Ти зборував ли за утрата во недела, за првите расонливи насмевки низ минути расплет на слобода. Ти зборував ли за вкусните, тркалезни форми во мојот филџан кафе во кои секогаш се загледував размислувајќи за сите тркалезни нешта…и твоите тркалезни очи. Ти зборував ли по некоја приказна што кротко шетаа по првите утрински весниции и мирисот на стара хартија…
Ти зборував ли за чаршија после дождот, за капките собрани како ѓердан меѓу камчињата по калдрмата, за моите стапки по нив следејќи го танцот на мислите кои секогаш ти ги премолчував. За дрвените прагови каде потајно мрзеливо се растегаа топли зраци источно од чаршијата, посакав да постојам таму и да те замислам…Ти зборував ли за скокотливата бучава која кружеше како пеперутка низ онаа слаткарница, посакав да излезеш од неа викајќи ме со дланка спакувана баклава.
А за бескрајот на лавиринтот низ сокаците ти зборував ли, понекогаш посакував да се изгубам во нив…Ти зборував ли за оние пенџериња од сонливи бои, за оние балкони од празнина и копнеж од каранфили на нив…Недела распослана по чаршија, а пролетта здомена во април. Ти зборував ли?

Автор: Невена Цветанова

Spread the love
  • 7
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply