Да, знам дека зборот „Лудус“ ако си го помакедончиме наликува на зборот „лудо“… Добро, ни во тој случај не би биле премногу далеку, ниту од технички ниту од смисловен аспект, од соодветните термини за намената.

Еве, ќе ви препуштам Вам. Едноставно, „поиграјте“ си со жаргонското наше „ЛУДО“ кое, севкупно означува „забавно, смело, живо, откачено, добро, игриво“… сега, низава зборови претставете си ја како да е Рубикова коцка, што си ја вртите низ дланки и се трудите да ја сложите… просто кажано, да го идентификувате „стилски“ Гаго, професионално и лично, е како да се обидувате да ја сложите Рубиковата коцка, и во занес, се препуштате на „играта“…

Тој прописно ми ја појасни етимологијата на „Лудус“, сведувајќи ја на следново: „Тоа е латински збор што во превод значи „игрa… шега… забава…“

„Правила на Игра(та)“: Софистицираност, елегантни тонови, минимализам и лежерност, меланхолија и интензивни емоции,… Лудус одамна се издигна до автентичен и докажан урбан моден бренд кај нас, препознатлив по својот интелигентен концепт, „карактерен“ дизајн.

Фронтменот Гаго, ми отстапи простор и време да уживам и да се препуштам на енергијата во неговата креативна средина… еве како „доживеав“ некои од неговите креации: Небесно-синиот фустан инстантно ми створи слика во глава на исконските Одри Хепбрн и Иди (музата на Енди Ворхол) како се тегнат за него, која попрво да го облече! Кратките трапезни панталони во шеќерно црвена боја, беа украсени со минијатурни „зарови“, но без црни точки и женски маици со точки и монистри во кои, ако се загледаш подобро, визуелизираат смајли! Јас би рекол „минималистички парчиња заглавени во времеплов меѓу класиката и модернизмот: дизајн што некогаш бил футуристички, своевремено напреден некаде околу ‘60-те а денес пак, е оживување на класичната нота по која сите сме носталгични. И пак, во согласност со урбаниот модернизам после половина век…“

Од неодамна „влезе во игра“ и „капсула“ колекција за мажи… е тоа е нешто што дефинитивно треба, и едвај чекам да видам, како се развива кај нас… дизајнирани уникатни парчиња за мажи… се прашувам кои 2 машки „икони“ би ’скокнале во „фер“ игра’ за палто од Лудус со совршен крој!

И, каде бев?! – A да, Гаго конкретно: Парадоксално, наспроти меланхоличниот и понекогаш тажен карактер со кој се продуховени неговите дизајнирани парчиња, реков „ИГРА“ на повеќе наврати… епа нели е забавно кога некој има барем еднo автентично тематско парче на себе во склоп на секојдневниот аутфит?! – Парче што значително ти ја облагородува глетката, расположението, инспирацијата и апетитот за колорит… На пример, неочекувана наметка и шапка како оние од „Фантомот од операта” (со тоа што, Гаго претпоставувам би го поместил дејствиетo од истоимениов роман, од Париз во Венеција); или пак, маица дизајнирана од Вивен Вествуд со апликација од сериозниот Шекспир со кловновски црвен нос, „во рамка“; и секако крупни бели точки на црна кошула… игриво!

И за крај, вообичаениот несвесно-автоматски „скенер“… Го снимаме соговорникот од глава до пети и последно, фокусот го „закотвуваме“ на обувките кои „го красат делото“. Гаго носеше класични црни чевли кои, не можете ни да замислите до кој степен „ретро“ со џиш светло-сини врвци! На тој освежувачки финиш, осетив како лицето ми светна во насмевка! Тоа би бил трофејот на секоја игра, нели?! – Освои ја насмевката кај соиграчите! И со „лудо“ немаше да се оддалечиме премногу од целата игра…Упс, приказна!

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply