Ако зборуваме за ретки „уникати“, за „фигури“, „репери“, „фаци“, настрана модата како еднодимензионална платформа… и тој воедно, самиот како да ја восприема со сите сетила, никогаш исфорсирано, агресивно и пренагласено, туку како невидлива алатка врз себе за нешто многу посуштинско и функционално… токму тоа и е формулата за имиџ, за стил икона. Па ако и самиот не диктира „мода“, бренд е „во движење“ на извесен начин. Ниту има простор за имитација или извештаченост во случајов. Зборуваме за креативна препознатливост, за претставителност; за самосвест, за некој што сам успеал да стигне таму каде што е… Најпосле кој не го познава?!

Додека сте на свирка, на изложба, на приватна, афтер, дј-забава, тематска, мулти-концептуална или настан, каков и да е… и се забавувате во Концепт 37, ништо чудно и да се потсопнете од него, затоа што понекогаш е седнат сам долу на ивицата од подигнатото тремче, десно од вратата каде што ретко кој погледнува… и никој не се „тепа“ да седне баш таму сред искачање, затоа што таму нема да биде „виден“; речиси на земја, онака „олд скул“, за тие што паметат, „крукче на плоштад“ фазон. И без „шминка“, никогаш фенси-шменси, искулирано но тотално со „концепт“ и „својски“.

И ќе каже „Добровечер“ каде и да влезе и ќе ти направи муабет трпеливо, сталожено и со почит како да си последниот на планетава. Преполн идеи и реализации, среќа што, сè уште, „на долги стази“ и тој не фатил „џаде“ во туѓина. Од таа причина превентивно и во поглед на сè она погоре, еве, нека си чува Скопје „во новчаник“ слика од него, „огледалце в џеб“ за да се „огледа“ на него, еден е наоколу.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

2 Comments

Leave a Reply