. Црвена машна на вас може да изгледа како скинато платно од Матекс, па искривено. Затоа и збориме, и ќе збориме на темава. Боите заслужуваат да се заинтересирате за нив и нивната генеза. Еволуцијата ги направила доволно силни, за да не може секој да се за.бава со нив. Однесувајте се со почит кон нив, за да можете да ги почувствувате. А и да ја добиете нивната доверба.

Јас многу си сакам црвена. Омилена ми е. Сепак, некогаш и мене знае да ме „изеде”, ако не пазам во каков контекст ја користам/носам. Не е џабе фактот дека црвената дава енергија…Пратите стрипови? Технички, најмногу суперхерои имаат црвена на своите убер фраерски алтер-его костими. Цртачите ова не го тропнале, ами го прочитале и имплементирале. Значи, да не се разбереме погрешно, не сум ментол бомбона па да се осеќам ко супер-херој кога носам црвен дукс. Али, црвената „дига”. Енергетски, емотивно, умствено. Визуелно ја реафирмира потребата од силен дух, авторитет и доминација во тоа што го правите. Естетски, ја унифицира вашата енергија. Психолошки, ве тера да застанете – по навика, но сепак, да застанете и погледнете пак.

А ако ништо од ова не е доволно добра причина да ја поканите црвената на втор дејт, отворете го телефонот. Изберете го името кај кое ќе ви се протресе срцето како ѓезве на решо. Отворете пораки. На симбол тастатурата куцнете „<” и „3”. Бива?

Црвената е љубов. Буквално…

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply