IMG_5591 2 (COVER)-W1200

Воочив дека Мартина не одговара на фиксниот телефон дома затоа што не „страда“ од професионална деформација; службено таа разговара речиси 9 часа на телефон и поради тоа едноставно…Таа ниту се појави на гласање дента. До душа, колку што можев да воочам, не ќе да е партиски „обоена“ туку, едноставно… не толку поради работата, или политиката или што и да e, едноставно таа е тотално опуштена и незјиното мото е „Go with the Flow“…и смета дека луѓето треба почесто да седат на трева, насреде зеленило…
Од друга страна пак, за себе тврди дека е импулсивна и своеглава иако, според постапките дента не го воочив тоа…Еден од првите нејзини муабети накратко кога ја запознав, беше: „Кога ме праша татко ми во каква боја сакам собата да ми ја бојадисаат, прво што случајно погледнав беше лакот за нокти на прстиве и одговорив, ‘Ваква!’ Пустиот татко ми, усрамен, влегувал од дуќан во дуќан со мојот зелен лак во рака, во потрага баш по таа нијанса!”
Во правец на импулсивноста, самата продолжи да ми кажува дека како мала одела на балет и сериозно била посветена; потоа, наместо на академија, ете така одлучила да се запише во средно уметничко…малку потоа деликатната, „тазе поранешна балерина“ направила „четка“ фризура! Затоа што едноствно и’„пукнал филмот“ и на ѕвончето за голем одмор во прва средно – правец на бербер!…И дома се прибрала (наместо со долгата коса), со „четка“ фриз! И најпосле, се запишала на Факултетот за етнологија! Каква ли (импулсивна и контрадикторна) „еклектика“ имам пред мене! Беше март…кој всушност е „хроничен хомеопат“ па знае (исто така) да биде „непредвидлив“ и „импулсивен“ поради што народно го персонифицираат со женски лик, познат како „луда Марта“! Со право. Тие денови Марта навистина беше „разулавена“ и без предупредување, туку ќе заврнеше! Тогаш, ја сретнав Мартина. Која коинциденција на имиња и на импулси(вности)!
Мартина слуша музика од типот на „ра-та-та-та-тау“ и „па-па-па-па-пау“, која (претпоставувам влече корени или во најмала рака е инспирирана од „Футуристите“, пост-военото движење во Италија од почетокот на ХХ век) навистина постои и спaѓа под музичкиот жанр „Noise“…што не е многу далеку од нејзиниот личен „импусливен“ ритам; и нормално дека слуша хард-кор панк, инди-рок, електро и синт-поп (Synth-Пop)…и Kanye West! Сакав да додадам дека го слуша и новиот бран на рап артисти како A$AP Rocky, Kendrick Lamar и Action Bronson. Ја познава детално и нашата „алтернативна“ музичка сцена, „алтернативните“ места на излегување, настани и „фаци“… и со Мартина никогаш не станува збор за алтернативен провод, туку е секогаш спонтаниот провод што „и да го планираше, немаше да испадне толку добро!“ На пример, според (сосема соодветниот) опис на еден нејзин другар, кога игра на омилената песна во очите на набљудувачот таа се синтетизира во визуелна асоцијација од Курт Кобејн и Кортни Лав, споени во едно…и фасцинира!

Мартина има непресушна меморија. Може да те седне како дете и да ти раскаже сè за деведесетите, кога самата таа била „клинка“ со ширум отворени сетилни сензори, внурната во„ерата на списанија“, сега речиси во заборав…не велам дека денес таа помалку ги следи електронскиот печат и медиуми; напротив, информирана е за сè и сешто: настани од каков било тип, култура и музика; за модни дизајнери и тенденции, стил-икони, некогаш и денес. И „од прва“ и без грешка знае на која девојка и’ прилега кармин што ја содржи „мангета“ нијансата како база, на која пак карминот на портокалова основа!
За нејзиниот стил на облекување најчесто добива комплименти од машки, на многу наврати и во мое присуство! Не би ни можело да е поинаку кога е храбар, самоуверен, неочекуван, суптилно женствен (далеку од балерината) и „искулиран“ стил во прашање: по малку гранџ, по малку панк-рок, некогаш и по некој неон детаљ, често со тексас и „ретро“ принтови…колку импулсивно и да звучи, таа го доведува невозможниов опис погоре до безгрешна, рафинирана еклектика…колку и да звучат едноставно збор по збор, тешко е да ги ставиш во “flowing” комбинација! И ми требаше време да ја провалам, навистина! Не можеш „од прва“, со „голо“ око да ја дешифрираш или сфатиш…И верувам дека ќе сакате да видите уште од нејзиниот синтетизиран микс, повеќе и почесто…Еве една можност: „Go with the Flow“, меѓу другото е нејзинот он-лајн „измиксан моден-музички микро свет“, односно нејзиниот личен блог, со кој офоцијално таа е една од првите блогерки кај нас.
Ден денес дружиме…и воочив дека навистина е своеглава и импулсивна. Воочувам сè повеќе дека всушност е питома, дружељубива, искрена, со широко и магнетно срце…и би можел многу да Ви раскажувам за неа и за нашите „go with the flow“ дружби, потфати и проводи…затоа што нејзината енергија е таа и те понесува – едноставно си опуштен, „понесен од виорот“, симпатично импулсивен и неодоливо луд.

Spread the love
  • 1
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

One Comment

Leave a Reply