Мони ме чекаше пред зграда, на пладне. Тркнавме најпрвин до кај мајка и’ за да земе нешто…по неколку минути, се врати со две бунди во раце, иако надвор имаше 35 степени целзиусови! За време на нашиот две-минутен пат назад, таа кажуваше со 100 на саат, едно па друго, сè уште под адреналин: „сите ми се горе… вчера заглавивме на журката во Сектор… пред малку станавме и имам вртоглавица… кој се бања, кој се ‘освестува’… а јадеш паста? Ирена ќе ја зготви додека стасаме…и Бела ќе дојде, и таа за прв пат кај мене на гости… се прибравме накај 6 часот утрово па Сандра помина на кратко за да чуе што пропуштила вечерта…. уф, едвај се сеќавам на…. аха, ете каде ми биле сандалитеее!“ (посочувајќи кон совозачкото седиште) – Забавна и детски искрена!
Челно во дневната на Мони – eдна маркантна библиотека која таа сама ја направила… уффф! И секое катче со „душа“! Богати детали на кои, несомнено, е посветено апсолутно внимание и енергија! Каде попрво да погледнеш!!! И „Old School”, нема што! Ако не и по малку „њујоршки“ со тие црвени цигли…
Пастата беше речиси готова. Наоколу се „шуњаа” другарките на Мони, во оваа пригода во својство на (по малку мамурни) „хостеси”. smile Прво ја проследивме точката на дуото „My Brother from Another Mother” кое настапи со импровизиран танц на оној од нумерата „Бандидо” од “Евровизија”, 1990-та година… потоа, следуваше кратка фото-сесија со бундите на Мони… единственото машко во станот – Џек, , веднаш се „пофали” со својата вештина „вертикален скок во висина од еден метар” и тоа, со гумена коска меѓу катниците… до душа, беше и по малку збрлавен од концентрацијата на жени околу него… Накратко, вака започна нашата „целодневна” заедно!
Во моментот кога стана збор за „винтиџ мапите”, настапи свечен молк. Мони не заобиколуваше, појде од самата „срж”, нејзината фатална пасија – Винтиџ. За секое патување кое и’ претстои, Мони изготвува „мапи“ до „скриеното богатсво”. Со други зборови, ја печати според Гугл мапи најефикасната маршута во која се опфатени СИТЕ локации на винтиџ продавниците во градот – дестинација… Откако истите се детално „прочешлани”, воедно од таму и купени „од прва” бесценети пронајдоци (евентуално „таксани” за на крајот од патувањето), вториот ден веќе може да се погледнат и знаменитостите наоколу…
Таа кај и да е, би можела да си отвори сопствена антикварница или „втора рака” дуќан, во кој строго и’ препорачувам да ја препродава сопствената „архива” по дупла цена! Парчињата би оделе ко’ алва! Постхумно пак (ако не и порано), нејзиното име, пропратено со портрет од неа, веројатно ќе фигурира како синоним во лексиконот на македонскиот јазик за зборот „винтиџ”! Чисто информативно: Нејзината чанта-куферче за 6 години ќе наполни јубилејни 100 години! – Ви се верува?! Точно еден век негово постоење, во супер сочувана состојба. Датира од далечната 1920 година…
Нејзината професионална ориентација… Мони е израсната во империја на мониста во сите спектри на бои… и безбројни облици на накит! Нејзината визуелна стимулација не можам ни ментално да си ја претставам, не пак со зборови… Не верувам дека „вообичаените” луѓе доживуваат толку детали и микроскопски ситници, севкупно во животот… оттаму и нејзината еклектичност и колоритен каледоскоп, кои, неизбежно се рефлектираат и на нејзиниот изглед. Oттаму и „ЕКЛЕКТИКА“, нејзиниот бренд на рачно изработен накит, класично-модерен преплет на техники и материјали, фантазија и досетливост, искуства и спомени… Парадоксално, таа поседува дури десетина парчиња накит кои едвај, ретко ги носи!
Нејзин омилен град?! –Барселона. Град со исто толкава врвулица од бои и разноврсни контури кои човечкото око не ги регистрира како премногу информации во мили секунда. Токму тоа се случува и низ нејзината глава и, така единствено би имала логика нејзината силна поврзаност со истоимениот град, нарекувајќи го и свој „втор дом“.
Тајланд и не е така близу до Барса… Да, била и таму. Нејзинте естетски апетити и креативност, се потхранети со прекуокеански патувања и разновидни светски култури. Таа има видено „сè и сешто”! И ќе се погрижи нејзиниот омилен сувенир, макар тоа да е сламен ковчег кој не го собира ни во нејзиниот најголем куфер, преку океани, планини и мориња, по секоја цена, безбедно да стигне до Скопје!
…надвор се стемни, дојде време и за вечера. Повторно, Ирена ја зготви… Навратија и Еви и Виктор, се посмеавме уште малку сите заедно… поставата на гости се смени на неколку наврати во денот. Овој пат, заминав јас. На излегување, Мони само ми дофрли: „И да не се затвори вратата зад тебе не грижи се! Ќе налета некој друг кај и да е…“– и’ се придушуваше гласот додека се оддалечуваше низ ходникот…
П.с. Ок, вистина е дека има и флуоресцентно зелени потпетици кои се еден од последните крици на модата, дијаметрално спротивно од генералната слика за неа… -„Наменети беа за еден зелен фустан! И зажалив штом ги купив, џабе ми стојат во плакар…

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply