Се чувствувам моќна додека мечтаам и сонувам. Самата помисла за иднината и за сето она што сум способна, за сето она што би можела да го постигнам, да го пробам, да го освојам, ми предизвикува ежење. Ежење од она возбудливото, со мала доза на адреналин. Патот кон соништата е всушност волшебно и возбудливо патешествие, без разлика колку е невидлива или пак недостижна крајната дестинација, сè додека таа постои.

Верувам, да, можеш да бидеш успешен и да се чувствуваш моќно во она што го правиш и во 20тите, па и ценет како оние во пикот на кариерата.

И не, не зборувам за млади милионери, туку за нас „обичните“, но ретките. Всушност, необичните, кои храбро и со крената глава чекориме на патот кон „работа од соништата”.

Како некој што се пронаоѓа во погореспоменатата, неконвенционална група, ви го споделувам мојот избор на топ три „not so secret golden tips“ за да си го трасирате патот до успехот и задоволството.  Почнуваме!

  1. HAVING A PLAN, HALF OF THE WORK IS DONE

Ти треба само план, a не моментална акција или драстична промена.

Со години си размислував што би сакала да бидам, со што би сакала да се бавам, никогаш не бев сигурна. Многу долго време ми требаше да ја осознаам почетната станица, да притиснам старт, но никогаш не бев дете без план. Планирав, се двоумев, ми се рушеа сонови, не успевав, некогаш успевав, се плашев од непознатото, се прашував дали сум го направила вистинскиот избор, но пак ќе кажам, никогаш ама баш никогаш не бев без план.

Не сум сретнала човек што не ужива во патувања, но сум сретнала многу луѓе што брзаат да стигнат некаде, разочарувајки се ако тоа не е доволно брзо.

Иако се уште не сум сигурна за крајната дестинација, премногу уживам во возењето, бестрашно.

Сè додека попатно кроиме, дестинација по дестинација, грабајќи се за активности, пракси, волонтирања, недоволно платени работи, важно е дека движиме.

Да, имаме премногу прашања, од типот, каде одиме?А уште колку има? Кога ке стигнеме што ќе правиме?… Контрадикторно, се плашиме од монотонија, а истовремено нè плаши и неизвесноста, а таа е толку возбудлива… Зошто би се плашеле од неа?

  1. BE A SELF-MADE MAN

Да тргнете сами на пат, се чини како едно од најстрашните нешта што човек може да ги искуси. За некого тоа е несфатливо, нејасно и непотребно.

Но, што ако токму тоа искуство е „отскочната даска”за која се пишува во книги и филмови?

Јас одлучив едно лето да поминам сама. Воздигнувајки се професионално и духовно далеку од дома, во една голема и интернационална метропола во која лесно можеш да се изгубиш себеси  Барселона. Таа одлука ми беше најдоброто нешто што сум го направила во мојот досегашен живот! Сите пофалби, успеси, настани, музеи, журки, пријателства, немаше да бидат толку слатки доколку не го направев тоа – сама. Горда сум зашто успеав.

Чувството да создадеш нешто самостојно, самоиницијативно и самоодговорно е непроценливо и неопходно за секој.

Чувството на гордост и задоволство не може да се измери, ниту одблиску да се спореди со чувството на гордост што би ја чувствувале родителите. На крај на денот ти си тој што ќе биде задоволен со себе и својот живот.

Ти си главната личност во ТВОЈАТА книга, ти си протагонистот, а сите останати кои слушаат, тие се поддршка за целото патување да биде уште послатко. Но, ни оддалеку не се нараторот во ТВОЈАТА приказна.

Ајде сами да си ги бираме животните приказни, без никаква обврска кон никого и ништо.

Партнер, кариера… и двата аспекти се со нас во текот на целиот живот и би требало да нè исполнуваат и надградуваат во истиот.

Никогаш не би дозволила некој да ми се меша во избор на дечко, зошто би го дозволила истото при изборот на кариера?

  1. SHOULD I STAY (home) OR SHOULD I GO?

GO!

Искуства=моќ. Грабај што повеќе искуства. Какви било, тажни, среќни, љубовни… секое е премногу моќно и уникатно за да не биде искусено барем еднаш.

Не успеав, не ме одбраа, имаше подобар од мене, се многу подобра верзија од –  не знам дали ќе успеев, не знам дали би ме одбрале, можеби имаше а можеби и не, некој подобар од мене. И што ако не успеам, и што ако не ме одберат, што ако има некој подобар од мене? Воопшто не е интересно без конкуренција.  😊

Гушни ги шансите, прифати ги поканите, организирај ги дружбите, аплицирај на работа без двоумење дали имаш доволно искуство зад себе. Колку се тие поразновидни, толку е поголема веројатноста да произлезе нешто вредно за паметење и споделување.

Да не излезев од дома една летна приквечерина, и да дозволев да ме надвјаса нерасположението, можеби никогаш немаше да ја запознаам Ана. Можеби никогаш немаше да имам шанса да искусам што сè не, со неа и со „Скопје се носи“. Можеби никогаш немаше да го прочитате ова.

И да, секогаш има утре, што и да се случи. Сонцето пак ќе изгрее. Нов ден за нова приказна. Ново искуство. Но, што ќе ни е сонце ако решиме да останеме дома?

Бонус тип

Никогаш не е доцна, има и Forbes 50 under 50 😊

Спремете се за уникатна инспирација, ќе следуваат фантастични интервјуа на луѓе на патот кон успехот, со корисни совети.

Автор: Александра Манолчева

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply