Не е до човекот. До карактерот е. И до шапката.

Тоа е она совршено место каде можете да скриете:

Минато.

Тајна.

Зајак.

Како ви одговара…

Шапките ниту се од вчера, ниту пак се нешто што ќе го снема. Од апсолутно екстравагантни, до екстравагантно глупави, шапките можат стилски,  маестрално да разубават. Или тотално уништат. Знаете, мувата на капата…

Сеедно, знаете дека сакам приказни. А шапката е приказна која е самостојна од своето постоење. Доста ревносно се криела во периодите кога не ја сакале, за да безобразно ужива во миговите на слава. А такви има – уште од антиката. Потоа во скандинавската митологија. Преку италијанската ренесанса, до Кентакти дерби натпреварите и чичко Сем. Имало и „плачки”, како фамозното апсење на добриот John Hetherington за неговото носење „топ-хет” . Плашел луѓе, што не ви е јасно?! За ова, подолу во Вестите… :)
На почетокот, човештвото барало елементи кои ќе имаат практични импликации, за разлика од денешната чисто-естетска доминација во водењето на модната индустрија. Сепак, можеме да кажеме дека повторно живееме во ера на шапки. Налик 18 и почетокот на 20 век. Иако има многу историски етапи кога биле симбол за припадност, доминантност, економска стратификација – денес, шапките веројатно уживаат во најслободоумниот период од нивниот настанок, до денес.

Денес, шапката значи – шапка.

Освен во Англија. :)

Без да навлегуваме во типовите шапки/капи/шешири – ајде малце да си раскажуваме.

Веројатно најдостојните „шапкаџии” денес, сме ги виделе на филмско платно. Charlie Chaplin. Индијана Џонс. Оној пре-чуден Cat in the Hat со црвено-бел „цилиндар”. Лудакот во Алиса од земјата на чудата.  Freddy Krueger, бљак. Малиот „bowler” од 007: Goldfinger. Хари Потер и мудрата шапка што ги распределува децата по школите во Hogwards. Генијалното back-to-back капче на Шерлок.

Од оние што се бават со нотна култура, прв на удар е кадарот од воздух, каде Slash пред црквата на својот Les Paul го вози солото на November Rain. Или третото од Еstranged – во вода на платформа. Епик! И за неговиот top-hat, подолу во Вестите…

Од останатите, мораме да ги споменеме Flatwood Mac и генијалните Duke Ellington и Eryca Badu. Модните break-through изданија на Madonna. Marc Bolan. The Edge, и неговото зимско капче сред лето. Од децата –  James Bay. Од кантри екипата –  Blake Sheldon. Од зад скречерите – DeadMouse (ако го класифицираме ова како капа :) ). Нема да навлегуваме во хип хоп културата и нивната трансформација на потребата на бејсбол играчите од капа, во нивен заштитен територијален знак и интегритет. Комптон екипа, длабок поклон и извинување!

А, како септемвриски да не ве „раздуваме”, ако не се пар елегантни факти за шапките. Прочепкав, и најдов работи кои искрено ме изненадија. За крај, совет до два, зошто да им дадете шанса на шапките, во која форма и да соодветствува на Вашето лик и дело. Сепак, прво чујте ова:

1. Шапките можат да бидат кул. Во буквална смисла.
Мм?!

Епа, во екот на индустријализацијата, генијална дружина вградила фен во цилиндер шапка. Објаснување – „да Ви ги држи мислите ладни и на топло време”. Батеријата била подолга од онаа на мојов телефон, и се менувала за 15 центи (во денешни пари, под 4$). Во 30тите, оваа идеја била развиена со простор за складирање работи. ГЕНИЈАЛНО! Или само мене ми е…

2. Цилиндер значел навреда.

„Топ-хетовите”, или цилиндрите, презентирале снобизам или фалбаџиство. Ја, мајката. Ова е всушност приказната за John Hetherington. Опишан како 18то вековна англиска-аристократска „размажотина”, легендите го сметаат и за „пронаоѓач” на цилиндерот. Приказната која се раскажува низ книгите е дека, на неговото прво излегување со „топ-хет” од дома, бил уапсен под обвинение за „нарушување на редот и предизвикување бунт”. Пред порота, тој бил осуден со енормно висока парична казна. Според пишувањата, повеќе дами изгубиле свест од оваа невообичаена глетка, деца вриштеле, кучињата полуделе…

3. „Mad as a hatter” има друга позадина.

Познатата англиска „Mad as a hatter” , да ти немала врска со лудиот кројач од Алиса во земјата на чудата. Имено, изразот датира од 18 век, кога фабриките користеле хемикалии за премачкување на материјалите од кои ги изработувале шапките. Подоцна, работниците развивале симптоми на деменција, заради изложеноста на хемиите.

4. Шапките и магионичарите

Во 1814, францускиот магионичар Louis Comte е првиот кој го извел, за 19 век, ултра-модерниот трик на вадење зајак од шешир. Сега веќе old-school класика, ова е еден од последните историски зачувани трикови во магионичарските кругови, како симбол на едно (магично) време.

5. POTUS

„Топ хет-от” бил стандард кодекс за Американските претседатели (President Of The United States = POTUS). Длабоко во 20 век, Richard Nixon е последниот претседател кој на својата инаугурација носел шапка. Најпознат – Линколн, оф корс.

6. Шешир на „спрат”

Уште еден генијален производ на индустријализацијата е „gibus” – шешир крстен по својот иноватор, Antoine Gibus. Цаката – шеширот можел да се „спушти” и ”подигне”, во зависност од употребата. Познат и како „опера шешир”, бидејќи бил сосема коректен во однос на „сметањето на публиката зад вас.

7. „Кровот повисоко, молам!

”Уште една „маалска” легенда, која говори за авангардниот економист и светски парајлија J.P.Morgan и неговата нарачка на custom-made лимузина со повисок кров, за да може да влезе и излезе од возилото без да го извади својот цилиндар. Под тепихот, неговата (неавторизирана) биографија вели дека сето тоа имало цел – да ја сокрие својата разретчена коса.

8. На 15 јануари и 2 февруари…

…треба да се носат шапки. На првото, какви ви душа сака. На второто, „топ-хетови”. Елем, тоа се деновите на шапките.

9. Историјата ги направила… пониски.

Димензиите на стилските шапки варирале во минатото. Во почетоците, тие биле високи. Ама, многу високи. Во Викторијанската ера, највисокиот врв на шапка бил и до 7 инчи. Како се тркалале 20тите на 20ти век, висината паднала на 5 инчи, која денес важи и за стандардна „топ-хет” величина. По гетоизирањето на урбаната култура, денес е поверно да разговараме за капи, отколку шапки, кои во својата суштина се тесни, анатомски и лесно се навлекуваат, па овие димензии не соодветствуваат со модерниот тренд во „хет културата”.

10. Slash не го платил својот топ-хет.

 Модерна фото-меморија на авангарден рок фраер со стил ипол, е Slash. А најпознат додаток покрај неговиот Gibson, е неговиот „топ-хет” со метални, рачно-ковани, стилизирани монети. Интересно, пред неколку години првпат призна дека во почетоците на G’n’R, а согласно нивниот “run’n’gun” лајфстајл, првиот „топ-хет” го украл. Пред да го снимаат спотот за Sweet Child of Mine… Останатото, е музичка и стилска икона. :)

11. Линколн и неговиот бодигард.

Веќе го споменавме. Но, последниот тривиа факт е за обидот за негов атентат кој завршил неуспешно, благодарение на неговиот бодигард – шеширот! Имено, јавајќи близу Белата куќа, истрел ги поделил дрвата… кој завршил во неговиот „топ-хет” и го бутнал наземи. Неговата војска, кратко подоцна забележала дупка во шапката. Посветен на својот изглед, и во неговата последна вечер, „топ-хетот” бил до него, на земјата во високата ложа во театарот Форд…

Значи, причини да носите шапки – имате. Иако нашата култура не дозволува (а и не нуди повод) за носење шапки на културни настани, зошто да не? Екстравагантни, а формални шапки, се дел од моден протокол во голем број земји. А модната глобализација, се повеќе отвара врати за вметнување на естетски примеси од различни страни на светот. Јас нема да ви се смеам, ако ве видам со стилска капа, или „топ хет” на културна манифестација. А нема ниту другите. :)


Секојдневната гардероба, веќе почнува да го мејнстримизира носењето на капи. И јас многу си ги сакам, посебно „флет кеп-овите” на New Era кои ги имам еден тон. Но, летово ја открив и убавината на класичната шапка. Покрај стилски, ми отвори и некои затворени врати во мозокот… Ме потсети на Huckleberry Finn и неговата конфликтност со социјалните норми. А воедно, ме потсети дека, не секогаш треба да одлучуваш „тренирано”. Честопати, гласно срце е посигурен водич од погрешно-тренирана свест.

Како што мене срцето ме донесе до кожен шешир на 40 степени во август, така и вас нека ве однесе до тоа што го сакате.

Прво шапка, за да сте „кул”. После, се останато!

Бидејќи, знаете што…

Love is the magician that pulls people out of their own hat. :)

Spread the love
  • 1
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply