Доцнам и денес од „х“ причини. Иако тие ме отпоздравија од самиот почеток, ја добив нивната поддршка и беа меѓу првите, ќе речам дека се мојот „буквар“. Ќе ви раскажам: беше ден на пролетта но беше сè уште ладно‎, ги запознав на 22.03.2012 година, во четврток. Сакав, всушност инсистирав и едвај чекав да ги сретнам повторно, да знам повеќе за нив. Така, втората официјална „интеракција“ беше на 14.07.‎2013. Од првата средба до денес беше 3 пати пролет, 3 пати лето, 3 пати есен и 2 пати зима, всушност многу нешта се сменија… многу од облеката и од накитот овде не постои односно исчезна под необјасниви околности а дел заврши кај Буби… Ивана смени неколку фризури, ги изгуби и омилените очила, имаше неколку селидби, пресврти. Ана го „гризна“ „Големото јаболко“ пролетта 2012 година, таму беше на концерт во гето на Ерика Баду (всушност, на многу омилени артисти но не по гета), имаше уште неколку тетоважи во меѓувреме, и за скоро ќе дипломира. И „Суперфлај“ ќе се отвори повторно кај и да е… ‏

Едно нешто останува: тие. Нивните „фигури“, нивниот стил, нивното место во градов. Покрај климатските промени, збиднувањата, журките и форите, зборуваме за автентични ликови, и несомнено нивната приказна е „класика“ Скопје се носи. Ана сè уште е „The Ана Мало“, со музички афинитети поизострени од кога и да е, и грамофони кои се меѓу топ 10 во моментов, не само во градов и да, сè уште скејта. Ивана? – Да ја начекате денес во град е како да сте нашле детелинка со четири листа, радувајте се затоа што таа е  „мајка на хипстерите“, ќе остане и ќе биде неповторлива „Хипстер“ Мама.

Во име на духот на „тоа“ време, спомените и автентичноста, задржани се оригиналните реплики и муабети кои датираат половина година пост-патешествијата на Ана во Њујорк (за временскиве параметри не би можел со прецизност да гарантирам). Во продолжение пак следува оригиналната творба за нив што датира непосредно по нашата прва „средба“, односно пролетта, преклани, пред точно 981 ден, пресметано по европско време, уназад од денешен датум.

 

******

15.04.2012, Скопје

Нека има куп девојки исподотерани и на високи потпетици во видокруг, џабе – очиве ми запираат на Ивана! И да, веќе несвесно, првото штом стигнам во Суперфлај е врткање наоколу за да ја лоцирам неа и да уживам аналитички во нејзиниот „стилски склоп на денот“… не сум единствениот. Мислам дека неофицијално скопјани веќе одамна и’ го имаат доделено признанието „современа урбана икона“… Дефинитивно нејзиниот стил е „со карактер“! Тој ти се обраќа наместо неа и ти муабети низ најразноразни неми изрази.

Со свои очи ги имам видено и запомнато обетките на Ивана „од секоја област и облик“: стаклени (Пепелашка?!) штикли, патенти, клучеви, пердуви, апстрактни „уметнички дела“ и геометриски фигури, портрети… шаренила на прстите, лакови и прстени какви сè не и најпосле, нејзината облека: неповторлив винтиџ што безгрешно знае да го усклади а потоа да го „живне“ со на пример, хеланки со превртени крстови или шушкавец со големи црвени срциња. И во таа композиција, во секоја нејзина, парчињата ќе си ја задржат, или подобро, истакнат уникатноста уште повеќе… Не можеш да не ја набљудуваш! Како ли и’ успева?!

Ана пак знае подобро и од мене и од тебе… Иако е „Мало“ не е „од вчера“. Со години е присутна на оваа „сцена“, буквално порасна пред наши очи… всушност, не е ни мало повеќе! Нејзиниот стил и вкус за музика не се спорни… и повеќе од тоа, се работи за навистина сериозно рафинирана музичка ориентација! Нема (ден потоа) другар ми да не каже, „Каква журка направи вчера Ана-Мало во Папаја, немаш појма!“ И признајте, имаше период кога Ви фалеа нејзините „грамофони“… Знаете, настана извесна „трампа на овошките“. Поточно, „Папаја“ со „Јаболко“, и тоа „Големо“! Збари добра зделка Ана… – Да појаснам, Њујорк не е повеќе нејзин сон туку е остварена реалност која лани потраја половина година!

Ниту пак неа ќе ја промашите… и тетоважите што „ѕиркаат“ од секаде по малку, и нејзината беспрекорна долга, природна руса коса што ти доаѓа да ја пипнеш секој пат кога ќе ја сретнеш! И навидум само навидум изгледа лежерно, всушност секогаш „микса“ стејтмент принтови со „бесна“ скејт патика! И тој мал детаљ: Вози скејтборд… Нека има куп „фраери“ на скејт, џабе!

Очиве не би ми сопреле на девојката што скејта!

„Киснат“ низ град заедно и двете ја имаат истата ѕвезда на дланките… – Сестри сеее?!! – „Доброутро!“

                                                                                                                                                                                                                                                 Скопје се носи

Spread the love
  • 1
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply