Ивана ја запознав кога таа го организираше настанот со изложба на фотографии инспирирани од фасади на објекти кои го дефинираат вистинскиот идентитет на старо Скопје, „Моја скопска приказна”. Одамна знаев дека архивата на препознатливи скопски ликови по целокупниот изглед и харизма, оние кои се обележје на нашево време, ќе биде непотполна без неа, поточно без нив двајца, како пар. Ја имав одамна забележано, низ градов. Неизбежно е да ви „падне во очи“, ова ќе ви го потврдат многумина. Кај неа плени и нејзината отвореност, топлина, насмевка. Се сеќавам и што носеше тој ден. Во склад со настанот, црна блуза, над неа елегантно сако со боја на кожа, панталони со цветен принт кои не би прилегале така добро на секој и нејзиниот главен печат – големи, впечатливи обетки кои даваат „тежина“ на целиот изглед.  Мајка ѝ ќе рече: „Кај ги наоѓаш парчињава Ивана, јас ова никогаш не би го ни погледнала, а види што убаво ти стои.” Да. Тоа е она вродено чувство за уникатен стил, да се склопи одредена комбинација, па кога е дополнето со убава енергија и професионална поткрепа, имате човек кој би сакале да ви е во блискиот круг на пријатели или едноставно да имате моменти кога ќе размените убави и содржајни муабети.

Таква беше и нашата втора средба, кога го запознав и Александар (попознат како Шекут), а се случи во нивниот дом во Дебар маало, едно утро во септември. Веднаш штом влегов се уверив дека и во него се отсликува нивната префинета естета. Иако двајцата велат дека не се многу слични карактери и на тој начин се надополнуваат, дознав дека и двајцата се носталгичари по старо Скопје, по сè она како што било порано, од мода, до музика, навики, начин на живот. Па затоа ѕидот од дневната соба им го красат разгледници со имињата на најпознатите скопски дуќани своевремено, нешто што им буди убави емоции. Меѓу другите на него се издвојува врамена и нивната уникатна и креативна покана за свадба „Кога Николовска стана Шекуткоска”, како сценарио од филм-романса со очигледен „And they lived happily ever after“ момент. Идејата била на Ивана, која како продуцент на филмови досега имала тет-а-тет средба со неколку холивудски филмски ѕвезди. Едноставно целиот простор е исполнет со внимателно избрани парчиња (тука Шекут има вмешано прсти како инжинер по дрвна индустрија) и е синоним за топлина. Тоа не е ни чудно бидејќи за нив семејната атмосфера е поттик за сè останато во животот.

Нашето сценарио за дента се ближеше до својот крај, но знаете што? Имав можност да ја запознаам и ѕвездата во нивниот дом, нивното преслатко синче, Дамјан, кој штотуку се беше расонил.

 

Spread the love
  • 267
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply