Да ви се „отворам” – моја омилена административна граматичка вежба за анти-глупоќа додека чекам на шалтер, е читање ПРАВИЛНИК. Да, тоа е оној спој на глупавост и креација кој никој…никој…никој, не го чита. Е, не ќе моќи!

 

После пар бои, да направиме измена со третата. Јас малку ќе зборувам, а вие повеќе ќе гледате. И фактографирате. Оти на милионер тешко да одите, па ќе скратам и на „професурата” за црната, бидејќи на сите ви е јасна. Асоцира на лоши работи. Бул Шшш..шубадуба. Културолошки, Западов ја има вулгаризирано „до даска“. Па сега пробува да ја оправи работата…

Првиот Правилник на Скопје Се Носи, ќе биде сè, освен правилник. Факти, факти, факти – препорака. Тоа е едноставната форма, која ќе појасни, дека црната не е е само боја на тагата, лошотијата, субкултурите, ами и на стилската доминација, авторитетот, бунтовништвото. Сепак, легендата вели дека човекот ја прави бојата. Така што, црно – онолку колку што ви дава гла’та. :)

 

ПРАВИЛНИК

 

  • Прво, како општа одредба, она што една моја професорка милуваше да го окарактеризира како „стормање по брејнот”. Ајде, асоцијации – тага, страв, мистерија, болка, агресија. Многу моќ. Хм, елеганција, стил, формалност. Бунтовништво, несреденост, против сите авторитети. Софистицираност, длабочина, суштина. Вејдер. Моја Ана. Мачка. Црното пиво во French House на Soho…Сешто. Совет, пред да се тропнете и „уцрните”, прочепкајте по вашата мотивација зад. Нека биде црно, ама од правите причини. Можеби само ви се пие пиво…а тоа се прави и во боја.
  • Хералдички, религиозно, како сакате…црната е боја на тагата, факт. Посебно Западот ја има вулгаризирано до таа мера, да си отпадник ако не си „црн” кога некој ќе кидне на другата страна. Уште еден факт – црната поседува длабочина и асоцијација на „собирање” во себе, но не секој што носи црно е обвиен во тага. Не е паметно да се врзуваат боите со емоциите и искуствата. Ќе треба да носите безбојни алишта после месец дена…
  • Теоретски, да речеме дека црната е „недостаток” на боја. И со ова не би се согласил, но за добро на вашите очи, нек биде. Значи, зборуваме за боја на непознатото. На тоа што е тешко да се открие. А тоа што ни е непознато, ем тешко за читање и манипулација – психологијата вика дека му даваме дополнителна моќ. Ете ви го и изворот на моќта на црната. Нејзината маркантност секогаш ќе излегува од непознаниците кои гравитираат околу неа. Ја викаат и „боја на уметниците”. Ма дај. Ако некого не разбираш, не мора да е црн, дабоме!
  • Добро, носите црно. Многу црно, не е на арно. Ако белата „отвора”, црната „затвора”. По повеќе основи, кои ќе ги чепнеме надолу. Битно, анализирајте па кажете ми, како се чувствувате во црно? Зборуваме за боја која дава самодоверба, брише прашалници од глава, зголемува самопочит пред публиката. Таа е визуелниот коректор на расположението. Само кон публиката, додуша…ама тоа е битно. Остатокот си е ваш, и само ваш.
  • Интересно е колку црната е боја на перфектен баланс. Од страв до моќ. Од болка, до нарцисизам. Од визуелна празнина, до „таман” полна естетика. Не за џабе е главна „службена боја”. Боја на авторитет, професионалност и посветеност. Кога ќе се каже дрес код, првата асоцијација е престиж и елеганција. Порано, тоа била кралската златна/црвена/бела. Денес, тоа е црната. Совет – црната ви е „сигурна игра” – генерално нема утка. Освен ако Васко не ви позајми некое Тошо светкаво сако што удара на црно. Тогаш, внимателно.
  • Веројатно не сте знаеле дека ТВ камера, „става” плус 10 кила. Ова е главната причина зошто црната е омилена ТВ боја. Визуелно, стеснува. А и не само пред ТВ. Црна облека визуелно крати килажа. Црни ѕидови, визуелно стеснуваат соба. Значи, ако имате потреба, црната може да излезе во пресрет и за вакви мегаломански зафати. На кратко. Ама и на кратко, битно е како се чувствувате.
  • Интересен е процесот на „одтажување” на црната кој се води во светот. Имено, мултимедијата, како главен канал за комуникација на боите, во последната декада, покрај „тагата”, гледа да ја епитетира црната со уште емотивни секвенци, како би се разбил митот за нејзината едностраност. Последен пример – Star Wars. Да, ги обожавам. Не, нема да ви глумам надри-критичар. Само, внимавајте – светлата страна е секогаш „светла”. Светли бои, игра на светлина, светол видео едитинг и така натаму. Темната, црно бре. Со таа разлика што, модерниот колор тренд на Кајло Рен му става црвен сјај. Вилицо-паѓачки спој на доминација, моќ, стравопочит. Од друга страна, Афлековиот Бетмен, не е веќе само црн, во голема мера таа гумена грамада од костим е сива. Гледате, едностраноста на боите се менува несвесно. А и нивните карактеристики, трпат промени. Несвесно ја менуваат нашата перцепција, што е нормално. Се менуваат работите, како „што би рекол Панта Реј”. :)
  • Ако Правилникот до сега не ви мрдна ум, за и среќни да носите црно, огледајте се на Џобс, Лутер Кинг, Џек Николсон, Ајнштајн, Џим Морисон, Канје Западот, Лагерфилд. Врска немам. Овие генерално биле во црно. Секој ваш херој сигурно има барем една фотка во црно. Така што, ете! Мотивација плус!
  • Јас – црно? Зошто да не. У моите металски свирачки денови, дури и црно на нокти сум пробал. Голема доза металкор, ветерничари, не замерувајте. Денес, црната ја дозирам. Ја почитувам. Претставува авторитет. И си ја користам како заштита. Доста е! Сметам дека луѓето треба да гледаат колку што ќе им дозволите. А црната е одличен партнер за таа мисија. Под еден услов – дајте боја! Бојата ќе ја даде втората димензија. Црвената на Кајло Рен. Сивата на Бетмен. Нека е тиркиз де. Виолетова. Портокалова. „Сè иде со црно”, уште една народна, која овојпат е рамна на мојата дума. Плус е секси троа боја да се види. :)

               Е така. Сега, Правилникот се принта и се „беси” во плакар. Ако не сте човек што сака црно, не му ја мислите. Многу ја злоупотребуваат. Па можеби, е подобро да сте искрени пред себе, и да ја баталите. Има уште бои на светот.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply