Наталија студира на Универзитетот за Ликовни Уметности во Утрехт, а претходно на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, оддел графика. Уметноста ѝ „лежела“ уште од малечка, па одлучила од хоби да прерасне во професија (И подобро! :) Ќе видите зошто од сликите подолу). Има неуморна волја за патување и искусување нови нешта, и тоа била една од причините зошто одлучила да студира во странство. Голем љубител на ретро дизајн и безвременска естетика.

Во која боја е твојата реалност? Што ти предизвикува таа боја?

• Дефинитивно во жолта боја. Жолтата за мене претставува сончеви зраци, топлина, цут и возвишеност и воедно ми е и омилена. Топлите тонови на жолтата боја ме потсеќаат на безгрижни мигови на пролет и читање на омилената книга на плажа. Ја поврзувам исто така со изгрејсонце и зајдисонце, тотална релаксација и спокој.

Кој дел од процесот на креативниот израз ти е омилен?

• Барајќи инспирација и препуштање целосно на мојата имагинација. Да се исклучиш целосно и да се посветиш стопроцентно на креативниот процес. Моментот кога добиваш идеја за што би било следното дело или кога конечно ќе решиш каков материјал/боја да користиш. Малите моменти на среќа кога делото ќе испадне токму како што си очекувал.

Што те поттикнува да се изразиш преку сликањето? Што сакаш да пренесеш како
порака?

• Со сликарството можеме да ги креираме своите соништа, реалности и мечти, и да ги претставиме во простор. Како форма на искажување, тоа ни дозволува да експериментираме со форми и колорит, и да оставиме личен белег на платно или хартија со медиум по избор. Мојата цел е да пронајдам начин преку кој може да се излезе од стандардниот формат на правоаголно платно и како би можело тоа да се претстави во простор. Сакам да излезам од рамките на традиционално
сликање и да вметнам нови елементи во изразување. Нешто кое ме следи во творењето е користење на сатира, бидејќи сметам дека во модерниот свет начинот на поттикнување промени и добивање внимание на пораката која што сакаш да ја пренесеш е секогаш зголемено со свесно користење на хуморот како наша алатка.

Што би изгасила од штекер, да престане да функционира на светов?
• Алчност и лаги. Луѓето би можеле конечно да ги претворат нивните соништа за утопија, во реалност.

Живееме ли во време на бизарни содржини кои те прават „глупав“? Кој е твојот став?
• Во светот постојат илјадници варијанти од секое едно. Човекот е филтерот на информациите кои тој/таа сака да ги прима и преработува. Кај некои луѓе филтерот е поголем од другите, и способноста да бира кои информации ги прима е поголема, а кај други помала. Сите нешта, дури и бизарни може да се перципираат на многу начини, што значи дека нивото на свесност е тоа што ги
филтрира и ги претставува како добри или лоши.

Опиши си го стилот накратко. Кое е најоткачено парче што го поседуваш? А
најдраго? Некоја интересна приказна поврзана за нив?
• Љубител сум на земјени тонови, но секогаш се наоѓа некое ‘металик’ или ‘неон’ парче во мојата гардероба. Имам парчиња кои со временска машина ме носат во 70тите или 80тите, но и парчиња кои ја отсликуваат мојата уметност во колорит и форми. Би рекла дека сум „моден камелеон“, и сакам да експериментирам со бои и принтови. Најоткачените парчиња што ги поседувам се чанта и чизми со кравји принт, а најдраго парче ми е црвен летен фустан со цветен принт, кој ме враќа назад во 50тите. Го носев на една забава каде што имаше када во средината на градината и околу неа акробати со оган. Long story short, јас и моите другарки ја имаме најоткачената фотка од мојот аналоген апарат, трите собрани во кадата насмеани до уши.

Што ти го крева духот? Наброј неколку работи што за тебе се инспиративни.
• Патување на место во кое што досега не сум била, добро кафе, музика на најјако додека уживаш во неделно попладне, добро вино и мезе даска, читање добра книга на (не толку полна) плажа, уживање во зајдисонце на покрив, журкање со пријателите, посета на галерија, наоѓање на ново хоби, купување нова плоча…

Дали сметаш дека стилот со време ти еволуирал, во кој правец? Кој/што сметаш
дека најмногу влијаел/о кон промените?
• Мојот стил дефинитивно доживеал голем пресврт. Секогаш сакав да испробам сè, и тоа резултираше со менување на мојот стил постојано, а тој процес сè уште не е завршен. Промените кои следат со растење и созревање беа дел и од мојот процес. Во минатото мојот стил го отсликуваше и мојот начин на живот, но подоцна научив дека тие нешта можат да се одделат. Потребата за психичка и физичка удобност која доаѓа подоцна го оформи мојот стил денес, и е водилка која сакам и понатаму да биде присутна во изборот на гардероба.

Сметаш ли дека начинот на облекување е уметнички израз? Во кој поглед?
• Дефинитивно! Како и многу дизајнери и уметници клучот е да се пронајде начин на уметноста да и се даде применета цел. Креативното изразување не запира кај применета уметност, туку се простира и во моден дизајн. Многу нови дизајнери творат и во областа на ликовната уметност, и со тоа модниот свет добива нов лик. Комбинацијата на сите сфери во уметноста добива хибриден вид кој ќе биде начинот на изразување на иднината.

Колку е личниот избор на гардероба/накит/чевли итн., начин на
самоизразување? Сметаш ли дека емитираме потсвесно некаква порака преку
сопствениот стил?
• Слободата на самоизразување е богат спектар на разлики. За мене тоа е сива зона. Има луѓе кои свесно донесуваат одлуки нивната гардероба да ги отсликува нивните пораки и желби, но други немаат јасна идеја за тоа како нивниот стил е гледан во очите на другите. За да бидеме свесни за тоа како нашиот стил не претставува како личност, треба да бидеме запознаени со начинот на саморефлексија и да си дадеме простор да сознаеме што токму ние сакаме да прикажеме.

Кои парчиња најдобро те отсликуваат тебе?
• ‘Bootcut’ фармерки со висок струк, ‘biker jacket’ и црна ‘loose fit’ кошула.

Можеш ли да направиш паралела на стилот на младите во градот во кој живееш
во Холандија со оној тука во Скопје?
• Младите во Утрехт и Скопје знаат подеднакво да покажат добар вкус во изразување на стил, но секако тука постои и бариера на други стандарди и западна/источна европска култура. Достапноста до многу повеќе брендови и можности за комбинирање им дозволува на нив да бидат на чекор пред нас, но тоа не значи дека ние остануваме назад, туку напротив, ние го користиме тоа што го имаме на располагање исто толку добро како и нив.

Која е твојата водилка, некое начело по кое се водиш?
• Напорната работа секогаш се исплати и не живеј во минатото кога иднината е пред тебе.

Што никогаш не губи мода?
• Црни панталони со висок струк, крем ‘loose fit’ кошула пропратени со црвен кармин и златен накит.

П.С. Голема благодарност до @ingedoetdingen и @anoukdekruijff за фантастичните фотографии. *

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply