Пребарував по Tumblr, едно од моите омилени места на интернет за откривање на помалку познати музи низ историјата и ете, на страна триесет и некоја, се загледав во една фотографија од андрогена жена сликана од Мариан Бреслауер, име кое не ми беше познато. Почнав да пребарувам детали за нејзината работа и набрзо на екранот се најдоа црно-бели фотографии кои го откриваат нејзиниот занес по елегантен машкудански стил од триесетите, доказ дека таа си ја нашла работата што и „лежи“ веднаш штом го земала апаратот во раце.

Нејзината кариера како фотограф била многу кратка и таа не оставила зад себе многу материјал, кој бил креиран помеѓу 1928 и 1938. Била родена во Берлин во 1909 и отпатувала во Париз на почетокот на 1930тите кога краток период била ученичка на Мен Реј. Откако се вратила во Германија, нејзините фотографии биле објавени во неколку влијателни списанија, но набрзо морала да се соочи со анти-семитската реалност која стапила на сцена во нејзината родна земја. Нејзините претпоставени сакале да продолжат со објавување на нејзините авангардни фотографии, но под псевдоним кој ќе го сокрие нејзиното еврејско потекло.

Во време кога статусот на фотографиите се менувал од живописна уметност во салон до радикална нова фотографија, нацистите веќе ги уништувале модерните изложби и аукции започнувајќи ја војната на Хитлер против „изопачената уметност“. Одбивајќи да се предаде и да ја објави својата работа под лажно име, Мариан ја напуштила Германија и се засолнила во Швајцарија откако почнала Втората светска војна. Во тоа време таа признала дека „раскрстила со фотографирањето“.  По војната, продавала уметнички дела заедно со нејзиниот маж, специјализирајќи во француските слики и уметноста од деветнаесетиот век.

Моделите на Мариан се заводливо слободни и пред своето време во изгледот, што се рефлектира во нивната „позајмена од момчињата“ облека од меки, лежерни панталони, откопчани кошули и кратки фризури. Дури и во долг, свечен фустан тие имаат смуртен машкуданаст израз со убавина и грациозност на лебед.

Еден лик поготово станал главна муза на Бреслауер – швајцарска писателка, новинарка и фотографка Анемари Шварценбах. Мариан ја опишала својата блиска другарка како „ниту маж, ниту жена, туку ангел, Архангел“.

Ако имате време да ја откриете нејзината приказна, дури и само мали делови од неа, неверојатна е…

„Уште од мала почнала да се облекува и да се однесува како момче, не била обесхрабрена од нејзините родители и тоа е нешто што ќе го задржи целиот свој живот – всушност во подоцнежните години честопати мислеле дека е млад маж.“

Како дете, Анемари ја викале Фриц. Восхитувачки убаво и андрогено суштество, по неа биле занесени мажите и жените од боемскиот Берлин. Според сеќавањата на еден пријател таа „живеела опасно. Многу пиела. Никогаш не си легнувала пред зори.“

Додека Хитлер ги стегал оковите на Европа, нејзиниот животен стил се променил. Нејзината индустријалистичка швајцарска фамилија била на страната на екстремно десничарскиот француски фронт и негувала поблиски врски со нацистичка Германија. Тензиите пораснале откако членовите на фамилијата ја поттикнувале да ги прекине контактите со боемскиот круг кој вклучувал Евреи и политички бегалци. Конечно почнала тврдоглаво да ја потпомага финансиски анти-фашистичката литературна критика Die Sammlung, но исто така се нашла под толку голем притисок што се обидела да се самоубие, со тоа предизвикувајќи уште поголем скандал меѓу нејзиното семејство и нивниот конзервативен  круг.

Таа се борела со зависност од дрога, посебно морфиум, за да си ги олесни проблемите со депресија. Имала многу бурни афери, со мажи и со жени, накратко се омажила за француски дипломат додека живеела во Техеран. И двајцата биле хомосексуалци, но тоа бил наменски брак и на тој начин таа можела да се здобие со француски дипломатски пасош што и помогнало да патува без рестрикции.

Одела на смели патувања со нејзините пријатели со мал Ford кабриолет, патувајќи од Женева преку Истанбул до Авганистан и Иран, освојувајќи го Silk Road далеку пред хипиците. Анемари наводно имала афери со ќерката на турскиот амбасадор во Техеран, каде живеела неколку години. Била во Кабул кога почнала Втората светска војна; војна која била претскажана во нејзините фотографии кои го документирале растот на фашизмот во Европа.

Потоа се упатила во САД каде што ги фатила тешките услови за живот за време на Рецесијата и помогнала во формирање на синдикатите, што предизвикало одвратност кај нејзината фамилија која поседувала повеќе текстилни фабрики во Америка.

Анемари умрела трагично млада, на 34 годишна возраст откако паднала од точак и се здобила со фатални повреди на главата. Мајка и, со која имала тешка врска опишана во нејзините книги,  уништила дел од нејзините дела.

Анемари била заборавена се додека повторно не била откриена во 1987 година на ретроспективна изложба во Швајцарија.

Денес Анемари е култна фигура; делумно благодарение на фотографиите од нејзината пријателка Мариан Бреслауер – на својот портрет на фотографијата подолу.

Машкуданките на Мариан се моите винтиџ музи на денот. Со нивните лежерни панталони, тесни кошули и самоуверен став, им симнувам капа на овие жени кои ги поместиле границите во период кога жените само неколку години пред тоа сè уште носеле корсети. Храбри колку и убави, би сакала да бев дел од нивната женска банда.

Фотографиите се на Мариан Бреслауер.

Spread the love
  • 97
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply