Значи, се наоѓате во Старата скопска чаршија. Сокакот на театарот за деца е тој што го барате. Во него, веднаш до „Бојадисувачот на јамболии” ќе забележите салон со напис „Кројач” и лепенка големи жолти ножици. Застанете тука. И онака е невозможно да го одминете излогов без да го забележите во него фустанот со принт од животински стапалки на здолништето. Тој фустан е креација на Катерина.
Нејзиното атеље се наоѓа на горниот спрат до кое, Ве водат ниски и тесни дрвени скалила (внимавајте на главата!) и пред Вас, туку што не се отворила спуштена бела таванска врата. Подобро замижете пред да влезете и, длабоко вдишете затоа што, бајковитата глетка што следува… It’s just HARD TO EXPLAIN!
Просторијата беше преполна со инспиративни и невообичаени уникатни палта, елеци, здолништа, чевли, шапки… И цееел еден ѕид прекриен со накит! Сево, изработено од кожа и текстил, и низа природни сирови материјали како мешунки, пердуви, волна и веројатно, материјали кои не би знаел, ниту како се нарекуваат, ниту пак, воопшто дека постојат! Кате ме дочека со сончева и безгрижна насмевка; иако, во жустри подготовки на само неколку дена од саемот на мода во Белград. Одвои квалитетно време за да сподели накратко што и’ претстои, и на што моментално работи… беше во придружба на нејзините најблиски – дружината која активно учествуваше во подготовките и која, на крајот спонтано одлучи да ме испрати ала’, “Салвадор Дали” фазон… :)
Иии, назад во реалноста: на половина пат од чаршијата накај дома, не’ пресретна најпоројниот дожд што можеше да плисне во моментот! Едвај стигнавме до меаната „Пирин Планина”, под чија стреа, со цела толпа странци наоколу, накиснати сите заедно како глувци, чекавме да стивне лутиот пролетен дожд!

П.с. Базирано на вистински настан (посета), пролетта 2012 година. Денес, „бајката“ има и втор „дел“! :) Атељето се’ уште се наоѓа на истата локација, но е проширено и распостелено низ целиот салон, вклучувајќи го и приземјето…
Мој совет, посетете го, што поскоро… па ќе ја дораскажете Вие!

Spread the love

Leave a Reply