Септември е месец во кој сите, сакале или не, се формализираме. Како што милуваат дел од нашите „владетели” на перото да дијагностицираат – се „скрасуваме”. Јас, повеќе ветерџија од пераџија, ќе ви кажам – не бе, децо…

 

Институција. Рациото веднаш тера да помислите на администрација, така? Чекајте, малце да ја вулгаризираме темата – средовечна жена во костим, со тазе свиткани сармички на кровот од ставата, или дотеран господин со перфектно залижана „кабриолет” фризура, ве услужуваат со исклучителен ентузијазам и желба за работа. Ноуп. Нормално е кога ќе се спомне институција, да се наежиш. Од бол, туга, штодае. Таа Одисејовска турнеја низ административните лавиринти коja е доволна инспирација за нов дел на Мејз Ранер, е тотално фрустрирачка. До таа мера, што те тера да направиш себеанализа дали си сè уште желен за живот потоа. Сепак, терминот институција, освен во буквална смисла, е апсолутно погрешно да се дозволи да биде изеден од нашето секојдневие.

Зошто е „Месецот на проклетството” за учениците и студентите, може да почнеме со догма. Без камења и таков тип подучуванки. Дефинирајќи го терминот „институција”, лесно може да заклучиме дека е форма на некакво – здружување. Побуди, различни – религиозни, филозофски, естетски, дебилни. Нејсе, рамката која една институција ја поставува, е она што не тера, секогаш кога ќе се спомне овој ценет термин, да помислиме на најлошото можно сценарио извлечено од нашите искуства. Полошо од администрација, амин. Затоа и увертирата. Но, да се задржиме на суштината. Здружување, естаблишмент, организација, целина, хиерархија. Цел систем на поврзаности, дел рационални, дел тромави. Некој дел стално је.е. Друг дел е секогаш незадоволен. Трет, ја бутка работата напред.

Септемвриски, време е за будење на главниот административец, прав „шеф сале” на нашата маленкост – мозокот. Тоа е бре, институција. Установа. Влада. Устав. Обвинител. Колку го контролираме – тоа е друг муабет. Архаична фраза, по потекло од Прилеп, вели дека е мајмун. Збеснува онолку колку ќе му оставиш простор. Врти онолку колку што ќе му ставиш бензин. Далдисуе додека не дигнеш рачна. Те слуша послушно како ретривер, или ти дава „не ми труби” поглед како булдог. Во секој случај, секој мозок без разлика на неговиот тренинг, е подложен на „драјвови”. Нешто го возбудува, друго го радува, трето го заљубува. Ова е месецот кога треба да го извадиме од постпородилната депресија по тазе ојденото лето, и да го вратиме во форма.

12033506_10206969589225544_1127815635_n

Недоволното поење на безвременската мозочна машина со плусеви може да не „скине”. Знаете, она математичкото дека два минуса се плус, не важи. Два минуса се – два минуса. И уште два во најава. Затоа, верувам дека секој драјв кој поттикнува позитивно расположение, смешак, желба за живот е – вистинскиот. Да си го земете за маж/жена, ич да не му ја мислите. Ако е тоа белетристика, читајте до губење вид. Ако е купување кондури, цела плата нека оди фиран. Што и да е. Битно е да се најде.

„Значи, цел ден ми е за никаде, ако после работа не отидам во продавница. За дома купувам. Не дека нешто битно ќе најдам, едноставно тоа е – ритуал. Дома треба да има јадење. Нешто ќе ни се пријаде, па не може стално по кафани да се јаде. Домот е светост. ”

 „Работа ко работа, ама ништо не ме исполнува повеќе од моментот кога ќе го видам син ми. Среќен, ме гледа после работа. Цел ден си р’мбал, ама имаш зошто да си одиш дома. Тоа е среќа. Можам и во џеб да имам само стотка, ама ќе му купам од продавницата по пат нешто. Просто е, имаш за што да живееш. ”

 „Секој викенд, мора некаде да се оди. Што ќе правам тука?! Ќе мувлосувам?! Ма, неЌу бре. Цела плата, само на бензин. Какви места има низ Македонијава. Убава е, многу е убава. Да не ми се тие излети, нит работа ќе сакам да видам, нит ќе можам да се насмеам на шалите на колегите во понеделник.”

„Брату, понеделнички се знае – дискач. Четврток исто. Па сабота. Зимно време, идеме зимска шема. Кај Зоки преку недела, ако е иста програмата. Тоа се добри журки. Што ќе праам дома? Ќе збудалам!”

 „Ја сакам. Ех после толку време, да се чуе тоа. Ми дава сила. Поддршка ми е. Знае како, знае кога. Убаво ми е. Имам елан, мотивација. Ме мотивира. Имаме за што да збориме, секогаш. А и кога не збориме, како да збориме. Кога не е тука, како да е. Присутна е. Ме прави среќен.”

Гледате? Мали тајни, на големите мајстори. Ова е успешно администрирање. Да свртам уште еден круг, ќе ви обезбедам уште десет приказни за успешни и позитивни драјвови кои даваат волја за живот. Да прочепкам во мојата историја, веројатно ќе најдам уште тон. Иако дел од моите фази, презентирани низ призма на други луѓе, се веќе елаборирани погоре.

Да не бидам ептен „плусаџија”, да фрлиме троа минус во запршката. Мазохистот во мене, има тотално офф фраза за да го уништи овој момент:

А што е со негативните дразби, онаа храна за ум која делува налик пудинг со поминат рок?

Како доаѓа тмурно доба, така се враќа и „дебелата” облека. За мене, тоа има посебен драж – не сакам ладно, побогу, кој сака?! Ќе си го папаме, и никој не не прашува. Сепак, има арно и во оваа метео консталација. Јас лично, си ја наоѓам во носењето Uggs. Не им правам реклама. Стварно си ги сакам. И носам. За мојата институција-мозок, тоа е чоколадната торта на зимата. За другите? Па, не баш… Стереотипните мозоци кои сè уште имаат дисфункционална администрација, сакаат да те скршат ко лепче со паричка. Да те издишат ко балон на таван во Универзална. Неќат да те има таков, и тоа е тоа. Ти се свиткуваат околу врат и стискаат, додека не те вратат во нивната замислена нормалност и просечност. Тоа е човечки. Опседнатоста со ирационални ставови кои влеваат деструктивни мисли се масло на умот. Верувам дека и тие умови се будат во септември. Верувам дека нивната зависност од негативни драјвови може да се промени. Сакам да мислам дека нивната животна цел може, и ќе биде многу поголема од тоа што во моментов е. И за крај, не губам надеж. Можеби, баш овој 9-ти, ќе успее да ги разбуди заспаните келии полни интелигенција кај оние кои од многу вртење во празно, заборавиле да гледаат. И слушаат.

Не е реално секогаш сè да е убаво. Секогаш нешто нема да чини. Ќе има мачни периоди. Мозочната амортизација е голема, ама за разлика од механиката, може ментално да се наполни. Токму тоа „чарџање” е возможно само ако решите да уживате во она што навистина ве прави среќни. Денес, ами и утре. Утре, ами и задутре. Ако се тоа кондури, нека се сто пара. Ако е тоа семејството, нека се милион насмевки. Ако е тоа љубовта, нека е неограничената желба да верувате во неа.

Ви пишувам, а се будам себеси. И мојов ум почнува нова школска година. Но, за разлика од претходно, некои други „драјвови” ме прават стабилен. Среќен. Амбициозен. Дури и естетиката ми се менува под влијание на мозочната храна. А кога денот е при крај, конечно научив да го ценам својот мир. Тоа е мојот драјв. Тишината на мислите. Гласноста на мојата среќа. Внатрешниот зен кој се трудам да го наметнам на мојот ум. А го црпам од себе. Тоа што го правам. Од тебе. Од вас. Од неа. Од нескротливата желба, утре да биде подобро од денес. За сите нас.

Мојот мозок сега се одјавува. И тој, пустиот, до 4 е на работа. После гледа само она што сака и слуша само она што му се слуша. Ама за тоа што вас ве прави среќни, секогаш има време. Преку врски, секако.

Мозоци на иднината, лапнете нешто благо и станујте. Оти инаку, го јадефНе од умот. Овај, од шефот.

Spread the love
  • 3
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply