It’s been a while. Кога немаш што да кажеш, подобро ќути, велат. А и кога имаш, зошто некого би го болела гуртна за тоа?

Не, тоа не значи дека треба да молчиш. Само смали „доживљај“.

Многу сме галамџии. Како просечната децибелажа да ни е двојно повисока од регуларната. И тоа е таман. Тоа ги прави јужњаците – јужни. Ги прави кафанските ноќи, долги и чудни. А тоа, е она што не прави различни.

Е, за жал, пост-модерната е преполна со јалови обиди да се биде различен. И на реклама за ГМО отровни полу-чоколадни стапчиња, пишува “уникатен вкус”. Раштимани музичари се најавуваат како “неповторливи”, а дур слушаш бараш од конобарот да ти донесе шејкер со отрови.

Нејсе, смени програма ако не ти се допаѓа.

Само не прави ерес да спојуваш различно со современо.

Видете, живееме во доба на радикални амплитуди. Трендови веќе, па и да не постојат. Секојдневно се менуваат „хајпови“. Денес од Икеа ќеси се прави облека, утре веќе е досадно. Задутре: Што збориш, каква Икеа, полека…

Муабетов е “верглан”. Проблемот е што верглање во место, го зарибува моторот. И колку повеќе вртиш, толку повеќе ти пропаѓа можноста за лесна апсорпција на нови молекули.

Ако си модерен, не значи дека си современ. Да си современ, пак, не значи по секоја цена да си различен. Современ човек ја поимува различноста во својата слобода. Слобода на избор; слобода на мисла; слобода на наративот. Слобода, ослободена од глупостите на околината.

Тука некаде влегува неизбежниот спин кон слободата на визуелниот изглед.

Многу е подобро да си слободен, а да не си воопшто различен. Преведено во стилски термини – тачно е небитно ако твојата маица ја имаат сите. Дали сте две со ист фустан или обувки. Дали Converse маицата ја има и брат ти.

Единствено е важно сам да си ги контролираш мислите.

Да не се лажеме, не очекувам сите да разберете. Специфичноста на нашето пазарче конструира зихераши од епски рамки. И жално е што, сè уште бараме слобода од другите да сме тоа што сме, а различноста на маица и гаќи ја сведуваме.

Кога со Даниел ги почнавме „Ветерници“, суштината беше да се бориме токму со тоа што не можеме да го контролираме. Ми помогна да го победам стравот од објектив.
Предизвикот беше голем, бидејќи на успешен производ како ССН тешко се додава ‘повишена’ нота во петолинието. Ана и Елена, бутнаа силен ветер во едрата. Заклучивме дека, сепак, потребата од гласност е посилна од бебешкиот плач мој.

Напротив.

Требаше нов став, дека не е болно да си свој. Без илузии и желба да шириме визуелно-естетска пропаганда. Си рековме, да пуштиме уште еден дурски рефрен во нашето друштво. Не зашто беше потребен, ами неопходен. Не зашто се сметам за попаметен. Сè уште верувам дека ништо не може да се наметне…

…освен идеја.

Затоа, немам што да кажам. Гледам што се случува. И се радувам. Вирусот на лесна апсорпција на нешто што ти е визуелно непознато, брзо се шири. Импулсот е даден. А по коментарите кои „Скопје се носи“ ги добива, успеваме во тоа. И ќе продолжиме да ја емитуваме истата фрекфенција.

Последен аманет од вашиот Ветерко е, и во најсончевите денови, да не ја потценувате моќта на предрасудите. Тие се junk храната на општеството – вкусни, евтини и достапни за секого. Ама, нивната маана е што брзо се ладат. И уште побрзо забораваат.

Затоа, кога ќе те удри предрасуда по глава, ти давам експлицитна дозвола да возвратиш. Со две различни патики. Со испокината маица. Со добра, луда чорапа. Со безопасна во уво.

Или што и да е она што те прави современ/а.

А јас? Јас ќе сум секогаш тука.
Да помогнам.
Да чувам грб.
Да дадам сè што имам.
Бидејќи едно општество расте само со детекција на глупавоста и нејзина изолација. Само со ставање затка на моронизацијата.

Друштвото расте само со креација.
И теренска доминација на вистинските вредности.

Ова се последни „Ветерници“…засега или засекогаш…којзнае. Животот е краток и непредвидлив. Едноставен и кршлив. А јас, Даниеле, повторно се плашам од објектив…

Затоа, живејте. И додека живеете, изживејте. Живејте исправно. Помагајте. Напорно работете. Бркајте го својот сон.

Имајте визија и верувајте. Најдете го тој/таа, и сакајте се.

Бидејќи, утре ќе не нема.

А таа неоправдана отсутност, е најтешка за оние кои остануваат позади.

Биди ми добар, срце.
Каде и да си.

Ви се поклонувам за тоа што читавте, читавте, читавте. Дебатиравте. Се инспириравте. Ме сметавте за ароганција „шта хода“, па ме неќевте. Се направивме подобри.

Тоа, ни носи убави денови.

А до тие утра – Скопњањи, носете се и бидете ми добри!

03.07.2017

Leave a Reply