Попладнето го поминав во друштво на 6 жени. Останав на својот стол, каде што и си бев, на неколку секунди само се исклучив бегло од целата „фурија“ за да ја констатирам сликата. Продолжив во тие 10-на, колку и да беа, секунди да им читам од усните и од експресиите и бев сведок на успорена снимка од надгласувања, надополнувања, надодавања, кикотење, секоја со секоја, на секоја, секоја секаде присутна во муабетите на секоја од нив… – сензационално! Во случај ако сте заборавиле како е да си во друштво на шармантни, интелигентни, самоуверени, дрдорести, палави, со доза на она детинaстото, неодоливи, со еден збор, ж-е-н-и!

На мое барање Сандра беше водечкиот наратор, која морам да нагласам, се истакна со исклучително бистри мемориски капацитети кои секако ги преточи во исто толку живописна наративна нишка. Да речеме, присуствував на јавно листање и читање на глас од страниците на нејзиниот ментален „споменар“ за „втората третина“ од нејзиниот живот: Скопските „дечурлана“ во ’90-те. Соговорничките будно ја пратеа и соодветно суфлираа и надополнуваа споделувајќи ги искуствата… Веродостојноста на ретроспективата секако дека беше поткрепена со материјални докази, односно зачувани примероци (топуци) обележја на соодветната ера. Се’ си беше кажано на место… со значителна доза на хумор, амплитуди во говорот, пцовки и себе-ругање, не толку типични за вообичаената дама. – Вообичаена?! Стереотипите се веќе одамна надвор од игра! Од неодамна важи дека „најпривлечни се жените што отворено и енергично ќе се изразат, па дури и ќе опцујат, мушки!“ – Така е! Така всушност и било, отсекогаш.

Иако исклучително ретко, умешност е пцовките да делуваат симпатично! Мојата „прва“ дама Сандра, поточно, „наратор примариус“ е жив доказ за тоа, таа е веродостоен примерок за овие вториве, дами. И те како е шармантна! Она „момчешкото“ таа го има дури и во гардеробата, суптилно и префинето, си го има „моментот“ во стилот! Таа носи џокејски чизми… во комбинација со (навистина) женствен фустан… на свадба! Кој би рекол?! – „Ова е „торта“ фустан, и ова е мојот свадбарски аутфит. „Те мооолам само облечи фустан!“, – ме молеа кога требаше да бидам старосватица…“ Но не е во прашање ништо помалку од рафинирана и класична елеганција! -„Сакам баланс, да се чувствува и машкиот елемент; женскиот момент да е присутен но да не е пренагласен.“Вообичаено пак, преку ден, ќе ја видите во маичка со Дизни апликација а уште поверојатно, во спортски дрес! Не е во прашање ништо помалку од свој личен печат: „детскиот момент и дресовите отсекогаш сум ги имала, си имам одредени „моменти“ уште од дете“…едно е сигурно, непредвидлива е… едно е најсигурно: „моментот“ – деталите. Ретко само наѕираат од косата или од ракавот, на реверот… најчесто се гласни, и тие исто така живописни и колоритни, динамични и интензивни, дури со доза на хумор…што така фино ќе те изненадат, дури и ќе те треснат од земја! Една од суфлерите ја дефинирaше: „Натрупана, и’ стои тоа што на никоја друга не би и’ стоело, на парчиња што никоја друга не би ги ни облекла!“ Секое нејзино издание е „момент“, „фешта за очи“, како што реков, со твист на забава. И додека те анимираат сините јарки очи, уникатната боја на глас и отворената насмевка, полемизираш во себе дали Сандра повеќе потсеќа на Џоди Фостер или на Дарија Вербови… Одлучете сами, додека таа Ве лансира назад во тин шемата од 90-тите во Скопје… „ –Што, немаш флуоресцентна пластична цуцла привезок?! – Шетај беее!!!“

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply