Го знаеме добро генералниот „синдром” на понежниот пол околу кој и двата пола се резигнирано едногласни: од неколку нешта што имаат моќ да го променат женското расположение, натписот низ продавниците „70 % ПОПУСТ”, рангира некаде меѓу првите! И не е само попустот, генерално е шопингот…

Ел на пример, вешто ги познава шопинг „цаките”, поволните дуќанчиња со залутани и неочекувани парчиња од познати брендови, ги „владее” добрите шопинг зделки, во Скопје и пошироко! Но далеку од тоа дека го чека попустот… напротив, секогаш е насмеана, позитивна и спремна за партија муабет! Начитан, дипломиран лингвист по англиски јазик со запишан втор, правен факултет, таа има прилично многу да сподели! И леле, навистина е убава! И да седи наспроти мене, без да изусти збор, навистина… не би ми пречело! :) …

Ме заинтригира троспратната кутија на наткасната. Беше преполна шминки, „аптекарски” систематизирани: некакви си подлоги за пудра и пудри, сенки, моливчиња за очи ииии…толку од моето оскудно познавање на шминки! Цело „орудие“ кое, од шминкање како незјино хоби, би ја лансирало во професионален маке-up виртуоз! И верувајте, таа знае како прецизно да го примени, со сите чекори и тајни до беспрекорен нашминкан изглед… Ако ме прашате мене, доволно и’ е ништо од шминка… како што таа вели, „природниот изглед“ е секогаш ИН!“ Како и заносен азурно-зеленкав поглед како нејзиниот и комуникативната интелигенција – орудија со кои таа исто така располага!

Во соседната кутија, беше „складирана” нејзината друга пасија – обетки. „-голем дел од накитот се’ уште го немам прибрано од старата соба…а имам повеќе од 200 пара обетки! …Кога постои пасија, не постои рационалност! И обожавам филигран…“

За малку не се сопнав од една ќеса преполна лакови за нокти! Наводно, различни нијанси беа во прашање… таа ме уверуваше: “овие 5 лакови тука се различни нијанси на минт бојата!” – не успеав да ја воочам разликата… ама дефинитивно беа пет! „-Јас сум човек кој периодично се опседнува со бои, со нешта!“

Шминка, накит, лакови, гардероба… прааава „шминкерка“! Само нека се осмели некој да го помисли тоа! Ел ти е рокериште и трансер во душа! Израсната е на тревата во парк, со свлечкани торбести панталони, флуоресцентни парталчиња и откачени фризури! „-Имав и суканица на времето… зошто мора да има кодекс на облекување на работа? Да можам, лилакова би се офарбала, одма!“ …

На свирки во Маракана и транс журки и надвор од Скопје, до 6 сабајле! За ерата на Читална, пиво и вино на Крукче, свирки на Школка… Ведра и насмеана, природна со 100 на саат и полна причи! „-им се смеевме на кремците кои проаѓаа покрај нас накај МНТ или АХА… Никогаш не бевме од таа клапа на луѓе. Да треба да се вратам назад и да поминам низ истото, не би била ништо поинаку од тоа што бев! Мислам дека ние тогаш боље се забављавме од децава денес … неповторливи времиња беа тоа.“

И едвај трага од сево ова на неа. Повеќе е отелотворение на оние совршено илустрирани французинки низ списанија: витка и долгонога „плава” девојка на велосипед, во „тресаста“ маица на шрафти, тесни мастило боја панталони, црвени балетанки и големи очила за сонце… Дури и нејзиниот прекар „Ел”, е некако француски! Иако таа е британски ориентирана (го познава и португалскиот јазик!), со прописно „underground“ педигре, слуша рок, и оди на Таксират… и ги руши стереотипите! Кој вика дека облеката ја оддава секогаш вистинската слика за личноста?! :)

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply