Прво кај некого ја приметувам посебноста. На пример, ако сум излезена, и ако сите прават исто, играат, седат на телефон, пијат кафе, пијат пијачка на шанк, јас би го заприметила оној кое стрчи, „црната овца”. Што прави сосема нешто друго што не е соодветно за тоа место. Тогаш знаеш дека е свој човек, што е реткост да се најде сега. Секој е реплика на некој, секој е имитација, секој следи некого. Убаво е, океј, јас следам некое време, меѓутоа не треба да следиш човек. Секој си е различен. Како порака би рекла: Секој да изгради свој простор, вибрација од свои мисли.

Отпатувајте во еден тивок и бавен, зимски ден. Во едно ќоше на улица (најдобро некаде во Париз) каде што нема метеж, а во него… затскриено кафуле со библиотека, таа на маса, сама, со филџан (кафе) или чаша вино до неа и, во позадината свири џез. Со книга во раката, или тетратка во која ќе ја запише својата поезија, и доколку и го следите ритамот веднаш ќе ви стане јасно дека таа е девојка со мистична нота, полна со приказни, во својот „магичен” свет, како што таа би рекла: свој простор, вибрација од свои мисли, што во тој случај „игра“ и се „множи“, свет скроен по нејзина мерка. Додека градот „брза“, таа си го пронаоѓа својот мир.

Истата ваква глетка на некој случаен минувач, (иако неа не ја одбравме случајно) би ја фасцинирала и би останала врежана во нејзината меморија, зашто таа сака кога луѓето го следат својот внатрешен глас, не “глумат” и не се ничиjа реплика.

Не, нејзе нема да ѝ го погодите секојдневието, таа неуморно се труди истото да си го „наштима” по свое. Или ќе ја најдете со широка насмевка,  веднаш штом ќе допре до неа призвукот од она време кога луѓето си праќале писма наместо смс пораки, старото додворување на девојките, кога нештата бавно стигнувале до некого, кога не било сè толку достапно, и кога постоеле поинакви вредности по кои таа денес мечтае. „Ах, барем еден ден да живеам во 50-тите!“

Таа ќе ви го каже првото „добро утро” во нејзина, поетична форма. Од срце, посветено. Нена е вистинска old-school душа, дама-боем, вљубеник во класиката, црно-белите филмови и фотографии. Архитектка-хуманист со изострено око и стил. Како што во уметноста има совршенство и таа истото го бара во секој човек, во светот, во градот, во секое ќоше и кога вози точак, нејзината најомилена активност – секој момент ѝ е совршен, како да ја има целата сила, како целиот свет да е под нејзините тркала. А во корпата од точакот, веројатно ќе ѕирка слика од силуета на девојка, на која таа го пресликала она што смета дека секоја го носи за себе, својот универзум.

Најчесто ќе ја забележите во фармерки со висок струк, „Коко” кондурка, развлечена кошула, и најважниот детаљ – шеширот! А „под шеширот илјада мисли кои, со надеж, патуваат.”

Часовите од нашата средба минаа без да ги сетиме, одново и одново се „полневме“ со креативни изблици, енергиите ни беа толку согласни и разговорот се надополнуваше – беше тоа задоволство од „патувања” низ едно попладне!

За крај уживајте во дел од нејзините поезии.

Постела од удобност..

Се трудам  да ти сплетам постела од удобност , 

да одмориш  после долг пат од тешки и топли асфалти , 

да си легнеш ,да се стуткаш после студена зима , 

да си собереш соништа после  празна вечера.  

А ти да ми донесеш постоење од зеница темна  полна секавање, 

а зад нив, зад нив  ние.

Да ми донесеш постоење од звуци на твоите чевли

па остави траги од тивка мелодија која не оживува нас, 

да ми донесеш постоење  од  зборови пресушени 

па да ми допуштиш да им налеам вода,

да не лекува нас…да ми донесеш постоење од останати  бои 

оние кои не ги  разлеа на туѓи рамења, на туѓости,   

а јас да те оголам да извадам палета наши бои

скриена под твојата кожа обвиена како глина..

да ми донесеш голотија на твоите мисли

да ја видам нашата искреност со неа и тебе како некогаш.

Да ми донесеш постоење од громови гласни 

како нашите раширени усни 

доближени и да ги вратиме за момент…

се трудам да ти направам венец  од бакнежи…

само донеси ми постоење твое, после ладни зими 

ке ти раширам гранки да се скриеш во нив…   

 P.S. Голема благодарност до Шенол Али за техничка обработка на фотографиите.

Leave a Reply