А како да не го сакаш? Како да не го сакаш нашиов јазик? Просто, ме разнежнува како сабајлечка смрзотка во летен месец – еден збор, сто значења. Еден збор, нула значења. Зависи што збор земаш во обзир, додуша.

 

Најголем копирајтерски проблем во нашиов јазик од Блажета до денешниот ден насушен, е неговата оскудност со сериозното и симптоматично користење на еден ИСТ збор во фантастично различна конотација. Од еден крај на спектарот, до друг. Од ден, до ноќ. Од Бени, до НонСтоп. Од Силви, до Бенд. Од Џу, до Бокс. Да да, ти иде бокс да си удриш колку нелогични ситуации можеш да ги објасниш со еден збор. Единствена среќа, во целава лингвистичка апокалипса, е фактот дека некои зборови ги знаеме – само треба некој да ги врзе точките.

Еден од тие „се за 99” зборови е – пруга. Тука нема да го разложиме чисто јазично. Во обзир ќе ја земеме и неговата „стилска” компонента, чисто авантуристичката димензија, како и неговото, за жал, животно-одредувачко значење кое не прави да изгледаме како нелуѓе.

Да тргнеме од црњакот.

За жал, инспирацијата не е нималку забавна. Животи се раѓаат, растат и згаснуваат по пругите. Зарем толку сме нелуѓе? Не ние, општо, жителите на Земјата ни. Боли, кога друг го боли. Барем мене ме убива. Пругите стануваат нечиј живот. Не сум наивен, само ја констатирам реалноста. За.бете дечки епопеи за јавно добро, кога деца место кон љуљашки, трчаат кон вагони. За.ебете. Ова е мојата прва, и последна јавно искажана фрустрација овде. Ветувам. Барем во вака директна форма. Пругите почнуваат да го губат сенсот за кој ќе зборуваме надолу. Ја губат својата праволиниска структура која треба да води некаде. Нема каде. Само едно, обично, „некаде”…

Зрак сонце, ка-чинг!

Пругите, жаргонски, се и апсолутно стилска граматика. Детектирани некаде пред 150 години. Како љубител на историјата на уметност во секоја форма, дозволете ми да естетизирам на темата. Средновековието познава пруги (такозвани „stripes” за Енглезите), во еден специфичен контекст – тие се симбол за затвореници, проститутки, кловнови и – џелати. Романтично. Нејви блу-бели маици со 21 лента биле и Француски симбол за Наполеоновите победи. Пругаст симбол за 19-ти век е принцот Алберт Едвард, кој со свои 4 години, направил револуција во поимањето на оваа текстура. Имено, мадре краљица Викторија, го облекла во пругаста маица и – бум! Во втората половина на 19-ти, „Breton shirt” станува синоним за она што денес е познато како морнарска униформа. Подоцна, Шанелица ти го убер-комерцијализира, за во 20-ти век ликови како Пикасо и Ворхол, да изградат естетска митологија базирана на нивните едноставни, пругасти маици. Кул, не? Монро, Бардо, од жените. Џејмс Дин во „Rebel without a cause”. Кобејн во „Smells like teen spirit”. Ленон на фотосесија за Rolling Stone. Само нафрлам што ми текнува. Нивниот „бунтовен” карактер, денес повеќе не постои. Тие се секогаш тука. Би препорачал само „пажљиво” да си играте со нив – подобро нека се вертикални за да издолжат; многубојни можат да предизвикаат чуден изглед со кој не секој може да (Скопје) се носи и; внимателна комбинација на дебели и широки ленти е правата фора, барем според вашиот дувач во Ветерници.

Она што мене секогаш ме импресионирало кај пругите, е нивното поимање за кое верувам дека малку тумачеле. Пругите, како прави линии со симболика. Знаете, вертикалните линии секогаш симболизирале и ќе симболизираат растење, одење кон горе, позитивна динамика. Хоризонталните, се пат кој треба да се изоди. Впрочем, паралелата со „вистинските” пруги и не е толку за фрлање во овој контекст. Дијагоналните пак, се „навака-натака”. Онака. Им треба дресура. Нивната неодреденост ги прави да бидат примамливи, со неочекуван исход. Дијагонална линија е како чаша – полупразна или полуполна. Зависи од аголот на гледање. Ако си „арен” во главата, расположението на денот ќе расте пропорционално нагоре по кривата на радоста. Ако не си, тогаш одиш надолу. Затоа, сметам дека секогаш треба да се спремиме кон трансформација на дијагоналните линии во вертикални. И на вашата облека. И во вашиот живот. Вертикалните се ок, ама се досадни. Без предизвик. А ако нешто не те тера кон подобро, што фајде од тоа?!

Третиот, и последен контекст, пред епилогот на оваа неделно дување, е веројатно најрационалниот. Пруги како симбол за – пат. Патување. Физичко, психичко. Пат кон нови, неоткриени пространства. Познанства. Енергии. Емоции. Јас апсолутно ги врзувам со неопходната желба постојано да го буткам носот, во нешто ново. Новитет во секојдневието. Нова „боцка” која ќе ја разбуди мојата амбиција и глад за повеќе. Може да е пат. Како три дена на планина, или Биенале во Венеција, ништо не може да „наполни”. Концерт или перформанс. Нека е настап на брејкденс група на плоштад низ Европава. Аперитиво во Милано. Ручек на Kreuzberg. Вечера на Менхетн. Штодае. Може да е интроспекција. Пругите кои водат до станицата „Јас”, некогаш се најтешки за возење, но со крај со најблагородна сатисфакција. Не секогаш имаме желба тоа да го правиме, но ситуацијата го налага. И подобро што е така. Зошто пат без адреса, постои само во песните. Не и во животот.

„Пругите асоцираат де на стил, де на патување. Де на борба за подобро”, рече Вучка и ме остави во прашалници – што за мене претставуваат пругите? Дали имаат крај? Дали можат, и дали воопшто треба некогаш и некаде да завршат? Одговорот е не – ниту ткаенината, од која е изработено пругастото парче што го носите, не завршува со оверлак штепот. Некаде далеку, метражата постои. Ниту патувањето кое сте го започнале, не треба да заврши набргу. Ќе спиете во пензија. До тогаш, отворете ги чакрите – дишете од монументалниот кислород кој го дава секојдневието беСпари. Не мора да е тука. Не мора да е ниту некаде далеку. Правата формула лежи во вас, само треба да знаете да и направите експорт од вашата когнитивна матрица. Ниту борбата за подобро утре, не застанува. Во Декларацијата на САД пластично е опишана како „фундаментално право на слободна потрага по среќа и живот на начин кој не прави среќни, се додека не се крши со законот и правата на другите”.  Да, начин кој не прави среќни, без да ја нарушиме среќата на другите. Значи, може да заклучиме дека општата среќа треба да ја поделиме рамномерно – на сите. На пругите, на децата, на сите оние кои имаат потреба од неа.

Гледате, еден збор може да отвори навистина многу виуги.

Пример, јас сега приметувам дека шолјава за кафе ми била „такоџе“ пругаста. Кој би рекол?! :)

Spread the love
  • 1
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply