(KЛАПА 2) „Мрачна и задимена просторија. Озогласен ловџија со закрвавени очи, замрсени и усукани мустаќи г’тнува кратко од чоканчето и полека го испушта димот од цигарата… придушениот и зарипнат глас страственo раскажува смртоносна авантура за неговиот улов… разгранета крошна од еленски рогови висната над него, како сведоштво застрашувачки демнее од ѕидот; сенките нејзини пак ги отсликуваат разгранетите ‘канџи’ на шумата…“

Ииии, СЕЧИ!

– Еленски рогови ама на бринета! Аааа, на црвенокоса?! Хм… а „плавуша“ можеби?! – онака „trash“ изгорена, со црн корен?! Нека биде сепак бринета, нејзината природна нијанса… и онака природната грива на елените е во кафени нијанси. Облечена кежуал, не баш шумски но урбан стил со доза на комоција. И еклектичен! Во тој поглед изоставете ги кожата, крзното и „гривата“! Избегнува такви материјали, „тревопасно“ се исхранува и го негува својот стил. Како надокнада, би влегло во „кадар“ нешто „шљокасто“. Ма нека оди до екстремот на дотерана, со исклучително необична чевла и секако „дива“ фризура или аксесоар на главата.

Па нели според законите на природата го красат само мажјакот?! –Добро де, во филмовите се’ е дозволено! Да речеме дека нејзините се импровизирани… да речеме, се апликација на капата од дуксерот или висат на некое ланче како привезок… „- Ме фасцинира тоа животно и неговите ‘творби’. Љубопитно се навлеков на него откако во Фиренца го добив прекарот ‘Елен’….“, до толку навлечена што нацртала на ѕидот во соба црн елен во природна големина!

Моите аматерски обиди за сценографија и сценарио очигледно некаде ја губат наративната нишка… За разлика од мене, таа сјајно го оствари своето деби во филмската индустрија кај нас! Непосредно по враќањето од Италија, и магистерските студии на правецот „Digital Environment Design“ веднаш беше ангажирана околу сценографијата на екранизираната мулти-приказна, „Skopje Remixed“. Воведните тајм-лапсови, кои ги проследивме во филмот?! И, ако можам да го наречам воопшто така, џиновскиот „далечински управувач“ со последната иновација меѓу командите „срце“, што всушност е функционална правоаголна лампа! – Со нив таа го имаше својот профи оригинален придонес за самиот филм…

И се’ уште станува збор за привлечното и диво животно! Елен ретко кога ќе ја видите „припитомена“. Го користи секој слободен момент за да се одметне од градската џунгла, на што повисока надморска височина, што поблиску до природните шумски предели… и веројатно го „шие“ истоименото животно во поглед на височините кои таа ги има совладано…

(КЛАПА 1) „Застрашувачки безгранично, планинско пространство. Снежна прекривка прострена удолу, светка како безброј кристалчиња под сонцето. Еден елен горделиво и стасито застанат на работ, бестрашно подготвен да ја „измазни“ белата стрмнина…“

-СЕЧИ!

-Со даска за бордање! И планинскиот велосипедизам е секогаш опција! Дали зимски или летни сеедно, екстремните спортови и’ се „под кожа“ на Елен! Кога сме веќе кај работите „под кожа“ тука се и нејзините тетоважи. Една од нив е успешен експеримент: дечкото кој првпат фатил машинка в раце, среќа создал панкерско „ремек дело“ кое Елен горделиво го „носи“. Друга пак нурнува многу подлабоко, бележи една нејзина животна транзиција: „Точка“ на една приказна и „почеток“ на друга… И без сомнеж е уникатна и забележлива, инвентивна и креативна, умее во тоа што го знае… и ќе успее! Патем, и ќе измисли чаре, најпосле ќе се избори „женката“ рамноправно да се стекне со раскошната „крошна“ на глава… дотогаш, и во деновите кога нема да го носи „рогастиот“ дуксер на себе, ќе ја сретнете со симпатична тијара како привремен и алтернативен орнамент на главата…доколку не е некаде во длабочините на „дивината“ каде никој друг не би се осмелил да отиде. Во спротивно, веројатно ќе наидете на умешно посветенaтa асистенткa на сценографија на сетот од следниот хит во нашата кинематографија или театар…

–Иииии, СЕЧИ!!!

Spread the love

Leave a Reply