Сакам реторички прашања.

1.Колку пати сте се загледале во тетоважа?

2. Колку пати таа била потешка за „процесирање” од кинески алфабет?

3. Колку пати сте се откажале од оваа сложена анализа во име на вишата, „естетска”, природа на истата?

Безброј. Не се мачете. Безброј пати. Во неврзан муабет со дечки чија пасија е ова астетско бележење, дојдовме до заклучок дека – шарањето на најстарата ткаенина на светот, кожата, е веројатно модерно весникарство. Али чини, али не – не би стигматизирал. Реално, има разлика од израз до израз, од линија до линија, од рака до рака. Од (трезна до пијана) пригода. Од потреба да се „тупне” на чело одредена животна одредница. Сите случаи ги прати несреќната судбина на трајноста – после некое време, (има шанса да) неќеш да ги видиш. Или „тату-дрогирањето” да ти бара уште. Уште. И уште.

Веројатно сум најголемиот фан на тетовирањето, ама – од далеку. Не ми фуфка – едноставно, не ми дошло. Како израз, го почитувам. Сум го истражувал. Пребарувал. Разгледувал. Но, како што секоја длабока анализа на крај резултира со уште повеќе недоумици и „дрш ме мајко, не знам”, така и оваа. Сакам, а не сакам. Зошто ДА,  али НЕ. Не дека, посебно денес, ова е тешка одлука. Туку дека денес, повеќе не е дијалектика. Туку проста естетика.

Си тегне оваа уметност врски со предците. Уште пред Ацета наш. Полинезиска конекција придонела во номенклатурата со едно „та” („да удриш во нешто”, алудирајќи на праисторискиот начин на внесување боја под дермисот). ТА-во, дополнето со тахитијанската вредност на зборот „татау” („да обележиш нешто”), го зборообразувале она што денес е мејнстрим движење. Е сега, за да биде работата уште поинтересна, цела оваа „уникатност”, си повлеквит различни оправданија на нејзиното постоење. Се користела за лекување (да, лекување!), орнаментирање, илустрација на мулти-божествата, елегија на магичните владетели со психата на пралуѓето или регулација на статусни симболи. Сеедно, битно се користела. Тие не биле глупи – далеку од тоа. Културолошките квалитети на племињата, се рефлектирале во арт-от.  Колку подлабоко навлегуваш, како НиколаСкејџ во пештерата на богатството – подзинуваш. Еволуцијата на општествената и човековата психа е фасцинанта, воедно лесно воочлива и во тату естетиката.

Со менувањето на вековниот тајмер, се менувале и рецимо, преферираните места за шарање. Маорите, односно нивните поглавари, сигурно биле инспирација за дел од шминката на Бен Стилер во Зулендер.  Хогар страшниот бил тетовиран „маслгај”. Спиралите на Келтите и денес се автентични за овие чудаци кои дошле во Англија некаде 1000 години пред Џизс. Англија воедно е лидер на светскиот пазар во кретеногено шкртање. Занатот на Келтите им го земале, и развиле. „Глеате колку сме развиена култура у споредба со Полинезијциве, а?”.  Увек се прчеле, бре. Би завршил со фул тату телата, времено симбол на цикрузант – од циркуз. Денес, симбол на циркузант – надвор од циркуз.

 

Е сеа, имаме мал проблем. А имаш брза кола и шибаш, ондак си копиљ. А си лабав и се шараш, си кретен. А си различен, ондак не си арен. Проблемот е – што некои уште имаат проблем (меѓудругото!), и со тетовирањето. Добрата работа денес, е што имаме избор! Лошата е што, како и секој тренд, естетската вредност на оваа уметност отиде поџавола. Ако си шкртан, треба да припремиш неколку сценарија за Ајронменовска одбрана од сензационалистички напади и фаќања во небрано. На времето – тетовиран си?! Ма, сигурно си морнар. Си се вратил од море и имаш сидро на подлактица. ЈНА?! Епик.  Денес – „бегај бе, циркузант”. Ми се допаѓа овој муабет. Јес да не сум видел ниеден тетовиран во Cirque de Soleil. За крај, ако не ги исполнува горенаведените малцински квоти, опцијата затвореник е секогаш тука. Уу, никој не сака да се дружи со затвореник. Краде и спие на таван.

Класично „сензационалистичко новинарство”. А да не биде ова најрасипаната риба во оброкот, тука се работодавците. Како да ви кажам, а да не генерализирам. Ме разбирате. Зборам за конструкцијата – ”Ако сливот ти ѕирка под џемпер, нареден пут во таа канцеларија ќе влезеш заедно со Јеховин сведок”.

Никад.

Супер. И сега што?

Денес, кожното сликарство е лесно достапно. Лесно достапно и уште полесно видливо. Демитологизацијата на она што порано не било, па било, стереотип за чоек што не чини, отвора простор за раскажување на својот муабет. Покажи ми човек со тетоважа. Ќе нагаѓам што катиљ е. Има таму приказна. Е, таа приказна, треба да се погоди! Не е само да „легнеш” – има нешто и во будењето подоцна. Откако ќе ја видиш сто пати, и ќе укапираш дека мооооожеби, треба да се доработи/смени/избрише нешто… Маите да не бришеле бре, луѓиња?! Шипки варени со мед. И кокос! И чоколокум! Не ми глумете Марјан Стојановски и неговата вечна недоумица за гајтан или кабел веѓи. Ако ставате, ставајте!

 

Од друга страна, ако имате потреба од апрувал, веројатно ќе станете Фнучкото/Фнуката, која не знае шо праи. А родителската љубав не познава граници – може да ве истера од границите на домот откако ќе биде откриен ересот у форма на флеки од мастило. Не предлагам тихо, демек  ”лабави сме и свои, па ќе одам, ќе напраам глупост од Галифанакиски рамки, и топ ќе ми е”. Не. Муабетете макар со некој што веќе има. Повеќето ќе ви кажат дека е зараза. Други, да стаите на место кај што нема да ја гледате секој ден. Трети, ќе бидат убедени во фактот дека ако ставиш една, мала, – џабе. А има и некои што би тетовирале чело, само да се види „шта пише”. Консултацијата е мајка на расудувањето. Што и да праиш – прашај. Има некој што го папал. Што, пак да не се разбереме погрешно, не значи дека не треба да напраиш нешто за што после ќе ни е мерак што си се изгорел.

„Брат, знаеш зошто не сум се истетовирал? Зошто не сакам да се покривам себеси. Каков сум, таков”. И ме сецна. А готов бев. Тетовирањето во форма на водење на персонален дневник, има свој антипод – одржување на чиста презентација на себе. Добро, може малце пресериозно навлегувам во тема што за повеќето е лабава, како лански снег. Али длабоко верувам во ова. Иде ден, кога правиш рекапитулација. Што си, кај си, кај си бил, кај сакаш да одиш. Е тогаш, што? Да прецртаме се? Пу пу, ај од ново? „Не бе, улав. Тогаш доцртуваш на празно место”. Аха. Некој удрен во тил како вашиот писац, на две седнувања, две раце би нацртал. Значи, тука имаме сериозна е.ажа. „Некогаш ти треба лудило, за да видиш дали си здрав у главата”. Така е! Потпишувам со две раце! Ама чекај, (се буди маевтиката во мене) – како ќе видам дека сум здрав, ако нацртам нешто што ќе биде во афект или лудило, после ќе ме презентира како нормален?

 

Значи, наравоучението кое сум го извлекол е – шарање, да. Ама, додека лежиш под игла, мисли што кога нема да мислиш исто. Тогаш да се криеме? Паркер фино почнува и вика дека тетовирањето е одраз на „храброста, зрелоста и културната инклузија во општеството”. А после: „Тетовирањето е болно – животот е болен – значи тетовирајте се”. Утка ко на Рамос пеналот. Каков болен бре, писателице? Ако има пречки, тие се за рипање. Ако е 10 километри животна трка, има вода за освежување на секој километар. Каков болен, жити се. Ако влезеш во лавиринт, е гадно. Ако од него ни мирис на печурките на жар од Перо не те вадат, уште погадно. Тогаш си утнал кривина. Али долж патот, ќе има нови семафори.

За ваквите кои многу му ја мислат – најдете нешто привремено. Прво пробајте. Дали можете да живеете со отворен весник за јавноста. Ако веќе се уверите дека можете, тогаш ставете се во раце на цртачиште. Мангупски, класифицирајте ги вестите на денот (животот), и решете ја работата. Не од каталог. Него од срце. А ако ви се тресе дупето, нарачајте си привремени. И така „шема” ќе биле летово.

П.С. Јадете повеќе семки од лубеница. За да укапирате дека нешто кога е шема, баш тогаш не треба да се има. :)

 

Фотките се позајмени од официјалната фан страна на еден од најдобрите цртачи во тату индустријата – Дмитри Самохин. Tnx Dmitry !

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply