Андреј е само уште еден скопјанец кој во себе крие неизмерна љубов кон градот кој највеќе го инспирира! Формално – неформално: сум студент (сега за трета година) на Институтот за философија при Философскиот факултет при УКИМ во Скопје, еден сум од основачите на неформалното здружение за креативно и културно изразување @kultura_beta (Култура β) каде работам на рубриките за поезија, философија и интервјуа, а од годинава сум дел и од тимот на @philosophical_film_festival (Филозофски филмски фестивал) во улога на проектен асистент. Во слободно време сум, иако не сакам така да се именувам, поет односно уште само еден човек кој ги поставува своите чувства и инспирации низ стихови, се занимавам и со глума, режија, пишувам и проза и куси драмски текстови, премногу се интересирам за општествени и социо-политички теми – но сето тоа спонтано и слободно. Накратко, себеси се дефинирам како креативец и тоа е можеби најважната себе-определба која редовно си ја припишувам.

Накратко опиши го твојот стил.

Тоа што го кажувам за себе, би си го кажал и за сопствениот стил на носење – креативен. Барем така самиот го доживувам. Немам некој конзистентен стил, многу сакам да менувам и да испробувам нови нешта во себе-носењето. Важно ми е да не сум досаден во стилот. И кога велам да не сум досаден мислам да не сум си досаден на себеси во сопствениот стил.

Но, ако треба да дефинирам нешто што секогаш е дел од мојот стил (и за секогаш ќе биде) се секогаш мартинс – и тоа ниски во зима, високи во лето и сееекогаш нешто широко на мене одозгора, без разлика дали зборуваме за летна кошула, џемпер долг до колена или капут во боја. Тоа се најкарактеристичните мои нешта.

Дали некое парче облека има особена емотивна вредност за тебе, особено да ти е драго и зошто?

Конкретно парче не би можел да издвојам. Најчесто облеката ми станува важна кога е поврзана со некој, мене многу драг, настан или со некој човек. Секое парче облека си го сакам на различен начин и на уште поразличен начин ми значи. И тука мислам и на кошулата од сликите која ја носев на мојата прва промоција, и на сите 4830204 црни маички во кои едноставно се осеќам свој и на портокаловиот капут кој ми ја подига самодовербата и прави да се чувствува моќно со самиот себе. Сè ми значи и секое парче е важно. Да не било така – не би ми биле на закачалка.

Дали сметаш дека стилот со време ти еволуирал, во кој правец? Кој/Што сметаш дека најмногу влијаел/о и придонел/о кон промените?

Да, апсолутно. Стилот треба, а можеби и мора да еволуира. И не само за мене со еволуцијата на мојот личен стил, туку кога велам „мора да еволуира“ мислам и на општите, светски трендови на носење. Сите тие носат одредено бреме на времето во кое постоеле или постојат и едноставно со промената на општествените состојби, па и со промената на некакви општествени или човекови вредности, еволуира и стилот како важна алка од еден синџир на дејства во општеството.

Но, кога зборувам за мене – да, сакам да ми еволуира стилот и го дозволувам тоа да се случува. Секоја „еволуција“ на мојот личен стил до сега ја гледам како подобрување, па и како себе-подобрување. Знам и да си се навратам на некоја комбинација што сум ја носел и да си речам: „боже Андреј….што ти било…?“, но го гледам тоа како здраво случување. Од таквите навраќања учам како да си го подобрувам личниот стил бидејќи, на крајот од краиштата, стилот е едно од нештата кои ме определуваат како таков.

За еволуција на стилот ми влијаат многу нешта: од моментални чувствувања, емоции, умствени состојби, до некое случајно опседнување со одредена боја, некоја песна, бенд или музика, па сè до добивање инспирација од стил на некоја личност. Сè влијае – како што овие нешта ми влијаат на пишувањето поезија, ми влијаат и на личното носење – неминовен е нивниот спој.

Стил-икона, и зошто токму тој/таа? (Можеби некој лик од некој филм, глумци, татко ти, дедо ти итн..)

Искрено, многу мислев и сфатив дека немам конкретна личност која би ја посочил. Стил икона ми е секој во животот за кој сум рекол: „леле колку добар аутфит“ или „леле колку е предобро облечен човеков“ и со тоа останале запаметени кај мене.

Се водиш ли по некоја животна философија?

Мојата животна философија е самата философија. Просто ја љубам философијата како дисциплина со сите нејзини загонетки, тешки плетки и зезнати и неможни за разбирање работи. Многу философски концепти ми влијаат различно на различни сегменти во животот. Па така, ако би зборувале за поезија се водам по поетичката теорија на Платон за божествено вдаховдение – се водам по неговото учење дека за едно поетско дело е неопходен ентусијасираниот вдах од Музите, а Музи во животот сум препознал во неколку (да не речам: многу) личности. Ако би зборувале за некаква морална философија во животот дефинитивно би ја препознал Аристотеловата теорија за средната мера во моите одлуки. А ако би зборувале да речеме за некакви политички или општествени теми дефинитивно сум свртен кон утопистичките теории за софократија, повторно, на Платон и Утопијата на Томас Мор. Така и во себе-носењето со сопствениот стил: дефинитивно некогаш би сакал да се вратам во стара Хелада и барем на еден ден да носам од оние тоги кои ги носат философите во тоа време.

Како би ја дефинирал ендемичната мода во Скопје?

Ми се допаѓа ова „ендемичната мода“! Од еднастрана знам премногу луѓе кои имаат специфичен, ~свој~ стил со кои гордо и уникатно се носат, но од другастрана сфаќам дека објективно тие луѓе се малку во целиот простор на нашето дејствување. Не знам, искрено, како би ја дефинирал. Можеби како нешто кое не треба да претставува загрозен ендемичен вид. Во многу интервјуа на „Скопје се носи“ сум сретнал еден интересен момент каде што се истакнува она „им фали малку повеќе храброст на луѓето кога станува збор за мода“, и можеби навистина би се сложил со тоа. Уникатен стил и стил вон некакви „нормални рамки“ не треба да се табу тема, особено кога станува збор за стил на мажи и апсолутно секој треба и може да си го оформи својот стил на носење и да се носи баш така како што сака, без да биде стигматизиран од околината. Па така, што повеќе луѓе во ендемична мода – толку повеќе разбивање општествени табуа. И тука би се навратил на еден момент од погорните одговори каде што велам „стилот е како една алка од синџирот на општествени дејства“, баш во ваквата определба на стилот како средство за разбивање стигматизации, тој добива еден поширок општествен контекст од само прост индивидуален стил, па вака би се потврдиле и неколку историски случувања каде што одреден стил менува целокупна општествена состојба.

И да, уште ова: кога станува збор за ендемичната мода во Скопје, таа дефинитивно го одржува урбаниот, креативниот и уметничкиот дух на Скопје наспроти сиот кич, блуд и некултура кои се премногу присутни во нашиот ни град, за жал.

Колку сметаш дека стилот е начин на самоизразување? Што е според тебе стил кај еден човек, преку што најчесто се истакнува?

Премногу е начин на самоизразување. Стилот е уметност сам по себе. Стил кај еден човек е сè што тој прави. Стилот на носење како најрепрезентативниот и оној кој од прва највеќе се приметува, па понатаму начинот на говор, интереси, обожување на одредени видови музика, книги, театар, философија. Лично кај луѓе, што е и нормално бидејќи тоа прво се гледа, најпрво го заприметувам и правам „анализи“ на тоа што човекот би бил според неговиот стил на носење. Но откако ќе навлеземе во повеќе детали после запознавањето тоа оди во втор план, па приоритетни доаѓаат музиката, интереси и „животната философија“ како примарнии нешта за еден стил на човека.

Што ти го покрева духот? 

Уф! Многу работи. Зависи од периоди и како се чувствувам во нив. Некогаш за поткрепа на духот ми е доволно една песна или албум (моментално тоа е новото ЕП на Фолтин), а некогаш ми се потребни десетици и десетици напишани песни или, пак, читање книга, муабет, правење анализи на самиот себеси, концерти, претстави итн. Но, општо: уметноста. Во секој нејзин вид. Впрочем тоа е и до некаде нејзината функција, барем јас уметноста која ја оставам на луѓе ја разбирам така т.е. со надеж дека мојата уметност ќе покрене нечив дух, а можеби и ќе инспирира.

Што те инспирира и за што? Од каде највеќе црпиш идеи?

Ме инспирира сè, секој и сенешто. Ме инспирираат, повторно, музика, филмови, концерти, претстави, книги, муабети со луѓе, настани. Но највеќе сакам и најважно ми е кога ме инспирираат луѓе. Тоа чувство е единствено и со самиот факт дека тој човек веќе никогаш во животот нема да биде присустен во животот баш така како во тој инспиративен момент ми е премногу предизвикувачки. Можеби затоа и такви инспиративни ситуации со луѓе си ги прераскажувам во ноутс или ги запишувам во тефтер, па така барем малку би останале засекогаш присутни со мене. Па ваквите инспирации потоа ги користам за пишување стихови или приказни – дел отпосле јавно објавени или интимно подарени на инспиративната личност или засекогаш сокриени некаде низ страните на моите тефтери. И секако, заборавив да напоменам, љубов. Иако звучи клише, премногу ме инспирира и тоа без разлика дали станува збор за пријателска или интимна или еротска или платонска или дадена од сожалување или не знам каква љубов, едноставно љубовното кликнување со одредена личност ми е инспиративно само по себе. Та оттука следи некој мој креативен изблик.

А за идеите и тоа од каде ги црпам – од сево ова, од сите луѓе. Сè што одговорив се некакви идеи кои дошле благодарение на некои луѓе кои постојат сега во овој момент или постоеле пред 5, 50, 100, 300 или 2500 години. Затоа и во збирката, во нејзината воведна реч велам: „беседење со неа се сите разговори кои ги има секој од нас со неа, а „неа“ е сè и секој, и љубената, и смртта, и философијата, и поезијата, и публиката“. Па идеите се од неа, од сè!

*Фотографии: Николина Огненовска

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply