1.Кои три мисли ти проаѓаат низ глава во моментов?

–  Си размислувам околу тоа какво е тоа тело за на ТВ додека ја слушам истоимената песна од Дупер, експресно помислив на кафе откако мајка ми влезе во мојата соба со тазе сварено. Веројатно ми го тестира трпението. Свесно ме смести во трета мисла дали да си направам и јас едно.

2. Што сметаш дека е кул за еден аутфит, со што некој моментално успева да те освои, особено да ти се допадне и да ти го задржи вниманието?

– Најсмела и најкул ми е комбинацијата на ретро парче со нешто модерно. Како и склопот на casual парче со нешто што е предизвикувачко, женствено. Многу е важна замислата, визијата на индивидуата, бидејќи за стил не се потребни цел куп пари. Инстант ме освојуваат луѓе што жаргонски речено, „се носат“ со тоа што го носат. Често пати ми се случило да си помислам „Јас никогаш не би го облекла ова, ама на девојкава ѝстои како во сон“. Тоа уште еднаш ме потсетува дека преку стилот човек може лесно да се изрази себе, како и самодовербата, смелоста и слободата што ја
нуди стилот во широк опсег.

3.Кои карактеристики најмногу ги цениш кај некого?

– Ултра многу ценам амбициозност, желбата за уште, поривот што ги тера да загризаат посилно и да зграбат нова можност. Не ги разбирам тие што се понесени од „go with the flow“, а и не сакам. Секако добродушност, тоа на сите нѝ е важно. Мене ми е важна и едуцираноста, интелигенцијата, смислата за хумор, како и начитаноста. Важно ми е човек да е информиран, да сака да осознае нешто повеќе околу различни нешта и да се изразува писмено и граматички точно. Ценам посветеност, ми се грее душата кога забележувам дека некои луѓе се посветени на тоа што го сакаат без разлика дали станува збор за нешта, навики, луѓе или секојдневната работа. Но, ценам и скромност. Мноооогу е важно луѓето да не станат надмени кога ќе ги исполнат своите цели, а тоа многумина го забораваат. Тогаш се залудни сите посветености.


4.Имаш ли некое парче што ти е особено драго? Зошто?

– Еден ден се надевам ќе имам цело брдо пари резервирано за сите модели на панталони. Тесни, широки, класични, свечени, со висок струк, секакви. Нема ни да ги пробувам, кои и да ми фатат око веднаш на каса. Патем, може да се искомбинираат во секаква варијанта – денски, лежерно, вечерно, модерно, зависно од моделот, а и од обувките.
Тука спаѓаат и пижамите, да бидеме на чисто.

5. Хоби? Како го поминуваш слободното време?

– Пред извесно време го модернизиравме ретро точакот на мајка ми и оттогаш тој city bike ми стана најголемо хоби, издувен вентил, терапија, рутина. Понекогаш дури и ослободувам време за дружба со терапевтов на тркала. Се случува да одвојам време и за ролерки, но поретко, зашто опасно е за луѓето околу мене во случај да имам проблеми со кочењето. Често се случува после долга рута да се сместам удобно во кревет и со восхит да сркнувам кафе гледајќи некој документарец за природата. Никогаш нема да престане да ме чуди, а и многу време и нерви вложив за некое ново латинско име на животинче. Обожувам да си запишам во дневникот нешто што оставило силен впечаток врз мене и во тоа ми минува доста време. Некогаш слободното време го минувам во мојата глава. Да да, така е. Потонувам во мисли, а потоа мислам и премислувам некои сценарија и можности. Подоцна или се каам или ми олеснува. Тоа некогаш го правам и во придружба, најчесто со другарка ми Ники. Двоиме слободно време или ослободуваме за нашите терапевтски муабети што траат со саати понекогаш. Убаво е кога човек не се чувствува сам. Во последно време почнав и да си запишувам и учам нови фрази на странски јазици. Нема да лажам дека е тешко, но се држам јуначки досега.

6.Опиши си го твојот стил.

–  Со еден збор најточно би го опишала како варијабилен. Почнувајќи од лефтерен, шик, па се до класика. Луѓето што ме знаат може да ме видат некогаш во шалвари, некогаш во сукња на мајка ми, со завиткана марама околу главата во форма на венче или пак широк џемпер пикнат во фармерки. Главно се темели на темни бои или еднобојна комбинација, зашто не умеам баш најдобро да спојам компатибилни бои искрено. Цврсто стојам зад тоа дека многу се важни аксесоарите, за да остават некој личен печат на целокупниот изглед. Па така, како најискористени од моја страна би ги издвоила прстените или некое ситно ланче што е тесно припиено до вратот. Потоа, тенки марами врзани околу главата или широки, неуредно сместени околу вратот. Отсекогаш омилена баретка во сите можни бои што те фрла во занес дека си на Шанзелизе во вечна есен. Од голема полза ми е тоа што некогашниот стил на мајка ми во осумдесетите бил иконски, парирала на Audrey Hepburn и со тоа ми нуди цел шкаф со безвременски сукњи, џемпери со дебела плетка, тексас што не излитил од перење и уште многу парчиња за кои е потребна поправка во величините, не и во квалитетот. Не е ни чудно што модата „се враќа назад“.

7. Што ти се допаѓа во Скопје? А што би променила да имаш магично стапче?

– При срце ми е шмекот што Скопје го носи со себе. Мирисот на липите по цела Партизанска, расположените пејачи на Боемска што секогаш ми изнудуваат насмевка, детскиот џагор на мојата улица, брзинското кафе за носење во парк, трепкавиот поглед на Водно што непосредно ме занемува. Го сакам Скопје оти е мало, па горе-долу сите се познаваме и тоа е слика и прилика за безброј нови пријателства, познанства, средби. Го сакам Скопје кога мириса на ајвар, го сакам џагорот што го прават луѓето кога влегуваат во автобус и желбата да направат два реда муабет со непознат човек оти таков табиет имаме, ги сакам собиранките покрај езерцето во парк, баклавата во чаршија и сè што не сплотува, сè што не поттикнува да се дружиме и нè прави исти колку и да сме различни. Таков табиет имаме. Многу го сакам Скопје и тој наш табиет некогаш му штети во голема мера. Па кога би имала магично стапче првично би ја вратила калдрмата насекаде каде што има пешачки зони, а би го намалила коловозот секако. Потоа би направила садењето на дрвца да биде задолжително уште од рана возраст на секои два месеци, би ги подобрила и зачестила велосипедските патеки, така што нема да има контејнери, ѓубре, автобуски постојки, пешаци и дрва на место каде што треба да минуваат само велосипеди. Со тоа би се поттикнал спортскиот дух кај луѓето. Задолжително би забранила возила на Водно, театарските претстави и филмските проекции би ги направила бесплатни, но при тоа да се емитуваат и документарци за да се подобри едукацијата на многу од нас. А за оние кои одат на рандеву во кино да има екстра пуканки. Целосно би ги исклучила екраните пред кои поминуваат долго и беспотребно време младите, така што пак би било во мода муабет, погледи, насмевки во живо. Би го исфрлила тој „ладен штит“ што го држат пред себе, сметајќи дека е кул. Би сменила многу работи за кои верувам дека ние Скопјани ги можеме и без магично стапче, само што побрз е ваквиот магичен процес.

8. Што говори накитот за личноста која го носи на себе? Дали ги отсликува и на кој начин карактерните црти?

– Секако, штом е дел од стилот, јасно е дека го отсликува човека. Така на пример, постојат девојки кои сакаат и носат речиси незабележлив накит како што се некои ситни обетки, или пак само еден прстен и тоа посребрен или филигрански накит. Оттука сум поведена дека тие не сакаат баш да експериментираат во модата, а може и во животот. Си одат на сигурно, односно на класика и тука нема ништо погрешно. Други пак, ценат креативност и носат рачни изработки, што за некои може да бидат неприфатливи или неразбирливи. Тоа дава уште една своја нота, свој печат обележува. Во прилог на ова ќе ви кажам една тајна. За мојот дваесети роденден добив прстен од сестрите што е посребрен и е во форма на триаголник. Тоа ја симболизира нашата силна меѓусебна врска. Ете, сигурно и некој друг го гледа накитот како екстра прилика да изрази нешто што интензивно го чувствува.

9. Зошто те привлекува vintage, а не актуелните модни тенденции?

– Првично, старовременските или vintage модните парчиња се крајно поквалитетно изработени. Не знам дали поради тогашните кројачи или материјали, но разликата е јасно забележлива. Потоа, има влијание тоа што своевремено кројачите изработиле модни креации од секаков тип и врз нивна база денес многумина изработуваат исти такви модели со модернизирани детали. Во моите очи тоа е многу видливо, недоволно, минливо. Најмногу од се’ ми се допаѓа умереноста во vintage моделите. Умерено широко, умерено тесно, умерено разголено, при тоа ниту еден модел не изгледа вулгарно или непријатно, а истовремено остава некој женствен, секси доем. За жал, актуелните модни креации ја изгубиле разновидноста. Изработени се во исти бои, исти модели пречесто се сретнуваат насекаде, па не е ни чудно што забележуваме и различни луѓе што се речиси исто облечени.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply