Претходниот пат зборувавме за фасади, карти за претстави и борба со работи кои веројатно, нема да успееме да ги промениме. Точно, нема да успееме да ги смениме луѓето. Но, можеме да почнеме од себе, не?

Отсекогаш сум сакал да „летам”. Во секоја форма. И со паметот. Немам често желби, но тогаш кога ги имам – тешко на тој што треба да ги исполни. Сакам и летање – она, класично летање. Со конзерва во воздух. Да ви кажам зошто, или поточно, од каде оваа фиксација – не би знаел. Ваљда зошто сум се качил во авион уште од многу мал. Една фамилијарна анегдота, која сеуште се прераскажува како слетовите на Другарот, е летањето со првиот авион со македонско знаме на МАТ, оној кој го приземјија во Греко и ги држеа патниците цела ноќ низ „одаите” на тесниот аеродром. И до ВеЦе – со полиција. ВИП третман. И така наваму, се до денес… Имало турбуленции до „бљак”, фрустрирачки „ала-во-кино-после-премиера-на-филм” аплаузи, изгубени деца кои вриштеле со децибелажа својствена единствено за т-ка Маја на рефренот на „Многу солзи”. Ама тоа и не било проблем. Единствена мака биле слетувањата. И тоа не заради промената на надморска височина и чувството како инерцијами го транспортира желудникот накај куферите над мене, туку заради ТОА чувство. Неописливо. Некои го сакаат – се враќаат дома. Или кон нешто што имаат оставено. Некои, фуј – не го сакаат. Трети се „лигават” – скитаат низ мозочните графити од свежи сеќавања на тоа што се случило а веројатно никогаш нема да го доживеат повторно.

И едното и другото нема врска со тоа што ќе го зборуваме. Само емотивно ве провоцирам.

Се работи за лет, од друг тип. Оној што кога ќе се приземји, сме ја „утнале”. На него нема авионска храна, перничиња, скапи парфеми и емотивна нестабилност. Единствен екипаж сте вие. Единствени патници – пак вие. Стјуардеси – веќе погодувате…

Уживам во овој лет. Неверојатно многу! Бре, си викам, и субвенционираните летови не ми го менуваат чувството на задоволство. Секогаш до различна локација, кога-каде ми „прдне”. Луѓето внатре се различни, ама секогаш подеднакво пријатни. Со сите си правам муабет, и никогаш, ама баш никогаш не ми е досадно.

Денес, одиме кон добро позната земја. Главен град – „Ќе биде”. Градот каде најчесто презиме е „ИмаВреме”, а сообраќајната аорта има најкул име од Стамбол до Хаваи – „Бул. Утре”. Нејсе, звучи лошо, ама друга ми е поентата. Акцентот го ставам на утре. Све нешто, ќе направиме утре. Бре, утраши!

Почитувани патници, одиме кон градот НАПРЕД. А до него, се стигнува единствено со летање, во вашиот приватен џет.

Бординг, ок, досадно. Превоз до писта, бљак, уште мириса на стоен воздух во бусот. Оп, пред авионот, се качуваме и журката почнува.

„Почитувани патници,

Добредoјдовте на Вашиот лет кон Напред. Ви благодариме што не избравте за Ваш превозник. За време на летот, не го користетеВашиот мобилен телефон. При полетување и слетување, извадете ги слушалките од ушите…”

Бла, бла, бла…

„При полетување и слетување, врзете го Вашиот безбедносен појас. Истиот ќе Ве заштити од сите нови работи кои Вашите сетила не смеат да ги примат. Истотака, појасот ќе Ве држи прицврстени до тоа што веќе го знаете.”

АХА! Ете така, сега станува интересно…

„За време на летањето, при несакани ситуации имаме варијација на тема „сценарија”. Доколку авионот почне нагло да понира, ќе Ви се отвори маска со стоен воздух. Истиот ќе Ве врати во „првобитната” позиција – затворени за нови работи. Сепак, она што е карактеристично и заради што толку го сакате овој лет, е фактот дека ние – не слетуваме. Вие скокате. На „еден тон” стапки надморска висина. А на Вас е, кој излез ќе го искористите. Како што сте веќе добро запознаени со Вашиот избор, можностите се следни:

 

  • Од Вашата десна страна, е излезот кон стереотипите. Таму ќе најдете само „убајни” –отпор кон промени, уникатно-перверзни муабети кои влијаат на „заглупавување”, надополнети со сос од лански праски и емулзија на слаба самодоверба со екстракт од „што-ќе-кажат-другите-бе-па”.
  • Од Вашата лева страна, е полно со илузии. И ветувања. Тука царува досадата. И разочараноста од сите аспекти на животот, освен тие кои вклучуваат себе-анализа. За овој пат до Напред, викаат бил долг. А можеби и предолг за еден човечки живот.
  • Излезот позади, ехе, тоа е патот кон „познатото”. Она што со години си го правите. Дополнето со малку вчера, за да биде интересно, нели. А зошто нема шанси тоа што се случило вчера, буквално да се повтори и денес (така викаат), ќе биде слично. Ама битно ќе е во конфорната зона.
  • Останува уште оној излез однапред. За Напред. Тој е малку поразличен од останатите, воедно и најбрзо се стига до целта. Доста уникатен, неоткриен. Не гарантира поврат на средства во случај на незадоволство при приземјување. Но нуди многу повеќе…можности…за повеќе.

 

Да си пукнеш од мака! Како така, ЈАС да не знам што ме чека?! Пу! Нога назад ти иде. Ама па, тие што скокнале, викаат дека станале други луѓе. И кој пат да го фатиш сега?! Газотресикус – максимус, според СИМС-овата паралела на Докторот.

Е аман де, не мисли ајде. Ќе си дојде самото…Реков, и не направив ништо. Како и да е…

Авионот се упатува кон пистата.

 

„Централа, тука Ветерници-Скопје-Се-Носи-По-2-Пат-Накај-Напред. Бараме дозвола за полетување.”

 

„Одобрено ВССНП2ПНН.”

Полетуваме. Бреј, ич нејќам дилеми, трилеми. И „сиви” зони. Дајте чист избор, меѓу две работи, и да не ја „главиме” работата. Вака, премногу има. А и многу работи зависат од ова. Од каде да потегнеш, пак покус остануваш. Тешко е да оставиш нешто што познаваш и ти е јасно, за нешто што реално и врска немаш дали воопшто ќе ти се допадне. Или, како да излезеш од матрица која ја живееш од мал, а за друга не знаеш?! Стојам на ставот дека, и за мастики да купиш, треба да имаш причина – зошто тоа го правиш, и зошто баш тие (Ервејс виолетовите) се твој избор. Без „онака”, „појма немам”, „така ми дојде”.

 

Бул Шш..вепс.

Како што налага предизвикот, информиран обид за решение е секогаш подобар од обид за решение. Барем некаква информација да имаш. Не биди до толку „бош”. Макар да е погрешна, имај ја. И така си сам со себе – ќе одговараш само пред себеси. Во овој авион, други повредени, нема да има. Сепак, она што секогаш го отежнува „процесирањето” на вистинската информација и на тоа „што всушност е најдобро за нас” е – околината. Ама, ние сме паметни! Затоа и одбравме ваков лет, со убави луѓе кои сосема случајно личат на нас самите, во различни етапи од животот. Муабети со еден – ќе те врати во времето кога си бил млад и неискусен (никако глуп). Збори со друг – еееех тоа лето 2013, пу, да имав уште два дена… На ручек со трет – ах не, можда уште ја сакам, ќе си „пукам” во колено. Чекаме пред менс рум со четврти – евоцираме спомени за лудата облека во почетокот на 00-тите. Еии, ви текнува? Кул ствари, човече.

И така до неповрат.

Но, ова се битни муабети. Меѓу полетувањето, муабетот со она што сме биле, и изборот на грешна врата за скокање, лежи добар муабет со сам себе. И овој потег, ни Каспаров не би знаел да го изигра добро, во наше име. Ќе си седнеш, со послужавникот во раце, и ќе си почнеш со сецкање на салата. Во неа – се што сакаш да јадеш. Што е здраво да јадеш. Што одговара на твојата крвна група. Што те прави здрав. И жив.

Рековме нема јадење во овој авион, ова е единствена храна. Која ќе го навести нашиот избор. Ќе ги „издрогира” нашите сетила, за во одреден момент да се „соберат”, размислат трезвено што сакаат и како, по ѓаволите, да изберат што е најдобро за нив.

 

Доаѓа време за скокање. Падобран – check. Кацига – check. Go Pro (ради мода) – check. Што да се праи – ич-не-check. Ониенеодлучните, со „од-денес-за-утре” тип на просторно/ животно планирање, се затрчуваат и одлучуваат во последен момент. Други, кои се „туфкаат” уште од моментот кога авионот ги крева тркалата, иако се убедени во својот став за тоа низ која врата ќе скокаат, често утињаат. Трети, имаат сон – и бираат да го сонуваат. Колку луѓе, толку чуда. Она што нас не интересира, е кои стигнуваат до Напред. Кои се тие среќни лудаци, кои решаваат да направат промена во својата догма или ум, за нешто што веруваат дека постои. Го платиле, а ниту сметка не добиле. И „најстрашно” – пак би платиле!

Има многу вакви низ светот. Слободоумно-бесни клинци и не-баш-клинци, кои се подготвени да го сменат светот. Храброст, едуцирана дрскост и кристално јасна слика за општеството, своите можности. Желба да се стремат кон повеќе, од она што го имаат. Дали го добиле или стекнале, сега не е важно. Важно е само да ти е кристално јасно, дека ти е кристално јасно. Кој си, што си, и што можеш да бидеш.

Догма моуд, офф.

 

Не можев да одредам, дали летот со овој авион е најдобрата работа што ми се случила во животот, или тешка „глупоќа” виновна  за еден тон дилеми во животот. Се додека не станав комплетно свесен за тоа, колкава моќ е потребна за да избереш аутобан без стереотипи и клошарски муабети. Како што си налага животецот, опеан од дрзок балкански турбофолк рапер, „да си гураш и фураш”.

 

Си зедов слобода да Ве поведам на ова патување, па веројатно и треба да го објаснам моето искуство. Сакам да менувам. Сакам и да одам напред. Нормално е, некогаш сум се сопнал па сум одлетал низ лева или десна врата, ама клучот од сезамот лежи во способноста да знаеш да се „вратиш”. Да смениш бројка како MJ,  и да продолжиш даље. На крај краева, дали е бројка, фризура, начин на облекување, лак за нокти… Како се соочуваш со тоа што ти се случува и колку си силен тоа да го покажеш – за тоа се паѓа животен испит, колеги и колешки. И се останува суртук цел живот.

 

Да се вратиме на почетокот – зошто велам „борба со работи кои веројатно нема да можеме да ги промениме”? Бидејќи горенаведениот вакуум, е практично неостварлив. Биг Бендови свират од сите страни – класична музичка „какафонија”, во која само оние добро поткованите можат да познаат класика  на Штраус, АЦ-ДЦ, Пантера или Биги. А останатите се „дават” во звуците на фамилијарните и ората на блиските, валцерите на колегите, стриптизот на саканите, без ниту тронка волја да расчистат со тоа што им значи, и во која насока сакаат да продолжат. Муабетот е едноставен – луѓето ни значат. Иди па заќути ги. За добро ти зборат. Барем така они мислат. И во тоа, цврсто веруваат. Те сакаат. Те гушат, а не признаваат. А ти, додека да се свестиш, вратата за Напред полека почнува да попушта под висинскиот притисок и оставна една траорна опција чии шанси за реализација драматично се зголемуваат – да останеш, таму каде што си.

 

Од овие причини, јас имам решено – кога летам, тоа и физички да го покажувам. Бидејќи сакам луѓето да знаат дека „нешто се дешава”. Се сменило или менува. Или има во план да се менува. Топло ви го препорачувам овој пристап. И надвор од комфорната зона има сонце, отворете ролетни. Гладни нема да останете, храна има. Вода, за извоз. А шансите за љубов, конечно, ќе станат вистински.

Јас летам секогаш кога сакам да летам. Летам со стилот, кој е тотално отпорен на стеги и промени, но сепак има „потпис”. Од што често летам, џет лег ме јаде, што константно не ми дозволува да се вратам во нормала. Реално, не ни сакам. Ќеф ми е да е „лудо”. Финта е, нели?
Гледате, ве прашувам за мислење. Тоа значи дека ве ценам. Но, не значи дека, нема да ве шутнам од една од трите „неубави” врати ако претерате. Отпорен сум, ама не сакам „крилцата” да ми се вреѓаат. Тие навреди, лично ги сфаќам.

 

Ама гледам дека сте супер. И гледам дека доволно дувате во ветерниците, за да продолжат да се вртат.

 

Затоа,

Ќе летаме? :)

Spread the love
  • 11
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply