In the making of не беше нагазено ниту едно цвеќе. Чесен збор, баба Милка! Патем, голема благодарност до баба Милка! Постарите имаат предност, да, башка што и дворчево е токму нејзино, на баба Милка. Во сржта е на Дебар Маало, но е скриено, приватно и интимно, спасено е… дворчето единствено го уживаат нејзините најблиски… добро, и потесниот комшилук од виснатите балкони што го опколуваат, кој крадешкум (со кафето наутро и попладне) одмора очи со него…

Мојата платонска и дамнешна „симпатија“ ме донесе тука. Но малку поинаква симпатија! Да се разбереме, и за пријателска дружба е потребна симпатија, не?! – еве зошто:

Ја викаат, Сани, но по мое таа е Сончева. Ќе Ви кажам дека таа „препознава“ карма. -„Ја гледам кармата кај луѓето, сè е до кармата“… – ми кажа еднаш… А нејзината карма?! Без двоумење ќе кажам, што и да била таа во претходниот живот, какви и да биле нејзините поранешни дела, денес нејзината енергија, аура, харизма, шарм не остануваат неприметени. Како и да го/ја наречеш, едноставно зрачи, се чувствува и се сведува на истовo: ја краси мила ѕвезда, племенитост, необјаснива привлечност. Без дефиниции, и да сакаш не можеш. Едноставно, таква и’ е кармата…

Фотосинтезата тој ден си го направи своето. Ретките облаци и сончевите зраци ми ја дадоа оптималната светлина додека дворот и ветрето исткајаа совршен канвас на кој ја „насликав“ „сончевата“ девојка. Кога ја прашав, зошто токму цветни принтови (а ги има доста и често на неа) таа одговори: – „ја сакам природата, не сакам монотоност, сакам бои и разновидност, сакам сè што симболизира живот и природа“… Логичка последователност на кажаново, се нејзиниот личен „хербариум“ и „инсектариум“! Имав полни раце работа, воодушевен, набљудувајќи ги тие „збирки“: Квалитетна „берба“ од пред неколку години е нејзиниот редок и драгоцен виолетов „грозд“, додека омилените „примероци“ од инсектариумот и’ се сините „пеперутки“, од… не би знаел да кажам на кој под-род на Lepidoptera припаѓаат. И камења! Некои од нив можеби од пештери, можеби од морските длабочини, можеби речни; и масиви, геолошки откопини, гранити, минерали, корали кои се всушност нејзини „напрстоци“, орнаменти – накит. Во функција на мимикрија! Тотално соодветен на љубовта кон природата, и самиот накит наличува на нејзината, „природна“ природа, живописна, ведра и светла аура.

Настрана впечатливите орнаменти, јаркиот колорит и цветовите од сите видови и форми што ја красат! Нејзината „говорна амплитуда“ би рекол дека е нејзиниот најголем и ширум познат „печат“. Зборува слеано дури и мелодично, смирувачки, радиофонично. И токму нејзиниот глас е тој што го спасува саботното претпладне! Секоја сабота наутро „грее и шири позитивна енергија “ во радиоетерот, полека Ве буди и „разгибува“ со пресни забавни новости, токму на време освежува после бурната петочна ноќ… ведро, лесно и природно.

Знам, доцнам со приказнава и сонцево не е какво што беше тој ден дури и едвај навраќа деновиве… Среќа што таа има милозвучен глас, неодолива насмевка, многу бои на неа и грее, секогаш. Таква и’ e кармата.

Добро добро Карма, еве признавам, само не ми го земај за зло! Нагазив две-три детелинки! Ама беа трилистни, чесен збор! Баба Милка, не сакав навистина… ама никнаа одненадеж на среде патеката, навистина!

Spread the love
  • 118
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply