Ех, времиња. Времиња ли се, времиња. Среќа што поминале.

Генерално, секој прогрес доаѓа после процесирање на фактот дека долго време си се зателебал у регрес. Маваш клоца на теретот. Идеш даље. Каде? Не е ни битно во моментот. Ух, тоа чувство – слободен пад. Во ендек или рај. Изгубен рај. Од почеток до крај.

 

Некаде на патарина на пол-пут, во високо-стеблеста дрвенарија, со језиво убав поглед, стои една убава, висока – табла. Со креди. Е таму, поштовани, стојат имињата на, да кажеме – Мама. Тато. Баба и дедо. Биди и Бади. Тоа фраер детето во забавиште. Дада. Мајкл Џордан. Роналдо дебелиот. Ријана и Ашер. Металика. Зукерберг. Некои веќе се избледени – еех, било је некад. Си обавиле улога. Се надминале себеси. Останале во минатото. Останатите, го зборообразуваат нашето дневно расположение. Мисла. Говор. Сленг. Пермутација на зборови за да звучиме фраерски.

Ги интерпретираме. Како да сме ние – они. Зaшто би сакале. И им се воодушевуваме.

А добро, да ве прашам, коа ме гледате косо ко опашот на Сонџоку – кој немал идоли?

 

Задоволство е да ги имаш. Добро, некогаш и депресивно. Но, никогаш – никогаш – ама баш никогаш, нема да те остават рамнодушен. Тоа е тој драјв и стрв. Бес. „Јас, глуп сум? Не можам?!”. Или едноставно – фасцинација. Оргазам.

„Маме му кладионичарско, како му успева?”

„Е, како бе мама, на Биди му е црвен носот, а мене не?”

„Абе, е како бе така… МЈ кога игра баскет јазикот му е надвор, а ја кога играм брефтам ко антилопа у бегство?”

„Колку треба да си интелигентен за да воведеш генетска промена во човековата ДНК со виртуелната социјализација?”

„Како се пишува песна како „Master of Puppets”? „Highway to Hell”? Интрото на „Sweet Child of Mine”?

Некои прашања не заслужуваат одговор. Хм, ајде да се согласиме дека нема да се согласиме. Сите прашања заслужуваат одговор. Да ќутиш, значи да не го користиш благословот да ти мисли црпката. Прашалникот е створен за да биде следен од граматичка форма што ќе заврши со точка. Или извичник. Задоволен извик од себеси. Одговор на сите прашања кои си ги поставил. Си се трудел. Си ги остварил.

Баш ради ова се битни бенч-марковите, фина замена за терминот „идол”. Нека биде – цел. Еве не мора ни да е човечко суштество. Нека е нешто кон што се стремиш. И тоа е идол. Или, по нашки, идеал. Може да ти го смени животот. Може да те отера у три лепе: да ти свири главата колку си го згрешил патот. Може, уз добра ракија, да те начука со самобендисаност во една, или сервилност во друга крајност. Сеедно. Се постои, и се треба да се надмине.

А тоа е возможно, само со одговори.

Беше време кога една памучна t-shirt маица тешко се наоѓаше. Ама златно Буњаковец, секогаш изненадувало со својата понуда. Во тоа време, веќе го имаа затворено едно дуќанче во ГТЦ за НБА дресови. Дете ко дете, полно со елан и сè уште неизбрусен ентузијазам, сака дрес. Ќе го направи подобар. Ќе го направи како Мајк. Ќе лета кон обрачот. Ќе може да го допре – невозможното. Сепак, времињата налагаа дека еден дрес беше пола плата – може и јаче.  Па, во ситуација кога СВОТ анализата налага повеќе закани врз куќниот буџет отколку можности оваа трансакција да донесе „опиплив” бенефит, се импровизира. Знаете, во доба на колонијалчиња, не можеш да бараш буѓола. Тогаш – импровизираш.

Првата фаза, да бидам како Мајк. ”Е како бе ќе бидеш?”.Цврцки – одговорот на прашањето е ”Нема да бидеш.”. Доообро. Ново прашање – „Епа тогаш, да играм за Булси”. „Ќе играш, ќе играш. Пајдушко на свадби”. Ок, не како Мајк. 2003-та е, ЛеБрон влегува во НБА. Сакам како Кралот да бидам. Откако ќе увидиш дека и оваа желба е остварлива ко да ја свртиш Халф Лајф у еден ден – решаваш: Добро, сакам да сум јас. На негово место.

Креативна фамилија е луда работа. Во позитивна смисла. Глава да ве заболи какви се супститути постојат, и за најобични работи. Тие t-shirt маиците, станаа горен и долен дрес. Неколку тубички боја. Фантастичен ликовен израз и, имаш дрес за 500-600 денари. Од две маици составуваш и гаќици. Ластикот од „Еми” на Партизанска. Рабовите – сатенска трака.

На грбот. Твој број. Твое име.

„Дали сега ми е потребен нов идол?”

Да. Не зoшто стариот го нема – туку зaшто ти се зголемила амбицијата.

Апсолутно верувам дека идолите се тука, за да ги снема. Би било глупо да се палиш на Мадона цел живот. Или да имаш ист вкус за работите дури два месеци за време на пубертет. Глупо е. Глупо е да се арчи времето без напредок. Голем човек не е глуп човек. Екстравагантен човек не е луд човек. Промислен човек не е „спор ко Лада Нива” човек. Детален човек не е ментален човек. Морален човек не е лабилен човек.

Големината на нашите идоли, идеали – лежи во нашата битка со предрасудите и посветеноста на „реформите”. Оние суштинските. Трансформацијата на идолот во- тебе. Со сите свои предности и мани. Од идолот во ликот на родителите, до животниот идол. Купувањето само на добрите работи од овие луѓе, ами , не чини. А и не е возможно, зaшто честопати купуваме глупости од оние на кои се угледуваме. Ви текнува на муабетот дека деца прво од другарчињата во градинка, учат – пцовки?! Епа, истото. Додека поделиме што е добро или лошо, може идолот да стане демоде.  Ама голем човек, и во пцофките знае да најде филозофија. Која ќе го упати кон она што го бара.

Имам, и сум имал многу идоли во животот. Некои реални, некои тотално имагинарни. Некои сум си ги создавал сам за да се мотивирам. Некогаш и намерно сум мистифицирал ликови. За да ги „разобличиш” со успехот кој ќе го постигнеш со Цезаровото – „Освоив”! Зошто победата ме мотивирала. Допирот кон ѕвездите, ме буткал напред. Но, не преку лешеви. Не. Моите идоли не би го направиле тоа. Тие не поминуваат на црвено. Тоа не е убаво. Ниско-морални идоли трансформираат нации. Перцепции. Детства и пензиски денови.

Големи умови, другар(к)и.

Мојата верба во големината на луѓето не си оди. Таа табла во високо-стеблестата шума уште ја пишувам. Зошто уште, побогу, уште сакам да напредувам. И ќе ја шкртам, додека не ми снема креда. А после, ќе почнам да гребам со нокти. Зошто големите луѓе се тука да ти дадат онолку, колку што си спремен да им купиш, и надминеш.

Верувам во вас, драги. Верувам во фактот дека лошите идоли се како глутенот. Секаде ги има, многу од нас се алергични, а не знаат и влијаат на работата на организмот. Но, ова е уште една Дон Кихотовска мисија, која знам дека не сум правиот да ви ја зададам. Сами сте, на себе. Јас само можам, како и секогаш, да трубам и свирам на гајда. Уши да ви пукнам.

За крај, уште едно лично искуство – зaшто знам дека многу сакате кога луѓе се соблакаат на екран.

Кога ќе удри криза – правиот идол е најгоре на таблата.

Далеку е од најдобар. Најблиску до најискрен. А искреноста ќе ве врати кон „Сатја” – што на Санскрит значи (фатете се за рачиња и да повториме заедно) – Вистината!

 

Spread the love
  • 1
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply