Беше секојдневие и едно попладне како секое друго, повторно звукот на тркалата под моите стапала го скокоткаа асфалтот, а јас му се насмевнував на денот и на прамените кои ми ги разместуваше ветрот…Продолжив крадејќи од сонцето по некое парче топлина кое уморно заминуваше од денот. Минувајки низ едно маало, подзапрев со премлад поглед кон изминати години. Беше тоа довик од градба со боја на тврда крушка и во неа сè уште зачуван мирис на старо Скопје. Не забележувајќи ја тишината од каде се изгуби звукот на моите немирни тркала, чекорев како низ тајна која е сочувана од едно маало и влегов во некаков дворец од живот. Одеднаш во мене надојде трепет како мисла од време на стари занаетчии, дебармаалци кои споделуваа домови низ овие порти од зачувани приказни. Зачекорив полека и внимателно низ тремот, тогаш длабока сенка си играше низ кружните столбови и по некоја криенка надослушнував од детската пркост. Следејќи ја неа, се најдов во семката на оваа градба– тоа попладне беше облечена во златновидни расплетени венци од радости, спомени, заборавености, копнежи, некои љубови, вистинити. Една под онаа гранка на онаа клупа, една пак под занесот на онаа лулашка. Си замислував и ги гледав, останати од нерастргнати години…Сè уште тука, занесена од туѓости ме оттргна зракот кој веќе се тркалаше како бисер низ овие прегради. Израснати ѕидови што служеа како штит на овој дворец дојдени од битка или како корица преполна со стари македонски ракописи. Се скокоткав во себе помислувајќи на сè она што можело да биде и небиде во овој дворец, под овој трем низ овие бели порти со пукнатини на животи во нив. Молчелива надгледував, стуткана како одамна замислен стих и по некои гласови ми надојдуваа од оној балкон каде беа заседнати стари љубовни души раскажувајќи си го денот. Посакав да знам каков е, посакав многу…а јас овде им шепотев на тие години, 1930те знаејќи дека сè уште се тука… знаејќи дека сè уште некое семејство од оние пруги раскажува за првите возови…бакнувајќи се и брзајќи кон печалбарските катчиња.

Автор: Невена Цветанова

Leave a Reply