Вратата беше од белите… како онаа на директорот од Вашето основно училиште пред 20-на години: Прозорец на среде, со дупли стакла меѓу кои е вметнат плакатот за претстојната настава во природа во Претор, тоа лето… сеедно. Не обрнав многу внимание на останатите детали од плакатот, единствено ми падна в очи кириличниот натпис „Потписи на срцето”. Во истиот момент тој ја отвори вратата одвнатре и, влегов. Е, ако постерот не Ве врати назад во времето, само замислете си го мирисот кој проструи уште пред да стапнам преку прагот: оној карактеристичен подрумски, на кој несвесно и блажено замижувате додека во истиот миг, Ви буди и, истовремено, Ви ветрее, испреплетува рој спомени во исто толку бои, необјасниви со зборови! Мирис на стари книги и предмети, богати со историја…

Сакам да ви претставам еден мој драг и долгогодишен пријател – „Човекот во црно”. Mожеби сте ја имале таа ретка и ексклузивна прилика да, еднаш, во година-две, го сретнете во целосно бело издание или пак во црно-бела комбинација? На сиве овие години колку што го познавам, мене тоа навистина ми се случи, дури, еднаш: го затекнав во таа, црно-белата варијанта! Почнувам веќе да верувам дека глетката веројатно ми се сонила или пак е само мит, да го видам поинаков од – црно, од глава до пети…

Познат е како Миле „Поречанец”. И верувајте, колку што се монoхромни неговите изданија толку е колоритна и раскошна неговата „културолошка“ природа. Ајде да појдам од неговите авантури на велосипед низ речиси цела Европа. Се присетувам, неговиот последен долгорочен „велосипедски” потфат беше посета на Атина за време на Олимписките игри, во 2004 година… (неговите тековни патувања на велосипед низ Македонија, ми се веќе како „Доброутро”!) Миле пишува поезија и е активен член при „Друштвото на писатели на Р.Македонија”. Автор е на три стихозбирки , чии песни не се изоставени во, речиси, ниту една збирка на современа македонска поезија. Страствен љубител е на музика и, после толку години на самоукост, сега посетува часови по класична гитара за да може самиот, рецитирајќи ја сопствената поезија, воедно да ја прати со акорди, за лично да се погрижи слушателите да ја восприемат истата, во апсолутното нејзино битие! И нека не Ве изненадат нинчаките кои висат на тркалото од сефот во аголот, покрај бирото; датираат од времето кога активно тренирал Кунг фу…. а приказната за отклучениот катанец зад вратата е следнава: „За маките на катинарот, го имам опеано… во 1949 година, Колишески со декрет го има затворено најкраткиот пат од Поречието до Скопје… дури во 1992 година иако со режим, тој пат е повторно пуштен во употреба, преку резерватот Јасен… цел тој реон од 54 села бил буквално отцепен… буквално отклучувајќи го овој катанец, официјално го отворија патот… што за мене е од неизмерно значење! Затоа си го задржав катанецот, како спомен за тој историски миг…“ – ми раскажа тој.

Оттаму и надимакот: Миле е роден во Поречието, и апсолутно е посветен на афирмацијата и развојот на тој регион… И „училишниот плакат” кој ме дочека на влезот и кој, навидум и низ малку потсмев, го занемарив?!

„Потписи на срцето” е името на мултимедијалнaтa манифестација која се одржува секоја година во Порече, во пресрет на Велигденските празници и чиј автор, организатор и реализатор е мојот другар овде – Поречанец! Наградата и признание „Грст срца”, годинава Миле ја додели на Нашиот истакнат глумец Војче Китановски…

Народно кажано, и „гледа на рака”. Стручно пак, се бави со хиромантија повеќе од 40 години. Ова негово долгогодишно искуство наскоро ќе „дочека бел ден” во пишана форма, на која авторот е, секако, лично тој…

Тукушто начнав муабети за Г-дин Јованоски, верувајте! А неговата канцеларија, ателје, творечко катче, наречете ја како сакате…е навистина не можев да се воздржам да не Ви ја покажам! Ризница е на спомени без дно, трофеи за неговите дострели, драги предмети, архивирана историја… сето ова е „модерно освежено” со неговата мини колекција на Мон Блан брендот: ексклузивни пенкала и сет од мастила за пишување, парфеми и портмонеа, уредно наредени на комодата од страна, како од некој си едиторијал во Вашето омилено списание…

И на самото мое заминување се сети дека дента ја купил кошулата од излогот која ја меркал месец дена наназад: „Конечно ја начекав на попуст, во Риплеј! Се спогодивме дополнително за цената со газдата, сепак, другар ми е…” – Погодете во која боја беше кошулата?! Хм…

Додавајки при тоа – „погледни го материјалот, а и како фино е изработена, деталите…” – врткајќи ја кошулата со воодушевување низ дланките, добри 5 минути…. Во истиот миг се сети на шкафчето, накрцано со машки чанти: „Дојди, дојди да ти ги покажам и тие…” – Беа повеќе од 10-на, и сите до една, црни! Се запрашав во себе, како ли ги разликува?!! За омилената, со „хипи” беџот која за чудо беше некоја необична металик-сива нијанса, зборуваше: „делува сива затоа што е излитена од премногу носење. Првично беше сосема црна и таа! Ја купив пред, ехеее…

Spread the love

Leave a Reply