Некогаш е така – колку повеќе воздух, толку повеќе ти фали. Ти фали да гледаш во празно. Да ја бараш суштината…

…на зелената. Зошто зелена? Па јасно е, другар(к)и. Не за џабе природата е обоена во бојата на хармонијата. Барем сè уште… се надевам дека ќе не трпи, додека ептен не ја „извадиме” од кожа. Од аспект на колор психологија, велат дека успева во невозможното – да вага меѓу срцето и емоциите. Најс, нели? Убаво викаат, „да знаевме, ќе бевме зелени. Не кожни”.

Теоретски, и ова е боја на баланс. На повторно раѓање. Обнова. Во модерен контекст, „дај-да-бегаме” боја од асфалтните стресови. Има нешто што смирува. Те прави да се чувствуваш заљубен – во она што е околу тебе, а сосем неоправдано го запоставуваш со изговор дека „и овака и онака – е тука”.

Зелената е една од четирите „основни психолошки бои” (во буквален превод), покрај црвената, сината и жолтата. Се наоѓа во центарот на колор спектарот. Боја на пролетта. Симбол на свеж воздух и умствена чистина. Во азиските култури ја толкуваат и како боја на вечен живот. Боја на Anahata, чакрата што се наоѓа во пределот на градите и ги поврзува срцето, респираторниот систем и комплетниот граден кош со моќта на умот. Боја на Ирска, Исламот, боја на Венус и Афродита. Статистичарите велат и дека се работи за втората најомилена боја на луѓето, по сината.

Симбол за пари. Ама и симбол на слободата, природна за секој човек. Убаво е кога една боја е епохално поврзана со предмети или чувства кои се значајни за истата. Природата за Атињаните била парите за волците. Денес, наводно, сите ние се бориме за суштината. А меѓу боите, зелената е „суштина-мајсторот”.

Психолозите не би биле парти-брејкери, ако не ни ја забиберат зелената и со троа негативни асоцијации. Накратко, она што најчесто се споменува е: индиферентност, материјализам (во негативна, секако), завидливост, индиферентност. Што знам…не ми гледаат очиве лошо денес, па не ми се мисли на минуси.

Нејсе, не сум човек што често знаел да ужива во зелениот пигмент на природата. Не сум верувал во нејзината моќ. Не сум и дал шанса.

И сум се зезнал.

Знаете, балансот на зелената боја неспорно излегува од магичната рамнотежа на природата. Таа универзална сила која ги буди цветовите, го чисти воздухот и ја негува земјата. Звучи мистично, но во суштина е многу едноставно. Причинско-последичната врска на сето зеленило кое не опкружува, е на еден „вдих” од нас. За жал, не стасува на ред од нашата опседнатост со релативната сегашност.

Немаме кога да слушнеме што сака да ни каже. Да не искара. Прекори или пофали. Ако добро се сеќавам, Ана Франк меѓу другото, зборуваше и за едноставната убавина на природата која никогаш нема да исчезне.

Не другар(к)и, ќе исчезне.

Ако и понатаму сме егоистични и невнимателни. Ако нашата поширока одговорност за она што не опкружува ни е на шат даун. А лесно си наоѓаме кривец, реално. За ова е одговорен нашиот живот, кој е во дисбаланс бетер од кола после фронтал судар. Со една гума возиме по асфалтот на нашето секојдневие, а со друга по планините, наседени со дебилни грижи. Е ради оваа „тумба-румба” вожња, забораваме кои сме. Од каде сме.

Дечки, дечки… ДЕЧКИ! Не ја газете неа. Не се плука по рака што сака, и може да помогне.

Овој мој зелен привид, ме натера да размислувам за мојата омилена „зелена”. Како боја, никогаш не сум умирал по неа. Но нејзината приказна, секогаш ме фасцинирала. Како човек кој скоро постојано живее во некаков расчекор и нерамнотежа, која е мојата „сигурна” точка? Реков, од зеленило, највеќе до тревата во парк сум стигнал. Но, кога умот е доволно отворен, а равенката ќе ги погоди правите непознати, доаѓате до „магнифиснт фаундингс”. Како дете израснато на асфалт, секогаш сум мислел дека мојот баланс, покрај семејството, е некоја ситница околу мене. Мојата работа. Моето перо. Ноти. Нешто, шо знам…

И сум грешел…Еурека!

Мојот баланс се луѓето околу мене. Оние на кои неизмерно им верувам. Кои ги слушам и пред чии зборови ќутам. А верувајте, јас ретко ќутам. Да, тоа се луѓето кои покрај Лира и Бискит, се вистинска височина од која не можеш да паднеш. Бидејќи, се грижат. Те прават посилен. Иако ти маваат заушки како Гибс на Динозо и те „малтретираат” како што Луис урла по стажантите во „Пирсон Хардман”. Сепак, на крај, сè е на место. И сè е како што треба – за сè што ти треба.

  

„Ќе биде добро. За твое добро.”

Е тие луѓе се мојата природа. Моето зеленило. Мојот баланс кој ме прави ем подобар, ем посреќен. Тие се тука, кога се оди во нијанси на црно. И поцрно од црно. Кога посивува. Кога помодрува. Кога саде црвено ти се гледа. Оти големината на еден човек, не е он самиот. Ами неговото семејство…

…неговите пријатели.

Кога нема каде, одиме – никаде!

Да, одиме. Сите заедно. Дождот не паѓа само на еден цвет, нели? :)

Spread the love
  • 6
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply