Прв пат го забележав Сергеј едно зимо, сосем случајно додека стоеше на шанк на другиот крај од барот, пратејќи ја утакмицата што се емитуваше на ТВ. Прво што ми кажаа за него беше дека будно ги следи музичките настани во градов, „- и луд е по drum’n’bass! Добра “drum’n’bass журка? Сергеј има гарант „умешано прсти“, ништо чудно и да бил он зад грамофоните вечерта… башка што се носи „лудило“! Што и беше очигледно, специфичен и свој, се издвојуваше јасно и гласно меѓу присутните. По едвај месец дена ете го Сергеј, повторно случајно, петок навечер, на скалите во Менада. Со трегери на себе, сосема неочекуван машки аксесоар кој тогаш важеше за „научна фантастика“ во Скопје. Денес ги носат сите… доцнат!
Во нашите кругови, исто така е познат како DJ “Puk’kah”. „-Се работи за термин „оживеан“ од Џејми Оливер, сличен на „nicely done“, или „good job“… и е секогаш добар почеток за разговор со соговорникот!“ – Сергеј лично ми објасни.
Набрзо потоа се сретнавме на договорена средба, посета. Ми раскажа за тековните музички збиднувања. Зборуваше и за неговата музичка едукација уште од најрана возраст; „еволуцијата“ ми беше хронолошки претставена преку Хеви Метал и Рок, до Фанк и Соул од 70-те, Диско од 80-те, Хард кор и Хипхоп од 90-те… зборуваше за идоли и олд скул траки без кои ниедна добра забава не успева… за бесценетите зачувани плочи, постари и од него самиот и за музичката историја во неповрат…
Нормално, не се одалечи ни за минута од грамофонот! Чистиот звук и хармоничниот тек ни случајно не дозволи да се нарушат…
Уште еден негов „микс“ беше внимателната селекција на парчиња облека, која „звучеше“ вака: панк со „комбат“ тонови и „Ролинг стоунс“ (кравата); имаше и спортска „нота” – Ливерпул стејтмент маици! Новите црвени старки, по брза постапка „се стекнале со карактер“… И неговото омилено, во завиден квантитет и квалитет, приватна колекција од брендирани „Дизел“ парчиња кои, беше и повеќе од јасно дека, се неговиот „стилски“ знак за препознавање. Трегерите оној пат, беа само најава за целата негова „збирка“ во која Сергеј зачувал барем по едно парче „сведок“ за сите „етапи“ од неговиот стил. „-Што не значи дека денешнава „етапа“ е крајна.“, самиот се изјасни.
На крајот импровизирано „улета“ и Marvin Gaye во кадар, затекнат од неисцрпните муабети од негова бранша! :) Паднавме и на муабетот „двојници“, Сергеј дури и ми го покажа неговиот: псевдонимот му е DJ “Kahn” и го живее паралелниот живот во Бристол.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply