Денес е нивниот последен ден. Предаваат штафета, од мутна вода во оган. Наводно, некаква петочна соларна еклипса во последниот степен од последниот знак, кој воедно е  и последниот степен во последната, 12-та куќа, па се заокружува полн круг… како и да е, светот е во добата на риби што значи матна вода и ум, креативност, уметност, естетика, потрага по идентитет и оригиналност. Јас им бев на гости дента, во нивната прва „куќа“ за сега, по малку збунет но воодушевен, под исто толку чудни мутно-водени околности.

Беше недела, врнеше. Моторичките способности ми беа успорени а сетилата за ориентација некако, едвај функционални… поради притисокот на воздухот, дождот дополнително ми го имаше зашемутено умот… Окееееј, добро! И чашите шток од претходната вечер. Затоа, деталните објаснувања на Анета по телефон, за како да стигнам до нивната адреса, беа залудни. Инхибираниот кликер не успеа самостојно да ја лоцира дууури првата уличка веднаш после Симпо, од која апсурдно веќе се наоѓав на неколку педи! – Не преостана друго, Анета мораше да слезе по мене…

На прагот од станот, љубопитно и питомо ме дочека нивниот „цимер“ Амон, еден 11 годишен ретривер. Знаете, тој е од оние „персонифицирани“ кучиња, со човечки фацијални експресии и насмевка… подоцна увидов и дека се „ракува“ за „Здраво“! Мартин пак, си кулираше на тивкото музиче од лаптопот покрај отворениот балкон…

Тоновите низ станот беа земјени и топли, минимализмот урбан и модерен со чувство на удобност и лежерност. Големата трпезариска маса ја доживеав како центарот на збиднувањата во станот. Ја почувствував и енергијата како циркулира околу неа, налик „топло Добредојде во опуштена атмосфера“: Асоцираше на чести собиранки и багра гости до доцна, на лесна вечера и добро вино… помислив, „нема што, Анета и Мартин се ‘тешки’филантропи!“ Иако, знам дека една од омилените состојби на хороскопскиот знак риби е, многу често, „едноставно да си молчи“ во друштво на партнерoт. Воедно, симболот на знакот е дуален – две риби пловат во тандем… По некоја случајност Анета и Мартин, се риби во хороскоп. И не би можел да Ви ја доловам со зборови поврзаноста меѓу нив, која се чувствува уште во првите половина час во нивно присуство: „пловат“, во ист ритам! Се прашувам, дали морскиот мотив на ѕидот – феноменалната репродукција на „Mорски змии“ од Густав Климт – е случаен? – Како и да е, совршено се вклопува во контекстот на двете „риби“ овде…

-„Сакаме со време да ги исполниме ѕидовите со уметнички слики… за жал, добивме само неколку слики меѓу свадбените подароци. Репродукцијата од лево е подарок од наша драга пријателка, таа ја наслика за нас…“

И, повторно, на повидок уште некои од карактеристиките за „Риби“: нагласен инстинкт за естетика, сензибилитет за уметност, нестандардни „играчки“ и интерес за автентични занимања… не е ни чудо што Анета црта и има студирано моден дизајн, а Мартин е еден од пионерите кај нас во една прилично необична и креативна дејност: го управува 8 метражниот Цепелин кој лебди над речиси сите значајни скопски дешавки, го „лета“ со далечинско и Мултикоптерот со вградена камера кој снима од небо објекти и што не! Најверојатно ќе налетате на двајцата во новото урбано Бистро „Sotto“ затоа што Мартин има удел и „далечински управувач“ и за таму. :)

Тие пак, одмерени, пријатни и духовити. И тврдам дека двајцата се жива потврда за „златните пропорции“ и кај човечката природа. Знаете, оние на Еудикт, грчкиот филозоф, што низа веле-уметници ги примениле и, ги применуваат во своето творештво до ден денес.

OK, доста ласкање! И не се баш така „сјајни“! Барем беа искрени и ја спомнаа и „потенцијалната кражба на обетки (од 1 евро!)“…која, сепак, не се остварила: Исти такви обетки биле изгубени претходно, но, изненадно „никнале“ повторно низ станот, наскоро потоа… среќа„злоделото“ не биднало!

И за двајцата ќе кажам, „лежерност“. И крлушките им се исти. Океееј, стајлингот!!! – Бермуда и добро патиче и спремни се… па и за во диско! И најчесто спонтано се „во тон“: двајцата носат машки часовници а понекогаш, црвени Адидас дуксери… Анета малку „забушава“, (од што мора) па ќе облече фустан за на свадба! И кога нешто им се допаѓа, нема „лабаво“! Зборуваме за еден пар исти панталони во 3 бои и „Даинезе“ во сите облици на облека и асесоари. :)

До 7 часот вечерта со нив и две кафиња, се вратив на себе… почнав и, ќе привршам со алкохол: спомнав и вино. Веќе неколку години се во долгорочна „мисија“ или подобро, стартуваат сопствена традиција: во не баш мал, стаклен сад ги собираат тапите од вината кои тие веќе ги испиле, и во иднина ќе ги пијат… ги очекува години „макотрпна работа“ во која е инволвирана непроценета кубикажа вино! :)

Spread the love
  • 41
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply