„Од кога паметам за себе сакам да бидам адвокат. Ми лежи на карактерот, мојата борбеност и осветеност. Ми годи, многу зборам и сакам да парничам. Обожавам да парничам, кога сум спремен, кога ги „кинам“ на суд! Звучи фалбаџиски ама така е!
Лажна скромност инаку е гадна особина, да знаете.“

Кога ги направив? - Пред едно девет години, на мои дваесет и една-две. Планирав година-две да ги носам ама си ги заносив и скоро 3 години како се канам да ги шишам, никако да ги ишишам. Еве и годинава ќе ја рипнам, ќе ги шишам наредната бидејќи веќе се распаѓаат, многу се искинати. „Коска“ ми ги прави инаку. Уште прв пат кога ми ги правеше ми рече „ќе видиш, ќе си ги засакаш“. Го знаат луѓево Коска... другите се фолиранти. :) Стегачов го носам кога скијам и кога бордам.

Парче облека кое е “ти”?! - Шаховскиве панталони. Не само што премногу ми се допаѓаат и уникатни се. Можеби се 7-8 години стари и се приметува, излитени се, но сè уште си ги носам со огромно задоволство. Ми ги направи Зоки „Аcid Wear“. Ми го покажа прво материјалот и ме праша: „Имаш храброст да ги носиш?!“ Владе „Пистолеро“ не ми ги враќаше 2 години по ред. Ги носеше по настапи и на еден спот. И на 1-ви април! :) Омилени ми се.

Стереотипно сум верувал дека ќе имам проблем кога почнував како приправник. Всушност, никој не ми направи проблем. Ок, можеби ме подгледнувале понекогаш „криво“ ама никој не ми пререкол. Еднаш само една судика ме фаќаше за суканиците и ме прашуваше дали е моја коса. :) Ама да ми направат проблем, не. Три години бев приправник, две адвокат и луѓево ме знаат. Ме знаат и со пирсовите.

Не би можел да се замислам да седам цел ден зад биро. Сакам енергичност. Живчан сум и импулсивен. Секој работен ден ми е различен, предметите се различни. Кривично да земеш да работиш има 500 кривични дела, граѓанско да земеш да работиш има 500 различни случаи. Ниту еден ден не ми е како претходниот. Имаш обврски и надвор од канцеларија, одиш на судење итн., и брзо ти поминува денот.

Како деца, немавме пари. Пропаднаа комунистичките задруги каде што работеше мајка ми, живеевме долг период само со платата на татко ми. Носев облека од братучеди, немало срам, мајка ми шиела дома...Сме немале. И не си посреќен со пари... можда само боље ќе се облечеш. :) Што не мора и тоа да е така.

Порано имав осум пирсови. Почнав како дете со 2 пирса, па 5 па на крај 8. Можеби ми беа толку интересни и дека дома моите полудуваа поради нив! Тој детски момент... На веѓа, на нос, на јазик...и на гради. Имав еден и на врат, тој ми беше омилен ама им сметаше на суканиците па морав да го извадам. Откако ќе се ишишам, пак ќе си ставам пирс на вратот.

Кондуриве ми ги донесоа моите од Белград. Кај нас ретко се наоѓаат големи броеви. Обувки во глобала ми носат моите од странство бидејки со бројчиња тука...едвај се наоѓаат. Имам и еден пар од Гуливер. - Жива срамота! Мн скапи ги продава, кола ќе си купиш со тие пари. Од глава до пети ке се облечеш!

Која е генералната перцепција за адвокат? – Да е кратко шишан и избричен. Многумина мислат дека облеката го прави адвокатот што е заблуда. Умот го прави адвокатот. Никој не треба да се менува себеси премногу поради професијата, јас барем така размислувам. Не треба никој криво да ме гледа, судии или вработени во суд. „Уфирцани“ адвокати има еден тон. Има многу преваранти меѓу нив. Знаеш зошто дијамантите се скапи? - Зашто се ретки и уникатни. Бижутеријата е евтина бидејќи многу ја има. - Ова звучеше многу препотентно. :)

Има многу стереотипни сфаќања за адвокатите. Има преваранти, не дека нема, ама далеку од тоа дека се сите такви. Пак е до човекот. Никој нема да каже за себе дека е нечесен ама еве, јас ќе ти кажам дека кај нас во канцеларија никој не бил излажан. Знаеш колку странки ми избегале за кривично затоа што не сум сакал да ги лажам?!! Доаѓа и чека брда и долини, дека јас магии ќе направам. Му кажувам што може максимум да се изведе.

Си ја сакам професијата бидејќи е племенита (со ова очекувам многумина да не се согласат) и дава гаранција за заштита на вашите права пред суд или управните органи. Предизвик ми е да победувам на суд, но и секој пораз не е мака, особено ако од него научам нешто. И денес е стварно привилегија да го работиш тоа што го сакаш. Екстремно ретко носам вратоврски.

Лошата страна од работата е што многу е стресна, ултра стресна. Ти ѕвонат во ниедно време, нервози,во сабота во 11h додека ѓезмиш со другари... Сум глумел и 3 месеци брачен советник. Судница не е место за емоции, тоа го имам сфатено. Сакам тешки предмети, единствено не би бранел за педофилија и чедоморство.

Сметам дека дрога е голем бизнис и дека намерно се држи илегално. И сметам дека ќе има многу позитивни ефекти ако се легализираат наркотиците. Истражувањата статистички ми укажаа дека секаде каде што се декриминализирани,стапката на користењето наркотици е во опаѓање, особено меѓу младата популација. „Забрането јаболко“ синдром. Конкретно на темата никој немал спремано магистерски труд пред мене. Моја беше идејата, предизвик ми беше и сакав темата да е моја, оригинална.

Внимавам на бои... matching. Виолетова ми е една од омилените бои. Поима немам зошто. Розева не можам да поднесам. Едноставно не ми се допаѓа, аверзија имам кон розево... не знам. Ова ми е омилената маица. Не е апликација, како цртана е и не држи топло. Во Солун има еден огромен, многу добар Скејт шоп – Underworld - од таму си ја земав.

Веројатно најмногу трошам на кошули... и сакоа имам доста. Абе сè ми е „слаба точка“. Порано трошев многу повеќе на облека, сега не ми е тоа приоритет. И скржав сум. Многу сум скржав за облека! Имам многу стара облека ама не ја давам, друго сè ќе ти дадам! Ја чувам со намера да ја носам и никад не ја носам. Излага влашкото од мене. :)

Одам на рап и нормално, кафана. Идеме на Bob Marley Day редовно во парк и тоа поголема екипа, зборувам за 30 луѓе. Мн ретко диско, еднаш во 6 месеци ако однапред се договориме да се оди. Како мал киснев по хардкор-панк свирки и по транс журки. По парк, по концерти, на Школка сме се пијанчеле. Сега ми се случува да шетам со жена ми и со ќерка ми во парк и да видам друштво деца собрани, пијат... и ќе ги подзагледам, интересни ми се.

Многу луѓе сакаат да му киднат на Скопје. Не ми е загрозена егзистенцијата и не размислувам во тој правец што не значи дека ги кудам тие луѓе напротив, ги охрабрувам ако така наумиле... 400.000 луѓе се имаат иселено од 90-те навака а тоа е 20% од државава. На мои 17 години воведоа полициски час, се укина излагањето до ниедно време откако се случи убиството на детето на плоштад од глупост, од обична закачка. До тогаш, ви кажувам најодговорно, на транс забави во МКЦ сме останувале до 9ч сабајле, траело додека имало луѓе и желба. Другар што живееше во Швајцарија ми кажуваше дека според нивни статистики најдобро место на Балканот за излагање било баш Скопје.