Во животот, нема многу места кои можеме да ги наречеме “дом”. Знаете, она место каде влегувате и се менувате, спиете мирно и сонувате. Може да е соба, куќа или “нива”, а чувството е исто – знаете дека таму припаѓате. Од таму доаѓате. И таму секогаш, ќе се враќате.

Затоа и го сакам Tomorrowland. Во време кога Хобсовата “Човек на човека е волк” е нашата трагична реалност, ова фестивалиште те прави да се чувствуваш како – овчичка :).

Да, овца. На полјана.

Со онолку интелигенција колку што е потребна да процесираш само една емоција – среќа. Ти си дел од стадото кое го води овчар со црвени слушалки на чело, на пулт со два “трнтејбл-а”. Нема тука грижи. Проблеми. Кога затвораш очи на фестивалот, тоа не е зашто ти е тежок животот или имаш кило плус на планината грижи на плеките. Затвораш очи, бидејќи мислиш дека сонуваш. И секое нивно отворање е предизвик – дали трае.

Да, сонот трае. Четири дена.

Драги мои,

Во фаза на “PTD” (Post Tomorrowland Depression) кенгурски ќе скокам низ впечатоците на македонската експедиција. Ќе зачиниме со интересни факти и пикантерии. Ќе „печеме на тивко“, со препораки зошто и Вам и на Скопје му требаат вакви настани, иако можеби не сте “фестивалски типови”.

За оние кои не се доволно запознаени, во неколку збора – Tomorrowland е најголемиот (по број на посетители), најразновидниот (по број на артисти), најнапредниот (од организациски и технички аспект) “EDM” (“Electronic Dance Music”)  жур во светот. Секако, има низа фестивали со кои се „тепа“ за овој примат, но ова е бренд кој 12 години се развива – од приватна журка за 300 луѓе, до 300.000 луѓе, за годинава, според неофицијални бројки, ја надмине бројката на 500.000 посетители во трите дена. Додека не ја “тестирам” Coachella догодина, за вашиот ветерко, ова ќе е најголемата светска денс собиранка.

 

Пред да продолжите, би било фино да го читнете блогот за ланското патешествие. Клик ТУКА !

Морам да признаам дека поинаку го доживеав овогодинешниот TML. Со ланскиот partner-in-crime, блесавиот “десно-па-лево” навигатор Оли, веќе во категорија ветерани, оваа година со нас го собравме и Вучка, како солидно засилување на напаѓачката формација. Гледајќи го од страна како ја губи тумороулендовската невиност, се видов како всушност јас сум изгледал лани. Нејсе, да се фатиме за работа…

 

Скопје беше одлично претставено, без секирации. Четврточки, фестивалот има pre-party во Dreamville (за оние кои не знаат – Dreamville е кампот кој годинава прими повеќе од 150.000 луѓе. Истиот е 20тина минути оддалечен од Tomorrowland). Како и секоја година – прајм тајмот е изненадување – двајца dj-и кои нема шанса да се дознаат претходно. Се кладевме дека ќе се домаќините Dimitry Vegas & Like Mike, ама  – ги добивме Afrojack и Tiesto.
Партали. Afrojack си ја имаше донесено и денс групата, која изведуваше точка закачена на огромен обрач, кој пак висеше 30тина метри над нашите глави, закачен на кран.

На кран… НА КРАН!

Да ја тргнеме фрустрацијата од нашата неспособност да замислиме, камоли реализираме и ваква “едноставна” презентација на сцена, вреди да се напомене дека двајцата “искинаа”. Овогодишниот новитет, сите dj-и да ги “работат” своите сетови во живо, наместо стискање плеј и фурање публика на микрофон, си го направи своето. Големи музичари знаат динамички супериорно да ја изградат атмосферата на својот настап и да си играат со емоциите на публиката. Tiesto е стар волк и иако избега во deep house, ја имаше работата под контрола. Ме изненади Afrojack. Излезе дека сум бил во тешка заблуда кога сум се смеел дека е  “монтиран” студиски автор. Момакот е EDM љубавџија со прогресивен ум, кој горе доле може да го ставиме малку под Shultz и Dead Mouse. Нејсе повторно, добар старт. За крај на првиот ден, случка за “офци” муабетот од пред… Во момент кога го “дигнавме” Вучка на рамена да ја осети енергијата како е да се стои над сите, еден од редарите кој го памтиме од лани (fun fact: тимот од 30тина илјади луѓе кои работат на фестивалот, не се менува и е ист 5 години.), љубезно го спушти долу (од безбедносни причини да не го фрлиме на глава, пустиот), ни го зеде телефонот, отиде пред самиот стејџ и направи 1:30 минутна снимка од Afrojack, со денсање и селфи на крај. Е, сега разбирате колку сме назад, така?

Петок е првиот ден од лудилото. Резервиран за “first see” на Tomorrowland и новитетите кои ги смислиле, сите во 12:00 маваат трчанка натаму. И сите на мејнстејџ. А мејнстејџот…

Ах, другар(к)и…

Годинешниот Tomorrowland го носеше името “The elixir of life”. Потрагата по животниот еликсир, беше долга и исцрпна. Знаете, за таква божја напивка, и треба да се намачите. Иако би го критикувал финалниот reveal на тоа што всушност животниот еликсир навистина е (го “замачкаа”, доста несмасно. Излезе дека е за секој она, што тој сака да е. Малце слопи копирајтинг, ама се проштева.), целата атмосфера беше дизајнирана во насока, потрагата по високо-ценетиот еликсир да се одвива низ тајните шуми, каде животните го чуваат редот, а билките ја одржуват хармонијата. Логично, главната сцена беше една огромна 3D шума. Најголемата бина направена за фестивал евр во светот, беше толку…толку…Немам таков збор  во вокабуларот. Само ќе ви кажам дека кога првпат ја видов – седнав на тревата и се фатив за глава.

 

Вториот голем новитет, беше првиот “жив” стејџ во светот. Господарот на шумата, неговото височество Змејот, беше дел во вода, дел на копно. Зошто “жив”? Бидејќи 30 луѓе работеа на негово движење. Му мрдаше опашот во езерото. Главата. Отвораше/затвораше очи. Уста. Мрдаше раце. Врат. Направен од  машинериите за специјални ефекти во Холивуд –  филмска сцена без SGI. Сум видел сè, освен Били Гибонс без брада и холивудска играчка од 100 метри квадратни што мрда, се смее, лути и игра…

Музички, петокот беше добар. Веројатно заситен од тоа да го викаат комерцијален, сетот на Guetta ја однесе музичката инспирација на главната сцена во heavy trance, момент кој го следеа и Buuren, Tiesto и Alesso. После 7 саата на мејн, немаше време за останатите 16 стејџа.

“Ај утре…”

Опортунитетен трошок на вечерта: Dimitri Vangelis, R3hab, Galantis, W&W, Dead Mouse & Eric Prydz на Opera Stage; Dj Diesel aka Shaq со Afrojack како гостин на Sweet Mealts Stage…

 

Сабота дојде и оп – дилема. Тоа беше еден од моментите кога посакувам некој лик како Елон Маск да се фати и беспоштедно се нурне во истражувањата за телепортирањето. Како, побогу, да стигнеш во исто време на Lost Frequencies и Shultz на Opera Stage, и на 20тина минути оддалечениот Main Stage каде не смееш да ги утнеш Nicky Romero и резидентите Dimitry Vegas & Like Mike. Axwell & Ingrosso секако ги фаќавме, ама другиве… Тешка одлука. Со трчање до Opera го фативме Shultz – првпат го слушав, и знам дека на соло настап би му одел одма. Начинот на кој ова типче ја разбира музиката е различен. Создавајќи музика од звуци место ноти, Robin влегува во одбрано друштво каде од Dj-ите кои се дел од музичкиот трендсет, би ги вброил уште Skrillex и Diplo (потенцирам, не зборуваме за стилови, туку за трендсетери кои ја создаваат музиката која го обликува комерцијалниот тренд. Со други зборови, луѓето кои генерираат најмногу пари.). Остатокот од вечерта, помина супер. Со мали физички повреди, македонската експедиција беше стамено позиционирана во првата пешадиска бригада.

Со знаме, со сФе. Дури и во Tomorrowland Today не имаше . :)

 

Опортунитетен трошок на вечерта: Chainsmokers, Yves V, , Wolfpack, Lost Frequencies, пола сет на Shultz…

Недела као недела, досадна…Аха, како не. Големо финале и завршување на вожњата. Со оглед на енергетското празнење, свесно го промашивме “caking-от” на Aoki. Но затоа, Steve Angello си беше достоен кичмо-кршач и направи журкиште. После таков сет, тешко е да се качиш на стејџ… освен ако не си Martin Garrix. Гледајте, настрана комерцијалната моќ, детево има вештини. Класична скандинавска техника, со добри дропови и многу, многу негова необјавена музика. Пред крајот на сетот, направи world premiere на нова трака со Bebe Rexha. А вашиот ветерничар, во депресија – до кај стигаат артистите од соседството. Не дека е топ5 хит, ама кога ќе видам македонско чупе после име на светски познат музичар, ќе имаме право на коментар. Нејсе по илјадити пат, како и секоја година фестивалот го затворија Dimitry Vegas & Like Mike, овојпат со 20-минутен live vinyl set.

 

11:55 – Бината се затвора.

11:58 – Еликсирот на животот е откриен.

11:59 – Крај.

Знаете, јас сум среќен човек. Со три “доми”. Една северно, друга таму јужно, и уште една, во Бум, Белгија. Мој, и дом на уште половина милион луѓе. Луѓето од иднината повторно се обединија, а јас сè уште правам “пиши/бриши” кога треба да ви објаснам што е тоа што ме ежи секојпат кога ќе помислам на одреден детал, песна или доживеана емоција. Некои работи имаат логично објаснување; други рационален след; трети емотивно не дразнат.

Јас Tomorrowland го објаснувам со – тишина.

Молчење. Ќутење.

Молчам. Ќутам. Молчам. Ќутам. И тоа на рипит, барем два дена…

…бидејќи не вреди да објаснуваш дека се три чекори напред и секоја година ги коригираат пропустите од претходната. Дека се манијакално професионални и следејќи ги своите етички принципи, апла ја одработуваат картата што ја плаќаш. А кога човек во својата работна задача има наредба да биде среќен, треба ли уште да разговараме?!

Tmrlnd 6-3

Сосема друга приказна е нетворкингот. Верувајте, сработивме повеќе дипломатија од министАрство. Несвесно, малата држава си носи и одреден комплекс на инфериорност, кој се губи само со патувања. Аутсајдери на планетава, нема. А најдобар начин човек да се увери, е да биде опкружен со сите можни народи, нации, раси, религии – на едно место. Кога ќе видиш дека место да му “умре козата на комшијата” е многу поделотворно да поклониш осмех и пиво за доручек, мајндсетот се менува. Растеш и се менуваш.

Го отвораш умот.

А само отворен ум може да множи со плус.

Затоа пријател(к)и, топло ви препорачувам по еден Tomorrowland годишно. Или нешто друго, од тој калибар. Нека е ликовна колонија. Нека е патување низ Европа. Сеедно. Вашата сива ветерница што ја носите на рамената, има потреба од чист, планински воздух кој силно ќе “раздува” и ќе создаде нови резерви струја. А верувајте ми, струја создадена од среќа, може да прегори и кабел, и сијалица. Само со таква енергија, човек на човека, конечно ќе му стане – човек.

Пар денови после одбележувањето на ужасниот земјотрес, најбезобразно на Скопје ќе му посакам нов. Секако, овој да биде од среќата што сите ние, во него ќе ја вратиме. Храброста која, сите ние во него ќе ја внесеме. Земјотрес од љубовта која сите ние ќе си/му ја, подариме.

Бум го има Tomorrowland. А Скопје – сите нас. Луѓе кои можеме да го направиме град на иднината.

Spread the love
  • 9
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply