По вокација, Ивана е филозоф… и, е во многу недоумици и дилеми…и можеби затоа упорно поставува реторички прашања како: „Зошто? Зошто тоа мора да е така?!” И се насмевнува весело, со светнати очи, секој пат кога ќе ги изговори истите… патем, брлива е и изгледа како да има, не повеќе од 15 години; генерално, ја краси онаа детинеста аура. Но штом прозбори, нејзината зрелост и начитаност неизбежно ги забележувате… и’ успева најтешкото: ги балансира карактеристикиве со толкава леснотија! Филозофските прашања согледувате дека се само нејзини сопствени „узречици”, односно вчудовиденост или воодушевување на конкретен предмет или тематика; се подразбираат нејзината духовитост и дискретна, речиси невидлива, иронија…

По хоби, таа е љубител на екстремните спортови. Поекстремно, таа се бави со нив! Малку се извртени нештава тука: хобито повеќе се поистоветува со нејзина професија, додека универзитетската диплома по филозофија и љубовта кон читањето би биле нејзино хоби!:)

Не поседува фустан со цветни мотиви во плакарот… не поседува фустани! Не видов ниту потпетици… ни маскара, ни кармин наоколу… Но верувајте, знае толку добро да ги усогласи боите и да ја склопи комбинацијата, за 2 минути! И Ве уверувам, ќе биде попривлечна од кој било распафтан флорален мотив со кој ќе се разминете на улица! Некако зрачи одвнатре, поинаку (и знае да си се „носи” и без шминка)!

Кога сме кај оригиналноста: Ивана знае како да залепи шмиргла на скејт! Девојки, некоја друга знае како да го направи истово?! -Не Ве слушам?………….(молк)……….. – Знаев. Ивана е единствена. :)

Ајде заедно да ги разгледаме двата „аспекти” на Ивана.

1. Детинестото: Сака чудовишта и други неартикулирани суштества како принт, ОК; навистина го сака и логото „уста која вришти”….највеќе сака ѕвездички! Серијалот „Ѕвездени патеки”, исто така го сака. – Детинест? – напротив! Кој вели дека цртаните денес, анимираните филмови и стриповите се воопшто за деца?! “…„Омилена меѓу суперхероите ми е херојката Wonder Woman од DC Comics! И Tank Girl, нормално! :) Ги сакам и ликовите на Марвел али, ДС ми се боље пошто имаат појаки суперхеорои, како на пример, Супермен! А сите знаат дека тој е најјак!” (токму така, само еден е Суперчовек!) И, секако, длабоко е приврзана за своето семејство…

2. Возрасното: Меѓу тетоважите го „има“ и Ниче, има и репродукција на дело од Фрида Кало… со чие творештво Ивана е детално запознаена, a e далеку од инфантилните тематики. Буковски? Исто така…Неколку пати муабетите спонтано кулминираа со аргументи околу најистакнатите жени од минатиот век; воедно, феминистичкото движење е исто така од нејзин посебен интерес. Еден куриозитет: Ивана ја карактеризира накратко, релаксиран стил на облекување. Но и’ се допаѓаат комбинации „во тон”, oсобено кога патува! Tаа им оддава почит на местата што ги посетува, на оригинален начин: Нејзиниот стајлинг, меѓу другото, мора да е во согласност со градот во кој се ноѓа во моментот! Така, мотивите што преовладуваат на облеката мора да соодветствуваат со самиот град; на пример, Ајфеловата кула фигурира на чорапите за дента низ Париз; маичката со принт „Peaches” е за во Берлин, каде што живее пејачката (иако, канаѓанка по потекло), итн. Ви спомнав уште на почетокот: таа совршено го балансира својот свет на „младо-старо”: беснеат фиктивни суперхерои, фрчат екстремни спортови, се насетува нео-хипи начинот на живот и, прострујува, меѓу редови, феминизмот… позитивни вибрации, патувања, и мнооогу книги… н.з.с. за Ивана од екстремиве? – Исполнета одвнатре, сепак умерена и ведра.

Се мислев но, сепак, на крајот би ја додал забелешкава: Навистина, по малку е и срамежлива… и смета дека: „без раце не се може но, сосем ми се непотребни и не знам каде да ги сместам кога ме сликаат со фото-апарат!” :)

Spread the love
  • 8
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

One Comment

Leave a Reply